Фељтон

ЛЕФТЕР МАНЧЕ – СТУДЕНТ НА НАЈПРЕСТИЖНИОТ ФАКУЛТЕТ ЗА ФИЗИЧКО ВОСПИТАНИЕ НА СВЕТОТ- (18)

Славе Катин

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Факултетот за физичко воспитание беше сместен во Будим, во близинајужната железничка станица и до улицата „Јанош Киш“ каде што живеев во 1951/52 година во Домот како ученик во гимназијата „Шандор Петефи“. Главната зграда била изградена во 1925 год., а подоцна се изградени уште една сала за ракомет, за кошарка и нов дом со 3 ката, пет години пред јас да стигнам таму.

Пред главната зграда имаше игралиште со патеки за атлетика, каде што можев да скокам со стап. Само пред 4 години, поради тоа што бев заболен и опериран, не можев да учествувам на гимнастичките активности и вежби што во Детскиот дом ни беа задолжителни пред појадок, а сега станав студент на Факултетот за фискултура и спорт. Новата зграда на Студентскиот дом со 3 ката имаше модерна кафетерија за нас, а секој кат имаше уште 3 до 4 тушеви со топла вода. Јас бев сместен во една соба со уште еден студент.

По обичај, во септември сите нови бруцоши требаше да бидат удирани со рака по грбот, а јас добив повеќе шлаканици, затоа што не ги поздравував студентите од погорните години. На Факултетот најдов и други студенти кои биле примени без приемен испит. Во тоа време, Министерството за образование имало право да запише седум студенти, а и Ректорот имал право да прими тројца студенти без полагање приемен испит.

Во прва година, како и за време на другите години на студиите, главно вежбавме атлетика и гимнастика и други видови игри со топка. Јас многу пати неделите ги поминував кај мојот пријател Благој Шклифов, кој тогаш се ожени со една Унгарка, исто така студентка на Лениновиот институт, кои сега живееја во една вила недалеку од мојот дом. Вилата и´ беше доделена на мајката на неговата сопруга во 1951 год., кога државата му ја зела на сопственикот, инаку познат адвокат.

Таа година стотици вили беа земени на тој начин и многу сопственици беа истерани од своите вили и принудени да живеат надвор од Будимпешта. Но, неколку години по Револуцијата, вилите им биле вратени на газдите, со тоа што тие требало да им обезбедат станови на оние кои дотогаш живееја во вилите.

Значи, иронијата беше во тоа што сопствениците на вилите беа двапати оштетени, а грубо речено натрапниците два пати беа во добивка. Во септември 1956 год., јас почнав да живеам во соба за двајца. Тогаш дојде да студира за тренер по фудбал еден од Атина, кој беше некои 5 до 6 години постар од мене и се викаше Димитрис Папарсениу.

Тој порано играл за грчкиот национален тим од Б категорија. На 14 октомври 1956 год., Унгарија играше фудбал со Австрија во Виена, а националниот тим Б играше во Будимпешта. Судиите, тројца Грци, биле од Атина. Агенцијата за фискултура и спорт знаела дека на Факултетот има еден студент кој зборува грчки. Така, од деканот побарале јас да бидам преведувач.

Се играше на новиот стадион, кој имаше капацитет од 100 илјади гледачи, но не беше целосно полн. Јас седев долу со другите грчки играчи кои не играа. Мислам дека Унгарија победи, а банкет за двата тима, заедно со судиите и со мене, беше приреден во ресторанот „Гундел“, кој го сметаа за најдобар ресторан источно од Париз. Познатиот готвач и угостител Гундел лично од Париз дошол во Будимпешта да го отворил ресторанот во 1911 година.

Месецот октомври, од политички аспект, беше многу немирен месец. Од врвот на Партијата во јуни беше сменет диктаторот Маќаш Ракоши, а новото државно раководство отиде на посета кај Тито, со цел таа посета позитивно да влијае на политичката атмосфера во Унгарија. Но, тоа, за жал, не помогна. Неколку денови пред 23 октомври 1956 год., на многу факултети во Будимпешта и во други градови, почнаа да се формираат други младински организации, одделени од Унгарската работничка младинска организација.

На 23 октомври 1956 година, нè повикаа да одиме на плоштадот „Генерал Јозеф Бем“, кој бил од Полска и се борел против Австријците во унгарската револуција од 1848/49 год. На Плоштадот бевме собрани многу илјади студенти и еден тогаш познат актер почна да ја рецитира познатата поема на Шандор Петефи, напишана во 1848 год.:

„Унгарци, на нозе, сега или никогаш“. Толпата стануваше сè поголема. Некој рече сите да одиме кон Парламентот, а студентите од Факултетот за физичка култура да бидат во првиот ред. Така, ние ја водевме толпата преку мостот „Маргарета“, на другата страна на Дунав во Пешта, каде што е сместен можеби најубавиот Парламент на светот.

Унгарскиот универзитет за физичка култура

Кога стигнавме пред Парламентот, веќе беа собрани над 100 илјади демонстранти кои почнаа да викаат: „Сите Руси надвор од Унгарија“ и „На најдобрите гости три дни им се доста, а не 12 години“, и „Долу црвената петокрака“. Таа беше огромна, стоеше на највисоката главна купола на Парламентот и беше невозможно да се повлече оттаму. Понатаму демонстрантите извикуваа

„Го сакаме Имре Наѓ“ (1896–1958), кој беше премиер и реформист на Унгарија од јуни 1953 до 1955 год.

Зградата на Политбирото на КП на Унгарија беше некои 100 метри од Парламентот и таму се одржуваше итно заседание на Партијата, а Имре Наѓ бил вратен на позицијата премиер. Тој околу 11 часот дојде во Парламентот и низ прозорец му се обрати на народот со зборовите:

„Другари“, но народот почна да го исвиркува, зашто тука немаше другари. Сето тоа не ми се допадна, бидејќи бевме воспитани во социјалистички дух, а и моите најблиски браќа загинаа за социјализмот и слободата. Видов дека се оди против народната власт и пешки се вратив во домот.

Утредента, изутрината, кај мене дојде еден пријател студент Бугарин, чија мајка работела во бугарскиот културен центар, и ми кажа дека цела ноќ се пукало и дека почнала револуција. Ми рече: „Ајде да одиме кон Парламентот, зашто факултетот е затворен.“

Преку мостот „Маргарета“, како и претходната вечер, така и оваа стигнавме во Пешта, до белата модерна зграда на Министерството за внатрешни работи. Таму, од нас полицијата побара лични документи, но јас немав и ми наредија: „Горе рацете и напред кон зградата“.

Во полицијата ме сместија во подрум два ката подземи, а собата беше полна со други луѓе. Подоцна нè прашаа кои сме. Јас им реков дека сум студент и дека таму имам документи. Му ѕвонеа на деканот, кој им рече дека сум грчки студент и дека татко ми е в затвор, а тројцата браќа и мајка ми животот го загубиле во Грчката граѓанска војна. Напладне веќе се враќав дома.

Во градот се слушаа пукотници од оружје и немаше настава на Факултетот. Јас на 30 октомври 1956 год. се движев по плоштадот

„Москва“ во Будим, кога видов два камиона полни со советски војници упатени кон центарот. Унгарците го нападнаа вториот камион и убија неколкумина војници. Еден од нив истрча и се скри во зграда со многу станови, а на средината мала авлија. Почнаа да викаат кој зборува руски.

Јас се јавив и тие ми рекоа со нив да одам во авлијата и да викам на руски јазик по избеганиот војник дека ако се предаде, тие нема да го стрелаат. Не знаеја каде е скриен војникот, но и се плашеа да одат од врата на врата да го бараат. По малку време тие се повлекоа, а јас и сега се прашувам како можев да направам таква грешка и да си играм со мојот сопствен живот…

Продолжува

Најново од: Фељтон

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

Дел од патувањата на Лефтер и Мара на Балканот (25)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Една недела пред 26 јули 1963 год. со воз отидовме во Опатија. Кога излеговме од автобусот, зашто од Риека до Опатија патувавме со автобус, цела Опатија сјаеше од светилки. Секаде по улиците се движеа западни коли – од мерцедес до бе-ем-ве – а во Унгарија […]

Дел од животната сторија на Лефтер и Мара (24)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче По третата година од студии мораше да одиме еден месец на обука во болници по интерна медицина. Јас решив да одам во туристичкото село на северниот брег на Балатон, кое се вика Балатонфуред. Селото Фуред има значење како Охрид и Охридското Езеро за Македонија. Таму, […]

МЕДЕНИОТ МЕСЕЦ НА ЛЕФТЕР И МАРА МАНЧЕ (23)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче Во летото 1960 година, кога повторно бев преведувач на една бугарска група на Балатон, таму на одмор престојуваше и Мара со своите родители и со Ева. Ја поканив да дојде со мене со брод до Бадацон, каде што требаше да ручаме со групата составена од […]

To top