|
||||
Рождество на Пресвета Богородица-Мала Богородица |
Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица) 21/9 Празник на мајката на сите мајки Рождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата православна црква. Иако овој празник се смета за почеток на сите празници сепак тој почнал да се празнува многу подоцна. Дури откако ослабнало паганството, христијаните покрај на Исус Христос можеле да и одадат заслужено признание и на неговата мајка. Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони. Македонскиот народ како впрочем и сите христијани со многу внимание ги празнува повеќето празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Така е и во народните умотворби, како во поетските така и во прозните, така и во народните верувања и во народните обичаи. Затоа поголем број цркви низ цела Македонија го носат нејзиното име, а нејзините празници покрај со црковни свечености народот ги празнува и со народни собири, панаѓури и сл. што во минатото траеле и по неколку денови. Македонскиот народ со достојно внимание прославува неколку празници поврзани со името на Пресвета Богородица: Мала и Голема Богородица, Воведение на Пресвета Богородица, (празник познат уште и под името Света Пречиста), Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, Собор на Пресвета Богородица и др. |