Коментари

СЦИЛИТЕ И ХАРИБДИТЕ ПОСЛЕ ПРЖИНСКИТЕ СЕАНСИ

Петре Кривчевски

Во име на амбачадорот, црпнатиот и светиот НАТО, после исав преговори „падна“ договор за нови преговори за нов договор. Повлечи-потегни, држ-недај, нати го-дајми го, ти реков-ми рече, притисоци, закани, натегања, нагодувања, подметнувања, наседнувања, нарцизам, егоизам, влечење за уши јазик и партали… но, бидна! Формата без суштина, договорот за договор, би требало да вроди со избори доколку нема нови мафтосувања, маслосувања и изговори. Попарени од млекото во минатото, сакале нејќеле ќе дуваме и на маштеницата во иднина. Та не еднаш се случи Зоран рекол Заев одрекол па да му веруваш. Избори заговараме  – изговори бараме, сега-засега да одложиме и од фијаско куртулиме а за понатаму ќе пулиме ќе прајме.

Така, по навика СДСМ се пењави и глава ни пука со најави на победи пред избори за после да не признава порази. Мх-хм, лесно е да загубиш но тешко да поднесеш. Оти, според ними, гласаат сељаци, неписмени, стока, небањати… а кои на петнааести септември во 2002-та беа и искапени и не грешеа при тоа крукчињата во ливчињата позади параваните. Имаше и зошто. Им беа вратени фабриките од узурпаторите, директорите, парите откопани од пирамидите, од секое семејство беше вработен барем по еден и сите благодети на овој свет го пот(пл)иснаа ова парче земја и рака народ та воопшто немаше визи а ниту миграции. Абе мед и млеко, медовина по мустаќи на граѓаните им течеше, е сега што в уста на им дојде Бранко ли е крив? Па што побргу да „прави“ државникот? И да сака не може тој кај секоја сопруга да стигне и да и удоволи и ги задоволи сите нејзини високи, ниски, предни, задни и какви се не ќе и текне страсти и потреби.

Туку да се вратиме на договорот и иако обзнаен да пробаме да одгатнеме што тој крие (ако крие?), дали некому носи предност или по нос, има ли шанси од него да се изроди датум за избори но и испочитува и… сите Сцили и Харибди кои треба да се врват. Јасно е и јавно, целта и стратегијата се несвиткливоста на кичмата, растот на економијата а со тоа и независноста од „нашите пријатели“, или просто кажано – с(г)лавата на Никола. Или рејтингот ќе му се урниса за на избори да се киниса, кои тој ќе ги загуби, или, пак, ако сите напори одново им останат залудни одново и ќе се бараат изговори и одложуваат избори. За тоа време, детее, може тура протести, две-три шарени глупости и триста  други слични исценирани и искеширани тракатанци. Главно, ударно, преку Странското Јавно Обвинителство (кое вон сите резони и да не е уставно за 5 дена ќе се обнови!!!) ќе се кастри рејтингот на човекот кој се дрзна и осмели да им пркоси на политичко-воените колоси и покрај сите нивни носачи на авиони, нуклеарни глави, тајни снимки и јавни (троа завиткани) закани.

Жива есенција: цела една деценија со срце но и со ум тера проекти, градби, зони, работни места… со што веќе им зададе такви грижи кои двоецот без кормилар владетели на Планетава (UK-USA) не сака ниту смее одново да си ги дозволи. Тие подјармиле или збришале каде-каде посилни држави и водачи а ваму едно Македонче, уште и Беломорче, им пркоси и конците им ги мрси. Со, не знам, гасоводи, вардарски долини, кинески инвестиции и конкуренции без нивни амин и дозволи. Наивно! Така само на Марс или потаму, а на Земјата и Месечината постои хиерархија и се знае кој наредува а кој извршува. Или елегантно се поклонува и помилува или еклатантно курбан завршува, зависно од  степенот на коленичење и аголот на рбетот.

Едноставно: им се сака – им се може! Така му пасува  на тој што му пречи смртната казна во Турција а дома уште како ја применува. Светската велесила бр.1 отаде барата која рефлексно и промтно реагира на сигналите од под Биг Бен. Лондон колинг – Вашингтонг атакинг. Факинг, учкур и гаќи, иницијатор и реализатор, сценарист и продуцент, глава и тупаница. Тоа е, кралици може да има стотици ама една е англиската. Еве, принцезата Дајана беше доказ ако мене не ми верувате. И сега ти сакаш рака народ да го остават самиот да бира и тера а ваму б(ц)елиот свет го тероризираат и не го оставаат на мира. Утопија!

Ама луѓе мили, тие ги спастрија Милошевиќ, Гадафи, Хусеин… и редици непослушни лидери на моќни држави, а ќе им пркоси (= бега од узда и самар) некој си Груевски?! Плус си го имаат широкоградиот Заев кој за грст долари би свиткал кичма за секаква употреба (и домашна и меѓународна) и би ја продал својата родена мајка а камо ли и татковина. Ете таа е суровата вистина за жална Македонија, некогашната империја. Од сите страни б(в)алкани, а однатре предавници како скакулци. Еден комита – еден војвода – еден предавник. Така читаме така и гледаме.

Аргументи? Еве ги! Во Букурешт 1913 место на маса бевме на менито, Македонец немаше – Македонија се черечеше. За во Јајце 1943 ситна роса зароси, тивко ветре подувна (ноември!) – пак не можевме да појдеме. Потоа, тие што кренаа глас за Солун место за Срем или куршум добија или попот во бело го видоа. Во 2001 кога Републиката беше одново во пламен, одбранбените министри си тераа бизниси. Кој со тенковски делови кој со расипани паштети, а пак „првиот“ – дилови за поделби. 2015, мај, Куманово, загинати полицајци во акција против упадната терористичка група а Заев се клешти и си прави селфи на местото на злосторството!? И, сетне, после ти бараш држава? Фалш адреса пријателе. Заѕвони кај соседите, јас сум фантом(от) од списокот. 1 од 500 000!

П.С. Знаете кога двете македонски партии ќе се договорат за националните интереси? Кога ќе нема за што да се договараат. Кога и последниот Македонец ќе го снема, ако е млад ќе замине, ако е стар – ќе почине!

Најново од: Коментари

Ламбе Арнаудов: Автономија за Пирин. Бугари во Устав. Решен проблем!

Престанете да купувате Бугари во Македонија. Човечката димензија не ја менувајте со пазарна. Тие што сте, колку сте и малу да сте, ние ве прифаќаме како апсолутни и рамноправни граѓани и со нашиот Устав ви ги гарантираме сите човечки права и граѓански слободи! Овие денови што минуваат, исполнети со исклучителна агресија на говор на омраза […]

Ѓорѓија не бил сериски убиец, туку обичен пијаница!

Не е првпат наши интерпретатори и музички групи, поради едни или други причини, да ги менуваат текстовите на нашите народни песни. Честопати некои од овие промени влијаат и врз самата содржина на текстот, правејќи ја апсурдна. Овде ќе наведеме два драстични примера. Првиот се однесува на убавата народна песна „Мајка на Марика думаше“, во чиј […]

Разумот има најголема вредност кога ќе се употреби навреме

Украинскиот претседател Володимир Зеленски деновиве изјавил дека „Украина е подготвена за вистински одлуки и чекори кон деескалација“ за да се приближи крајот на војната со Русија. Оваа изјава е повод за пошироко размислување за одговорноста на лидерите и за можностите за договор што се пропуштаат пред оружјето да го преземе зборот. Разумот има најголема вредност […]

Бугарија претера, Европа молчи

Бугарите претераа со Ива, Самоил, Бендиков, Спаска… Што е многу, многу е. Тотално претераа и нема граници глупоста на Бугарија, а воедно никаков укор или дисциплинска мерка од Европа, сега и последниве 100 и кусур години. Кучињата лаат, караванот си врви. Овие Бугарите ни мртвите не ги оставаат на мир, а за живите да не […]

На кој јазик зборуваме, на кој јазик се разбираме?

Јазикот е многу повеќе од средство за комуникација. Во него живеат историјата, душата и погледот на светот на еден народ. Но што се случува кога сопствените зборови сè почесто ги заменуваме со туѓи, дури и кога имаме соодветни македонски изрази? Мајчиниот јазик ги обликува нашите најрани мисли, нè поврзува со предците и го зацврстува нашиот […]

Дедо Божин од Аматово грците го преименувале во Христо, но македонскиот корен не му го искорнале

Пишува Драги Трајков Со менувањето на македонските имиња, презимиња и топоними и со наметнувањето на грчкиот јазик како единствен во училиштата, грчките власти се обидувале да го избришат македонскиот идентитет, но дедо Божин го зачувал својот корен. Македонците се како пирејот: колку и да ги газиш и корнеш, коренот останува жив и повторно никнува, таков […]

1881 година: Големите сили предупредиле против бугарски упади во Македонија

Документот од 1881 година сведочи дека Македонија била именувана во меѓународната дипломатија многу пред Тито да стане претседател на СФРЈ. Таен трицарски сојузен договор помеѓу Германија, Австро-Унгарија и Русија: трите сили ќе ги одвраќаат Бугарите од секое упаѓање во соседните подрачја, особено во Македонија Дополнителен протокол кон Трицарскиот сојуз: Големите сили предупредиле против бугарски упади […]

Гоце почива во слободна Македонија – го чуваме ли заветот за кој го даде животот?

Пред 80 години, на 10 октомври 1946 година, посмртните останки на Гоце Делчев биле положени во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, со највисоки државни и воени почести. Но дали денес, покрај неговото почивалиште, го чуваме и значењето на неговата жртва? Што чувствувале луѓето што на 10 октомври 1946 година го пречекале Гоце во […]

To top