|
|
МАКЕДОНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ, ДРУШТВА И АСОЦИЈАЦИИ ВО САД (35) |
ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН Македонските селски и околиски социјално – културни братства во САД ги зачувуваат своите национални вредности, а во исто време го збогатуваат мозаикот на мултинационалните култури во новите средини во Детроит МАКЕДОНСКИ ЛЕКТОРАТ ВО ДЕТРОИТ. Македонскиот јазик с# повеќе станува интересен за бројни лингвисти во САД и Канада, како и за младите генерации од македонско потекло кои пројавуваат интерес за корените на своите претци. Така, во септември 1991 година, со голема поддршка на професори на Универзитетот “Мичиген” во Ан Арбор, заедно со големото залагање и заинтересираноста на Македонците од МПЦ Св. Богородица во Детроит, беше отворен Македонскиот лекторат. На четири семестри беа запишани првите студенти кои ги завршиле студиите и тоа беа првите македонисти. Исто така, подолги години со успех работеше македонски лекторат во Портланд, Орегон, Сеатл, Вашингтон и во Темпи, Аризона. Така, во 1982 година бил отворен Лекторат по македонски јазик на Државниот универзитет во Портланд. На Универзитетот во Сеатл, започнал лекторатот во 1988 година. Потоа, во 1991 година за првпат македонски јазик се предавал на еден летен курс во Државниот универзитет во Темпи, Аризона (град збратимен со Скопје). Во 1995 година имало летен курс и на Универзитетот во Питсбург, Пенсилванија. “ОБЕДИНЕТИ МАКЕДОНЦИ” ВО ДЕТРОИТ. Иницијатива за формирање огранок на националната организација “Обединети Македонци” се родила на 16 ноември 1968 година во Торонто, а се реализирала на состанокот одржан на 7 јуни 1969 година во Детроит. Овој огранок на организацијата “Обединети Македонци” од Северна Америка бил единствен кај македонските доселеници кој бил активен во САД. Новата организација “Обединети Македонци”, пак, била формирана на 5 мај 2000 година, исто така, во Детроит. Таа е самостојна, но соработува со денешната организација “Обединети Македонци” од Торонто. Целите на оваа организација се меѓу другото, да работи за националното единство на Македонците каде било во светот, без разлика на нивното религиозно верување, политичко мислење или членство. АМЕРИКАНСКО-МАКЕДОНСКА БИЗНИС АСОЦИЈАЦИЈА. Оваа асоцијација била формирана во Детроит во 1990 година. Во неа членуваат одреден број бизнисмени од македонско потекло кои живеат во метрополата Детроит и други градови ширум САД. “АМЕРИКАНСКО-МАКЕДОНСКА АСОЦИЈАЦИЈА”. Оваа асоцијација била формирана од група познати и признати патриоти и бизнисмени. Тие македонски доселеници, чиј број е претежно од тетовскиот крај, ја регистрирале асоцијацијата во ноември 2001 година. Таа, меѓу другото, има за цел да ги зближи САД и Република Македонија на политичко и економско поле. Во состав на асоцијацијата со успех работи “Македонски фонд за помош”. Таа била организатор на мирните собирања, како и на многубројните средби, разговори, трибини и посети на расселените Македонци од Тетовско, што се одржаа во октомври 2001 година во Република Македонија. “Американско-македонската асоцијација” извршила силен притисок кај македонските и кај американските власти во врска со етничкото чистење на Македонците и враќањето на нивните огништа во Тетовско. “ПОМНИ”. Во почетокот на 2002 година, организацијата “ПОМНИ” (Преродба и обединување на македонските национални интереси) била регистрирана како хуманитарна асоцијација. Меѓутоа, таа е дел на политичката партија “ПОМНИ” во Скопје. Оваа организација е активна во Њу Џерси, во Чикаго и Детроит. КУЛТУРЕН КЛУБ “ШАР”. Оваа асоцијација била формирана во 1968 година во Детроит и вршела културна мисија меѓу Македонците. БСК “БЕЛОИШТА”. Белоишкиот спортски клуб е еден од најстарите и најактивните во Детроит. Тој бил формиран во 1972 година од доселеници од селото Беловиште, Тетовско, кои се едни од најбројните во метрополата Детроит. Тие се организатори на пикник и на селската слава посветена на св. Атанасиј. Клубот е сопственик на место и сала каде се одржуваат голем број прослави и другарувања. ФК “ВАРДАР”. Фудбалскиот клуб “Вардар” бил формиран на 23 јануари 1973 година од група спортски ентузијасти од Детроит. Името било дадено по углед на ФК “Вардар” од Скопје. Овој фудбалски клуб започнал да се натпреварува во Првата детроитска аматерска лига. Тој е од првите македонски фудбалски клубови во САД, кој постигнал завидни резултати во своето постоење. ДРУШТВОТО “МЛАДОСТ” ОД СТАРО СЕЛО. Едно од поголемите селски друштва во Детроит е, секако, друштвото “Младост” на доселениците од Старо (Старе) Село, Тетовско. Тоа е формирано во мај 1976 година, за селската слава Ѓурѓовден. Друштвото “Младост” е сопственик на фарма каде биле организирани голем број пикници, културни, спортски и други манифестации.
Панорама на Тетово ДРУШТВОТО “ИЛИНДЕН” ОД РОГАЧЕВО. Во државата Мичиген во САД има околу педесет семејства од селото Рогачево, а само во Детроит има триесетина семејства. Друштвото “Илинден” постои од 1979 година. Оттогаш доселениците од ова село го слават и верскиот и национален празник Илинден. Исто така, тоа ја организира и селската слава св. Спас, како сеќавање на славата во нивното село Рогачево. ДРУШТВОТО “КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ” ОД ТЕАРЦЕ е собиралиште на македонските доселеници по потекло од Теарце, Тетовско, кои живеат во Детроит и во Виндзор. Тоа е формирано на 8 јуни 1986 година, кога голем број теарчани и нивни пријатели од другите тетовски села организирале пикник. И денес ова друштво е доста активно и е организатор на теарскиот пикник и на славите посветени на Митровден и на Св. Никола. ПРАВОСЛАВЕН КУЛТУРЕН КЛУБ “МАКЕДОНИЈА”. Оваа асоцијација е продолжение на Културниот клуб “Шар” што бил формиран во 1968 година. Под новото име “Македонија”, клубот бил регистриран во 1988 година. КУЛТУРНОТО ДРУШТВО “ПОЛОГ”. Оваа асоцијација била формирана во септември 1988 година во Детроит. Името го добила поради бројноста на доселениците од Тетовско, односно од полошкиот крај. Уште на почетокот имало околу 350 членови. Друштвото е официјално регистрирано кај локалните американски власти во Детроит. Во првата година друштвото “Полог” започнало да организира пикник кој бил традиционален и на кои присуствувале македонските доселеници од сите делови на Македонија. Друштвото организирало повеќе игранки на кои се собрале финансиски средства за хуманитарни потреби. Една од таквите акции што ја спровело друштвото била изградбата на манастирот Св. Наум Охридски на Попова Шапка. Во поново време меѓу членовите на друштвото “Полог” се спроведени акции за обнова и изградба на православните цркви и манастирите во тетовскиот крај, особено за обновата на Лешочкиот манастир Св. Атанасиј. Друштвото “Полог” во првите години од основањето развивало многу успешна дејност, потоа активностите се намалиле. Во последните неколку години друштвото повторно зајакнува и развива бројни активности. Така, од 2000 година друштвото “Полог” е организатор на голф турнирот кој станал традиционален. Потоа, во состав на друштвото од септември 2001 година со успех работи македонскиот радиочас, а се организираат различни собирања и другарувања на голем број македонски доселеници од тетовскиот крај. ДРУШТВО “ПРЕСПА”. Основано е во 1988 година, како културно-просветна организација, во која членуваат македонските доселеници од Преспа. Според неговиот правилник, секој преспанец може да биде негов член и да биде избран во раководните тела на друштвото. Исто така, во него можат да членуваат и Македонци од други делови на Македонија, но без право на избор во управата. Друштвото “Преспа” било организатор на “Деновите на македонската култура”, манифестација која денес не се одржува. Неговиот паричен фонд се збогатувал од доброволни прилози и организираните игранки, концерти и сл. Дел од собраните средства се давани на црквата Св. Богородица, а дел и на црквата Св. Ѓорѓи Кратовски од Детроит. Прололжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |