|
||||
КНИГА СО ДОСЕГА НЕПОЗНАТИ ВО НАШАТА ЈАВНОСТ СВЕДОШТВА ЗА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА |
Неодамна во електронски формат е објавена книгата „МЕЃУ ПАРТИЗАНИТЕ НА МАРКОС“ од познатиот српски писател и новинар од еврејско потекло Оскар Давичо. Оскар Давичо (роден во 1909, а починал во 1989 година) бил голем вљубеник во егејскиот дел на Македонија и во 1947 година во екот на Граѓанската војна во Грција, заедно со група странски новинари во рамките на Комисијата на Обединетите нации, го посетил егејскиот дел на Македонија, по што своите доживувања и записи ги објавил во обемна книга од близу 400 страници, која досега не беше објавена во Македонија. Во книгата, освен описите на градовите и селата во егејскиот дел на Македонија и луѓето во нив, објавени се и сензационални сведоштва од Граѓанската војна во егејскиот дел на Македонија! Меѓу нив објавено е и досега непознато во нашата јавност интервју со генерал Маркос од 1947 година во кое тој јасно ги признава Македонците како посебна нација! Објавени се интервјуа и со други команданти на ДАГ, кои исто така јасно сведочат за постоењето на Македонците во егејскиот дел на Македонија, а сведочат и за теророт што Македонците го доживувале од сите грчки влади од Балканските војни, па наваму.Во книгата се интервјуирани и Македонци борци на ДАГ кои јасно се декларираат како Македонци. Оскар Давичо Книгата од Оскар Давичо била објавена на српски јазик во 1947 година, но по само неколку месеци, во 1948 година, книгата била забранета во тогашна Југославија поради судирот помеѓу Тито и Сталин и поддршката на генерал Маркос на Сталин. Неодамна благодарение на нашиот историчар и писател Александар Донски книгата е пронајдена и од неа за прв пат на македонски јазик е објавен избор од најударните стотина страници. Потоа, по иницијатива на Донски, овие вредни историски податоци се преведени и на англиски јазик со цел по електронски пат да бидат испраќани на странските субјекти. Конечно, имајќи го предвид фактот дека Македонците кои денес живеат во егејскиот дел на Македонија зборуваат македонски, но читаат на грчки, книгата е преведена и на грчки јазик од страна на соработник на Донски од егејскиот дел. Според неговите зборови книгата на грчки јазик веќе масовно се споделува среде Македонците таму и за неа имало голем интерес. Покровител на објавувањето на оваа книга е Македонското Литературно Друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј со претседателот Душан Ристевски, во соработка со Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип со претседателот Стојан Димков. Спонзори на преводите на книгата се: Трајче Т. Трајкоски од Перт (Австралија), Александра и Горан Серафимовски од Австралија и „Maкедон - преведувачи и издавачи“ од Сиднеј, исто така од Австралија. За жал, заради недостиг на средства книгата во своите три верзии засега е објавена само во електронски формат. Со овој проект Александар Донски и натаму ја продолжува борбата со странските анти-македонски пропаганди и тоа на нивни терен, а ние како9 Македонци, треба да се поклониме и пред ликот и делото на Оскар Давичо, кој во книгата јасно напишал дека егејскиот дел на Македонија му е во срцето и чиј живот бил во опасност за време на престојот таму кога грчките монархофашисти му организирале и неуспешен атентат. Ја повикуваме државната и локалните власти да размислат околу оддолжување кон ликот и делото на Оскар Давичо преку именување на некоја улица со неговото име. На крајот како илустрација за страотните сведоштва за теророт на грчките монархофашисти против Македонците пренесуваме дел од изјавата на припадникот на ДАГ Ламбринас, која ја дал пред присутните новинари, а која е објавена во книгата на Оскар Давичо (цитираме): „...Деспина и Аницис Кавреки беа мачени со струја за да ја предадат илегалната печатница. Но, тие не ја предадоа и затоа ги убија! А другарот Вирон Хаџи го убија во Ксеномер. Другарката Христина Кјатипи од селото Алино ја силуваа и ја обесија со главата надолу со бајонет забоден во нејзината осквернавена женственост. Ја симнавме мртва од дрвото круша додека роеви црни мушички излегуваа од неа. Десет припаднички на ЕАМ од Агио Пантелејмон беа силувани и тепани со стапови, а потоа беа врзани со каиши за стругарата како во Средниот век. А Деспотос, млад работник во истата стругара, жив го исекоа долж неговото тело со двојна пила како што се сечат талпите. А неговата бремена жена ја пресекоа на три дела од главата до стомакот...“ Постојат и други вакви страотни сведоштва за теророт врз Македонците, кои никого нема да го остават рамнодушен и со кои треба да биде запозната и меѓународната јавност. Наведуваме и изјава од интервјуто со генерал Маркос објавено во книгата од Оскар Давичо (цитираме): „За краткото време на власта на ЕАМ од септември до декември 1944 година Славомакедонците имаа можност да се уверат дека нивните надежи не беа залудни. Тие тогаш рамноправно, заедно со грчкиот народ, уживаа во плодовите на слободата. Тие слободно зборуваа на својот јазик, печатеа свои весници, отвораа училишта во кои се предаваше нивната историја...“ Трите верзии од книгата веќе се поставени на интернет на сло0бодно симнување и тоа на веб-страната на Виктор Бивел од Австралија, која е најбогатата веб-страна со книги за македонската историја. Книгите можат да се симнат до следните линкови: https://www.pollitecon.com/Assets/Ebooks/Among-the-Partisans-of-Marcos.pdf https://www.pollitecon.com/Assets/Ebooks/Megju-Partizanite-na-Markos.pdf https://www.pollitecon.com/Assets/Ebooks/Among-the-Partisans-of-Marcos-Greek-Version.pdf |