Коментари

Ако по Уставот се викаме Горна Македонија, националноста ќе биде горномакедонска, јазикот ќе биде горномакедонски

Pande Kolemisevski

Pande Kolemisevski
Панде Колемишевски

Промена на Уставот – губење на самобитноста

Доколку се продолжи по патот по кој се тргнало, со постепено бришење на сѐ што претставува македонско име, македонска историја и минато, македонска самобитност, македонски идентитет и интегритет, на крајот од процесот до влегувањето во Европската Унија ќе остане државата, но во неа ќе нема Македонци како националност. Зашто со целата заплетканост околу името не е загрозен никој друг во оваа држава освен Македонците како име, презиме и нација

Пред финишот на преговорите со Грција од трите клучни прашања – за името, идентитетот и јазикот, засега е сигурно само едно: актуелната македонска влада има дадено согласност да се смени името на државата, односно на името Македонија да се додаде претставка Горна, Северна или Вардарска. Останаа да се дорасправаат решенијата за идентитетот и за јазикот, но и тука најверојатно ќе се прифатат грчките барања, по што ќе дојде до целосно национално обезличување на македонскиот нaрод, односно на неговиот национален идентитет. За погорекажаното заклучокот се изведува од големото интервју за ТВ 24 што го имаше Љубомир Фрчкоски, според многумина познавачи на состојбите означен како неофицијално овластен гласноговорник на Владата за прашањето за името, пробен балон, соопштувач и толкувач на владините ставови и решенија.

Самото неговото тврдење дека „идентитетскиот пакет“ не е предмет на преговори е во остра контрадикција со неговите натамошни елаборации за судбината на Уставот и со неговата најново пласирана идеја за некаква таканаречена „временска клаузула“. Уште веднаш треба да се каже дека временската клаузула не е ништо друго туку реторичко-правна бравура, трик со чија помош треба да се замагли вистината, стапица со која македонскиот народ ќе биде пренесен жеден преку вода. Таа подразбира Македонија од година на година да прави отстапки, од година на година да ѝ се сече на рати по еден дел од телото, најпрво нозете преку новото име, најнакрај главата преку промена на Уставот со бришење на термините „Македонија“ и „македонски“ од сите можни документи, во меѓународна и домашна употреба.

Ако досега јасно и чисто беше прокламиран ставот дека не доаѓа предвид да се менува Уставот, сега Фрчкоски ни открива дека и Уставот подолго време е тема на преговори, односно македонската страна дала согласност и тој да биде предмет на дебата, за нас однапред загубена. Доколку се продолжи по патот по кој се тргнало, со постепено бришење на сѐ што претставува македонско име, македонска историја и минато, македонска самобитност, македонски идентитет и интегритет, на крајот од процесот до влегувањето во Европската Унија ќе остане државата, но во неа ќе нема Македонци како националност.

Зашто со целата заплетканост околу името не е загрозен никој друг во оваа држава освен Македонците како име, презиме и нација. Што и да се случува, Албанците по националност ќе си останат Албанци, Турците Турци, Ромите Роми, Бошњаците Бошњаци, Србите Срби, Власите Власи. Само Македонците веќе нема да бидат Македонци, тие ќе бидат горни, северни или вардарски, иако можеби најмногу ќе личи да се викаат долни Македонци, не по географска одредница, туку по тип на карактер. Во една таква констелација може да се случи сегашниот или некој иден состав на македонското собрание, во зависност од мнозинството, да донесе закон според кој строго ќе се казнува употребата на името Македонија, на придавката македонски (за јазик, писмо, песна, оро) и на изјаснувањето за Македонец по националност, ако некогаш во таа новоименувана држава се одржи регуларен, ненаместен попис и ако постои одредницата за изјаснување по националност.

Прашањето од историско значење е дали оваа генерација на политичари, Македонци по национална определба, која ја освои власта со два-три пратеника повеќе, го има добиено правото да ја урне целокупната револуционерна, борбена, културна, јазична, фолклорна историја на својот народ, не само да го релативизира туку да го затре националниот идентитет. Тој идентитет роден кон крајот на 19 век, потврден низ Народноослободителната борба 1941-1945, а запечатен низ документите на АСНОМ, своето ново раѓање (третиот Илинден), новото будење го доживеа уште пред конечниот распад на поранешна Југославија, по референдумот и по конституирањето на дефинитивно самостојна и суверена држава. Беше тоа уште еден кризен, сложен и неизвесен период, низ кој дефинитивно се дообликува и зацврсти македонската национална самосвест кон себеси и во однос на другите народи.

Конечно стана вистина: „Ние не сме Срби, Бугари и Грци, ние сме Македонци“. Промената на името ерга омнес, плус навестената промена на Уставот, што практично значи ерга омнес за сите внатрешни потреби, не е вин-вин решение, не е решение прикладно за медијацијата. Тоа ќе биде дебел и длабок пораз на македонската политичка стратегија, ако сме ја имале воопшто. Суштинската промена на Уставот преку „временските клаузули“ ќе биде деградација на вековниот идеал на генерациите за слобода и самостојност, негација на сите историски настани, на сите личности што дале живот за нив, што по цена на лични и семејни жртви дале придонес во развојот и афирмацијата на самобитноста на нацијата, на јазикот и на сите други елементи што одликуваат еден сериозен народ, една сериозна држава.

Дилемите од типот ако се смени насловот на Уставот, дали може да остане истата содржина во него или ако се смени содржината да остане насловот, се само паравани зад кои ќе биде дробена Македонија. Логиката е проста, не може да биде попроста: ако по Уставот се викаме Горна Македонија, јасно е дека и националноста ќе биде горномакедонска, јазикот ќе биде горномакедонски и сѐ што следува по него и со него. Во сите македонски документи, од крштелницата за новороденче до погребна потврда за умирачка ќе се заведуваат со придавките горномакедонски или северномакедонски, во зависност кое име ќе биде прифатено. Секое друго тврдење дека до такво нешто нема да дојде би било чиста измама и намерно заведување на јавноста во сосема погрешна насока. Од изјавите на Фрчкоски, кои се разликуваат од порано кажаните на претседателот на Владата, Зоран Заев, изгледа дека се фрлени во аут досегашните повеќепати во јавноста афирмирани ставови за недопирливост на идентитетот, на интегритетот, на достоинството, дека народот ќе одлучува, дека нема да дозволиме да бидеме понижени и поразени.

Само некој наивен може да мисли дека ставовите на поранешниот неуспешен кандидат за претседател на државата се негови лични ставови и случајно изнесени во таа телевизиска форма. Токму затоа поголема е дилемата, да не речеме опасноста, дали тие гледишта за решавање на името сега имаат приоритет во таканаречената стратегија за излез од апсурдниот проблем за името. Ако е веќе така, нужно е самиот претседател на Владата, Заев, да даде поцелосна слика, со што би се намалил стравот или би се разбистрила ситуацијата. Доколку не е така, тогаш ставовите на Фрчкоски може да се сметаат како дел од активноста на македонските лобисти што ги застапуваат грчките интереси во напорите да се делегитимира македонскиот национален идентитет. Неоспорна е определбата на Република Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ. Неоспорно е дека мнозинството македонски граѓани се изјаснуваат за такво приклучување, околу тоа прашање има согласност од сите релевантни политички партии, декларација за НАТО има донесено Собранието уште пред десетина години.

Може да се рече дека околу НАТО и ЕУ има и национален, меѓуетнички и меѓупартиски консензус, како што нема консензус за ништо друго во Македонија од независноста до денес. Но во тој контекст не смее да се потцени раширениот страв дека условите што се поставуваат значат губење на националниот идентитет на Македонците. Државите и народите со јасно утврден идентитет се силни држави и народи. Историските аргументи за Македонија што самите си ги доведуваме во прашање, меѓупартиските несогласувања, офанзивната национална политика на Албанците во последните години не одат во прилог на јакнење на идентитетот на Македонците и на нивната домицилна држава. Оттаму може да се случи Македонија во новите околности да биде единствената држава во нова Европа што го имала и го изгубила својот идентитет, обратен од сите процеси што се случија по распадот на Советскиот Сојуз, кога сите советски републики го повратија својот национален идентитет и создадоа свои држави. Истото тоа се случи и со поранешните југословенски републики, кои по распадот на Титова Југославија својот идентитет го повратија или го дефинираа, Црногорците и Бошњаците во Босна. Само Македонија е исклучок, светски пример за апсурдноста на светската политика.

Најново од: Коментари

Македонија ни е заеднички дом — да ја сочуваме за нашите деца и внуци

Постојат моменти кога секој од нас треба да застане пред сопствената совест и да се запраша: каква Македонија ќе им оставиме на нашите деца и внуци? Држава во која ќе сакаат да живеат, да создаваат и да растат нивните деца, или роден крај во кој ќе се враќаат само за празници, со куфер во раката […]

Античка Ега открива гробница на македонски благородник и неговата сопруга

Внатрешноста на македонската гробница откриена во Ега, древната македонска престолнина, чии остатоци се наоѓаат кај денешен Кутлеш (Вергина). Фотографија: Ангелики Котариди Оригинален текст: Дарио Радли, објавен на 1 април 2024 година Археолозите открија македонска гробница на лица со висок општествен статус во Ега, древната македонска престолнина, чии остатоци се наоѓаат кај денешен Кутлеш (Вергина), во […]

Каде се европските стандарди за правда?

Вториот пасош не смее во практиката да вреди повеќе од правосилната судска пресуда. Каква порака добивам јас како граѓанин на Македонија кога мојата држава бара правосилно осудено лице, а тоа престојува во соседна Бугарија, членка на Европската Унија, и јавно се појавува во нејзините медиуми? Како да верувам во еднаквост пред законот ако судската пресуда […]

Франција и Европа конечно си ја плаќаат цената и кармата за Македонија

Сега нека им помогнат Татарите да се спасат, а ние, Македонците, имаме решение за спасот на Франција: нека ги стават сите Африканци во Уставот и да им шетаат голи дома, сè така до нивното конечно истребување, кое се гледа од авион. Правдата конечно ги фати, а воедно и сите клетви, солзи, болки и пискотници на […]

Ламбе Арнаудов: Автономија за Пирин. Бугари во Устав. Решен проблем!

Престанете да купувате Бугари во Македонија. Човечката димензија не ја менувајте со пазарна. Тие што сте, колку сте и малу да сте, ние ве прифаќаме како апсолутни и рамноправни граѓани и со нашиот Устав ви ги гарантираме сите човечки права и граѓански слободи! Овие денови што минуваат, исполнети со исклучителна агресија на говор на омраза […]

Ѓорѓија не бил сериски убиец, туку обичен пијаница!

Не е првпат наши интерпретатори и музички групи, поради едни или други причини, да ги менуваат текстовите на нашите народни песни. Честопати некои од овие промени влијаат и врз самата содржина на текстот, правејќи ја апсурдна. Овде ќе наведеме два драстични примера. Првиот се однесува на убавата народна песна „Мајка на Марика думаше“, во чиј […]

Разумот има најголема вредност кога ќе се употреби навреме

Украинскиот претседател Володимир Зеленски деновиве изјавил дека „Украина е подготвена за вистински одлуки и чекори кон деескалација“ за да се приближи крајот на војната со Русија. Оваа изјава е повод за пошироко размислување за одговорноста на лидерите и за можностите за договор што се пропуштаат пред оружјето да го преземе зборот. Разумот има најголема вредност […]

Бугарија претера, Европа молчи

Бугарите претераа со Ива, Самоил, Бендиков, Спаска… Што е многу, многу е. Тотално претераа и нема граници глупоста на Бугарија, а воедно никаков укор или дисциплинска мерка од Европа, сега и последниве 100 и кусур години. Кучињата лаат, караванот си врви. Овие Бугарите ни мртвите не ги оставаат на мир, а за живите да не […]

To top