Македонски легенди

„Македонија ќе биде слободна!“ – Александар Турунџев (1872–1905)

Александар Турунџев е роден во 1872 година во селото Горно Врбени, Леринско, а се самоубил 30 август 1905 година во Битола. Македонски револуционер, илинденец и војвода, тој останал запаметен како еден од симболите на непокорот и саможртвата во борбата за слободна Македонија.

Македонија ќе биде слободна!“ –тоа биле последните зборови на Александар Турунџев пред неговото погубување на битолскиот Ат-пазар.

Една кратка реченица, а во неа цел еден живот, една борба и еден идеал.

Од Леринско во редовите на македонската револуција

Александар Турунџев потекнувал од Леринско, крај кој на преминот меѓу XIX и XX век бил едно од жариштата на македонското револуционерно движење.

Уште како млад се приклучил кон револуционерната организација. Најнапред бил четник, а подоцна станал војвода. Неговото име станало познато меѓу населението во Леринско, Битолско и Долна Преспа, каде што дејствувал и ја одржувал револуционерната мрежа.

За Турунџев борбата не била пат кон лична слава. Таа била избор на живот во постојана опасност – по планините, селата и патиштата на Македонија, секогаш со можност следниот ден да биде последен.

Кога во 1903 година избувнало Илинденското востание, Александар Турунџев со својата чета активно учествувал во борбите во Леринско.

Илинден бил големиот испит на една генерација која поверувала дека слободата не се подарува, туку се освојува.

По задушувањето на востанието, за Турунџев борбата не завршила. Наместо да го напушти револуционерното дело, тој продолжил да работи на обновување на организациската мрежа во Леринскиот крај и станал дел од новиот состав на Леринското горско началство.

Следувале нови тешки денови. Османлиските власти трагале по револуционерите, а во македонските села постојано се водела борба меѓу надежта за слобода и стравот од предавството.

Кон крајот на 1904 година Турунџев бил предаден во селото Ајтос, Леринско за награда од 150 жолтици од Митре Гинката .

Бил заробен и одведен во Битола, каде што бил затворен и изложен на тешки измачувања. Но, затворот не успеал да го скрши неговиот дух.

Османлискиот суд го осудил на смрт.

На 30 август 1905 година требало јавно да биде погубен на Ат-пазар во Битола.

Власта сакала неговата смрт да биде предупредување за народот.

Но Турунџев ја претворил бесилката во симбол на непокорот.

Со пранги на рацете и нозете, Турунџев бил изведен низ Битола. Поворката се движела од Саат-кулата, покрај Безистенот и Драгор, кон Ат-пазар.

Според сочуваните раскажувања, илјадници битолчани излегле на улиците и се приклучувале кон поворката. Луѓето ги затворале дуќаните и го следеле војводата кон местото на погубувањето.

Пред него стоела бесилката.

Пред него била смртта.

Но неговата мисла останала со Македонија.

Кога бил прашан кои се неговите последни зборови, Турунџев гордо погледнал кон небото и извикал:

„Македонија ќе биде слободна!“

Потоа самиот го ставил јажето околу својот врат, не дозволувајќи им на џелатите да го направат последниот чин.

Така завршил животот на Александар Турунџев.

Но не завршила неговата порака.

Османлиската власт можела да го погуби човекот, но не можела да ја погуби идејата за која тој се борел.

Токму затоа зборовите „Македонија ќе биде слободна“ го надживеале Турунџев.

Тие се пренесувале од генерација на генерација како завет на човек кој во последните секунди од својот живот не молел за милост, не се откажал од својата борба и не ја наведнал главата.

По неговата смрт, илјадници граѓани го испратиле до неговото последно почивалиште кај црквата „Света Недела“ во Битола. Во народот останала и песната „Црно му било пишано на Александро Турунџев“, преку која споменот за војводата продолжил да живее.

Повеќе од еден век по неговата смрт, Турунџев останува дел од историската меморија на Битола и Македонија.

Во 2025 година, по повод 120 години од неговото погубување, во Битола беше откриен споменик посветен на војводата. На него е испишана токму пораката со која неговото име остана во колективното паметење:

„Македонија ќе биде слободна“.

И во 2026 година, 121 година по неговото погубување, Битола повторно му оддаде почит на македонскиот револуционер и војвода.

Александар Турунџев – име што не го покри заборавот

Животот на Александар Турунџев траел само триесетина години, но неговото име останало повеќе од еден век.

Затоа што постојат луѓе чиј живот не се мери според бројот на проживеаните години, туку според идеалот за кој биле подготвени да го дадат животот.

Турунџев бил еден од нив.

Од Горно Врбени, преку илинденските борби во Леринско, до бесилката на Ат-пазар во Битола, неговиот живот бил врзан за една мисла – слободата на Македонија.

На бесилката можеле да го запрат неговиот живот.

Но не можеле да ги запрат неговите зборови.

„Македонија ќе биде слободна!“

Тие зборови останаа неговиот вечен завет до идните македонски поколенија.

Слава му на војводата Александар Турунџев!

Црно му било пишано на Александар Турунџе

Црно му било пишано
на Александро Турунџе,
шеснајсгодишен војвода,
на седумнајста го фатија.

Го турија во зандани,
во тие тесни долапи,
чифте белегзии на раце
и дробен синџир на гуша.

Телеграм дојде од Стамбол
за Александар Турунџе,
да си ја види невестата
и својте дробни дечиња.

Го изведоа на Ат-пазар,
му ја кажаја бесилката,
цела се Битола расплака
за Александро Турунџе.

Бог да убие кодошот,
кодошот Митре Гинката,
што го предаде Турунџе,
тој неустрашен бунтовник.

Тој го предаде Турунџе
за сто и пејсет жолтици,
за сто и пејсет жолтици,
на тие клети душмани.

 

Најново од: Македонски легенди

Ибе Паликуќа – една од најмладите народни хероини од Македонија

Ибе Паликуќа (Дебар, 1927 – Шутово, Кичевско, 22 септември 1944) била учесничка во Народноослободителната војна во Македонија и една од најмладите жени од Македонија прогласени за народни херои на Југославија. Како борец и политички активист, својот живот го загубила на само 17-годишна возраст. Ибе Паликуќа е родена во 1927 година во Дебар, во албанско семејство. […]

Христофор Жефарович – првиот македонски хералдичар

Христофор Жефарович (околу 1690 – 18 септември 1753) бил зограф, иконописец, бакрорезец, калиграф, калуѓер, трговец и печатар од Македонија. Се смета за прв македонски хералдичар и еден од најбараните уметници на просторот од Солун до Пешта во XVIII век. Во 1741 година во Виена ја објавил книгата „Стематографија“, во која се претставени грбовите на повеќе […]

Драган Богдановски – живот посветен на слободна и независна Македонија

На 18 септември 1929 година во селото Клечовце, Кумановско, е роден Драган Богдановски, починал на 31 мај 1998 година во Данска, на пат од Шведска кон Германија. Подоцна бил погребан во Куманово Драган Богдановски е еден од најистакнатите македонски политички емигранти по Втората светска војна, долгогодишен борец за македонската национална кауза, претседател на ДООМ и […]

Лилјана Чаловска – писателка, борец и учесничка на АСНОМ

Лилјана Чаловска (3 декември 1920, Софија – 20 јули 1997, Скопје) е македонска писателка, учесничка во Народноослободителната борба и општествено-политичка дејка. Била делегат на Првото заседание на АСНОМ и член на Претседателството на АСНОМ, а значајна трага оставила и во македонското новинарство и литература. Лилјана Чаловска е родена на 3 декември 1920 година во Софија, […]

Владислав Ковачев – Македонец до срж, а малку познат меѓу Македонците

„Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за неа. Ја сакам Македонија повеќе од сè друго на светот.“ Кој бил Владислав Ковачев? Владислав (Славчо) Михаилов Ковачев е роден на 5 јануари […]

Оскар Давичо – писателот што со перо сведочеше за борбата на партизаните на Маркос

Оскар Давичо е роден на 18 јануари 1909 година во Шабац, во еврејско семејство, а починал на 30 септември 1989 година во Белград. Бил истакнат српски и југословенски писател, поет, есеист, преведувач, новинар, револуционер и учесник во антифашистичката борба. Оскар Давичо потекнувал од сефардско еврејско семејство. Детството го минал во Шабац, а образованието го продолжил […]

Васил Ивановски – истраен борец за македонската национална посебност

Васил Ивановски (18 октомври 1906 – 1991) е македонски национален деец, комунист, публицист и историограф. Во своите трудови ги користел и псевдонимите Динко Динков и Бистришки. Васил Ивановски е роден на 18 октомври 1906 година во костурското село Ловраде, во Егејскиот дел на Македонија, а починал во 1991 година во Софија. Во 1907–1908 година, во […]

Михаил Чаков – војводата што ги зачува светите мошти на Гоце Делчев

Михаил Чаков е роден на 16 март 1873 година во Гуменџе, Егејскиот дел на Македонија, а починал на 17 септември 1938 година во Софија. Михаил Чаков бил македонски револуционер, илинденски војвода, соработник на Гоце Делчев и човекот што ги пронашол, прибрал и со години ги чувал неговите посмртни останки. Михаил Чаков е една од оние […]

To top