Министерот за одбрана на Јапонија, Шинџиро Коизуми, преку објава на социјалната мрежа X информираше дека ја остварил својата прва средба со министерот за одбрана на Република Македонија, Владо Мисајловски.
Во објавата, Коизуми истакна дека разговорот бил насочен кон унапредување на билатералната соработка, потсетувајќи дека минатата година била реализирана посетата на министерот за надворешни работи, што била прва таква посета по три години.
„Прва средба со министерот за одбрана на Република Македонија, Мисајловски. Минатата година беше реализирана посетата на министерот за надворешни работи, прва по три години, па со голем интерес се разговараше дека следната посета би можела да биде на министерот за одбрана. Очекувам понатамошно продлабочување на нашата соработка во иднина“, напиша Коизуми.
Средбата претставува уште еден чекор во развојот на односите меѓу Македонија и Јапонија, со акцент на зајакнување на соработката во областа на одбраната, безбедноста и регионалната стабилност.
Разговорите се оценуваат како значаен придонес за натамошно продлабочување на партнерството меѓу двете пријателски земји, во време кога меѓународната безбедносна соработка има сè поголемо значење.
Средбата, која се одржа во рамките на НАТО самитот во Анкара, ја потврдува заедничката определба на Македонија и Јапонија за јакнење на билатералните односи и унапредување на соработката во областа на одбраната, безбедноста и меѓународната стабилност.