Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче
На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите лекции по анатомија во прва година, за што не многу, но сепак ми се плаќаше.
По три месеци го положив последниот испит од интерна медицина кај познатиот професор Форнет Бела со највисока оценка пет, и ме праша каде и кога толку сум поцрнел. Му реков на Јадран, а тој ме праша дали сум бил во Опатија. Му кажав дека тоа беше лани, а тој пак, ми рече дали сум видел таму една скулптура на девојка со гулаб на раката на плажата. Му одговорив потврдно. Ех, таа девојка да знаеше да зборува, ќе ти кажеше многу нешта за мене, додаде, кога како студент бев таму во 1916 година. За малку тој ќе се расплачеше од спомените.
Во октомври ние странците студенти имавме вечера во хотел, а решивме јас да го поканам ректорот Јухас со сопругата. На масата тие седеа до нас. Тој ме знаеше мене поради тоа што кај него ги положив испитите од неврологија и психијатрија. Исто така, тој ме видел во мај, кога во клубот за студенти ние странските студенти имавме приредено вечеринка исполнета со наш фолклор.
Јас го замолив Крсто заедно да ја испееме песната „Билјана платно белеше“. Тој се откажа и јас морав сам да ја испеам познатата македонска песна. Исто така, јас бев конферансие на целата програма. Не знам како не се уплашив кога пред публиката реков, меѓу која имаше и многу професори, дека ако одиш во Виена, на дуќанот одлево ќе видиш дека има банани, а оддесно портокали. Во Будимпешта, пак, одлево беа снимки со Ленин, а оддесно со Маркс, на што сите се смееја. Тогаш мислев дека сите до еден професор што бил член на Партијата, е убеден комунист.
Ректорот ме праша што ќе правам од септември следната година кога ќе завршам, на што му одговорив дека сонувам да станам спортски хирург. Ми рече кога ќе ги положам сите државни испити, него да го посетам. Поради познавањето со секретарот на Партијата и градоначалникот на Дебрецен, во декември ни дадоа еден стан на првиот кат во центарот на градот, со мала бања и кујна со шпорет на јаглен или на дрва. Таму се вселив за Новата 1965 година и приредив прослава за нашите пријатели.
Во мај добив писмо од мајка Јана од село, во кое ми пишуваше дека ќе дојде со воз да ме посети во Дебрецен. Многу ме израдува тоа писмо и со нетрпение очекував кога ќе ја видам мајка Јана, која во тешките времиња ме порасна и се грижеше и направи сè за мене исто како да ми е биолошка мајка, затоа што само радост ми носеше нејзината љубов што ја покажуваше кон мене.
Мајка Јана ми напиша во писмото кога ќе пристигне и јас отидов на железнич-ката станица да го пречекам експресниот воз од Будимпешта, со кој требаше да пристигне. Кога сите слегоа од возот, мајка Јана ја немаше и многу тажен тргнав кон дома. Со солзи во очите на Мара и´ реков дека мајка ми Јана не пристигнала.
По околу половина час, едно младо момче тропна на вратата и ми рече дека долу е мајка ми и дека таа на коверт му ја покажала адресата и така со трамвај дошле. Веднаш со голема брзина слегов по скалите и ја видов милата мајка, која не ја имав видено цели 27 години, уште од далечната 1948 година. Ја прегрнав и така плачевме на улица без да можеме да проговориме еден збор од голема радост и тага истовремено.
Со Мара и´ помогнавме на мајка Јана да се качи на првиот кат до малиот стан каде што сопругата имаше подготвено убава вечера. Мајка ми имаше донесено едно печено јагне и се чудевме како не се расипало по дводневното патување. По добивањето на нејзиното писмо, за мајка Јана купивме уште еден кревет.
Мајка ми остана кај нас десет денови и сите тие денови сопругата Мара и´ посвети многу внимание, ја шеташе по градот и се трудеше на секој начин да и´ угоди и да и´ го направи пријатен престојот. Мене и денес многу ми е жал што јас тие денови морав да одам на работа на стажирање во клиниката за детски болести и не можев постојано да бидам со мојата мила мајка Јана.
По десет денови, ја испратив мајка Јана до Будимпешта, каде што ја сместив во возот за Белград и Солун, каде што ја чекал татко ми Методи. Пред да влезе во возот, мајка долго ме гледаше и со голема тага ми рече:
„Мило мое чедо, нема пак да те видам, ама сум радосна затоа што јас сакав ти да станеш трговец, но ти ќе бидеш прв лекар од нашето село и јас сум многу горда на тебе“ и почна пак, да плаче.
Неизмерна е мојата тага што мајка Јана не преживеа до времето кога бев во Канада и кога имав многу поголеми можности да и´ помогнам на стари години. За жал, таа почина во селото уште кога бев во Унгарија.

Мара и татко ми Методи на свеченоста по добивањето на Дипломата на Медицинскиот факултет во Дебрецен на 11 септември 1965 година
Во летото 1965 година, на една недела бевме на одмор во Домот за странски студенти во Балатон. Таму беше еден студент од Будимпешта од курдско потекло, кој се чудеше колку знам за Курдите.
На крајот на годината пак имав среќа. Проректорот, кој беше професор по биологија и уште беше многу хуман човек, кој поминал низ логорите на германските нацисти, решил да има конкурс за тоа кој ќе остане во рамките на Факултетот. Тој имаше две ќерки кои не учеа да станат лекарки, така што тоа што тој го измислил не беше против неговите ќерки, туку против другите деца на професорите кои сакале да им работат во клиниките или по катедрите на Медицинскиот факултет.
Тој решил секој студент да може максимално да има 30 бода, од кои 10 од индексот, 10 од младинската работа и 10 од кружоците, ако им предавал на младите студенти. Јас добив максимално 20 бода од индексот и од предавањата по анатомија на студентите, а само 5 од младинската организација.
Раководителите од нашата организација, кои беа пет, си дадоа себеси по 10 бодови. Така, од 120 студенти кои беа завршиле таа година, јас бев на 12 место. Ако ми дадеа 10 бода од Организацијата ќе имав максимални 30 бода и ќе бев прв. Го посетив ректорот и му реков дека сакам да станам спортски хирург, како што му бев рекол. Ми кажа дека тој се интересирал кај професорот на травматолошката клиника, каде што јас бев пациент кога работев во Ганз, и му рекол дека за да станам травматолог мора прво да завршам специјализација по генерална хирургија.
Ме праша на кое место сум според распоредот по бодови на проректорот Сабо. Му реков на 12, а тој додаде ако некој не сака да стане хирург пред мене, јас да земам да специјализирам едно место во Првата хируршка клиника. Така, никој од студентите пред мене не се јави да стане хирург и јас ја добив единствената позиција на хируршката клиника.
На 11 септември 1965 година, во големата аула на Универзитетот „Кошут“, ректорот на Медицинскиот факултет проф. Јухас нè прогласи за лекари со титулата доктор пред името. Во аулата, во првиот ред седеа татко ми Методи, кој поради таа прослава дојде во Дебрецен, заедно со Мара. По прославата со родителите на Мара, ги поканив уште со Ева, со татко ми и со Левенте и Магда на свечен ручек во хотелот „Златен бик“.
Раководителите на градот го однесоа татко ми на вечера дури во Хортобаг. На една вечера ние ги поканивме раководителите во еднособниот стан и јас бев преведувач меѓу татко ми и раководителите на градот. Тие тогаш дознаа како татко ми ги знае раководителите на унгарската советска република од 1919 година. Татко ми им рече дека во последните години од 16-годишната робија имале право да се дружат во затворот и да учат марксизам-ленинизам од учените грчки комунисти.
Кога татко ми Методи беше во Дебрецен, семејството на братот на таткото на Мара, нé покани во градот Нирегхаза кој беше 50 километри северно од Дебрецен и приредија прекрасен ручек во чест на татко ми. Тие и мене често ме посетуваа додека живеев во Дебрецен.
На 13 септември 1965 год. се појавив кај професорот Селецки, во Првата хируршка клиника, но и малку се плашев, зашто тогаш дознав дека немал никаква улога да ме прими мене во Клиниката. Мислам дека поради несогласувањето од професорите, распоредот направен од професорот Сабо не продолжил така во следната година и така, пак имав среќа, зашто кога јас завршив, професорите немаа право да изберат кој ќе работи кај нив. Сигурен сум дека јас не ќе бев избран да работам во Првата хируршка клиника со професорот Селецки.
Продолжува
Ознаки: Лефтер Манче, Патот до врвот, Дебрецен, Медицински факултет, македонски лекари, Унгарија, хирургија, медицинско образование, македонска дијаспора, животни приказни