|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (5) |
Македонија, мојот копнеж – Маноил Мане Јаковлевски (5) Мане Јаковлевски бил под опсеравација и на УДБА (Управата за државна безбедност или Служба за државна безбедност) која била југословенска тајна разузнувачка служба. Како цивилна контраразузнавачка служба во рамките на Министерството за внатрешни работи, таа била заинтересирана за активностите на македонските патриоти во странство. По посетата во 1976 година на Гетеборг, Шведска, каде се сретнал со македонските патриоти од организацијата ДООМ, чиј член неколу месеци подоцна извршил атентат врз персонал на југословенскиот козулат, Мане Јаковлевски бил осомничен дека го подготвувал и дал налог за извршување. Поради овој настан била издадена потерница и Јаковлевски како непријател на државата Југославиа неколку години не можел да се врати дома за да ги посети родителите. По ургенции на вработен во Ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин, кај негов роднина, тогаш висок функционер во Македонија, на Мане Јаковлевски му било дозволено да допатува во Македонија без да биде уапсен. За време на неколкудневниот престој во татковината, Мане постојано бил на присмотра на припадниците на УДБА, а бил и повикуван на разговор. За настаните во 1976 година и причината поради која Мане Јаковлевски е обвинет за атентатот во Шведска, авторот на книгата "Македонија, мој копнеж - Манојил Мане Јаковлески", Киро Кипровски, врз основа на документите и кажувањата на самиот Јаковлевски ќе напише: “„Со голема љубов во 1976 година, се подготвував летниот одмор, да го поминам во Македонија, со семејството, блиските роднини и пријатели. Вечерта, само неколку часови пред поаѓање за Македонија, преку телефон ми се јави зетот Ќире Јанкуловски, сопруг на сестра ми Рајна. Му кажав, дека тргнувам за Македонија. Тој тогаш ми рече да не тргнувам, зашто ќе бидам уапсен кога ќе стигнам во Македонија, бидејќи била издадена потерница за мене. Кога ова го слушнав, се шокирав и не можев да се соземам. „Зошто? Која е причината?“ – го прашувам. Кратко ми одговори дека не знае, дознал само тоа, дека не смеам да доаѓам. Ми рече дека утредента ќе праша и ќе ми јави. Со нетрпение очекував да ми заѕвони телефонот, бев доста нервозен и цела ноќ око не склопив. Како што ме информира, причина за издавање потерница, бил мојот револвер, што во Гетеборг му го подарив на Владо, а тој со него извршил атентат врз југословенски дипломати. За атентатот немав слушнато, па затоа телефонски му се јавив на Миле Илиевски во Гетеборг. Чудно му беше, бидејќи не сум бил информиран, за тоа што се случило. Ми рече дека Тоде се наоѓа во притвор. Го прашав зошто? Тивко ми рече, дека пукал во лица на југословенскиот конзулат во Гетеборг и ранил двајца. На судот им изјавил, дека јас наводно сум му дал наредба од организацијата, да го изврши атентатот, со цел да ја намали одговорноста и да добие поблага казна. Миле ме советуваше да не одам за Македонија, бидејќи ќе бидам уапсен. Така и постапив. Следните четири години останав во Берлин. Бев осомничен за нешто што не сум го сторил, и за кое не сносам никаква вина. Во тој период бевме договорени со Драган Богдановски, со брат ми Гојко, со Миле Илиевски и со другите патриоти активностите да ги насочиме кон помасовно национално освестување на Македонците. Таков беше ставот на ДООМ, македонската политичка организација, да се шири идејата и вистината за Македонија и Македонците.“ По четири години, по известувањето дека татко му е болен и добиените гаранции дека нема да биде уапсен, Мане Јаковлевски тргнува за Македонија. На тој пат тој доживува низа непријатности, што го прави „Неизвесно пативањето за Зубовце“. Во ова поглавје, во кое желбата да се видат родителите е погоема од стравот од апсење, авторот ќе забележи: „Поради лажните обвинувања за учество и подготовка на атентатот врз двајца југословенски дипломати во Гетеборг, Шведска, Манојил Јаковлески неколку години не дојде во Македонија. Носталгијата кон родното Зубовце и желбата да си ги види родителите, беа посилни од сите закани за апсења. Бараше разни начини да дојде во Македонија. Во 1979 година, му јавија дека татко му Делче е тешко болен и му порачаа, доколку има можност, да дојде да го види додека е жив. Однапред знаше дека доаѓањето во Македонија ќе биде мошне комплицирано, се плашеше да не биде уапсен. „Брат ми, Гојко, ми предложи да одам и да го видам татко ни“, се присетува Манојил и во детали раскажува за страшното патешествие. „Се уште се плашев дека ќе бидам уапсен на самата граница, штом ќе влезам во Југославија, иако висок функционер во Македонија, познаник на нашиот другар Стево Доневски–Мајка, гарантирал дека нема ништо да ми се случи. Од мојата канцеларија во З. Берлин, Стево му се јави на високиот функционер, кого го викаше „вујко“. Тој му рече, дека не може да реши сам и дека утредента ќе не извести. Следниот ден, пак му се јавивме. Сакаше лично да разговара со мене. Притоа, ме извести дека службите имаат сознанија, дека сум нарачател на атентатот врз луѓе од југословенскиот конзулат во Гетеборг. Оштро реагирав на изнесените измислици, бидејќи немав никаква врска со тоа, и му објаснив како мојот револвер се најде во рацете на лицето кое пукало во Шведска, додавајќи дека Драган Богдановски се наоѓа во нивни раце (Две години пред тоа во Париз, беше киднапиран Драган Богдановски од припадници на УДБ-а, со помош на македонски шпиони и затворен во Македонија (и осуден на 13 години затвор заради неговата политичка активност)) и можат да го прашаат него, бидејќи и тој знаеше дека му го подарив на Владо од Велес. „Вујкото“ од Стево се обидуваше да ме испровоцира, и ми рече дека Драган потврдил дека сум бил вмешан. Јас тоа го негирав и му реков, дека тој такво нешто нема изјавено за мене. По краткиот телефонски разговор, кога се увери дека јас немам ништо со атентатот во Шведска, високиот функционер ми рече дека можам да дојдам во Македонија и дека ми гарантира влез и излез во Југославија, дека нема да ме уапсат. Меѓутоа, требаше да исполнам еден услов, кога ќе пристигнам во Скопје, во Службата за државна безбедност, да дадам изјава за атентатот. И покрај тоа стравував да тргнам за Македонија. На Стево му реков и тој да дојде со мене, како„ гаранција“. Откако„ вујко му “одобри, со Стево по 2-3 дена, заедно тргнавме за Македонија. Кога стасавме на граничниот премин Шентиљ, во СР Словенија, цариниците околу два часа вршеа претрес во автомобилот. Им реков дека немам ништо, но тие го внесоа автомобилот во затворена гаража и таму систематски го прегледуваа. Откако, заврши деталниот претрес, вооружен милиционер ми рече, дека треба да платам 100 марки. Го прашав зошто? Наместо да ми одговори, ми ја покажа благајната. „Плати и многу не прашувај, биди среќен што така заврши“. Стево ме предупреди да не се расправам, платив и го продолживме патувањето. При влезот во СРХрватска, на автопатот, повторнo контрола и претрес на автомобилот, од сообраќајна милиција. Такви контроли, ни беа извршени и во Белград и Ниш (со целосно вадење на багажот од автомобилот). Иста контрола, ни беше извршена и на влезот во СР Македонија, а потоа и во Скопје. Стево требаше да го однесам во населбата Карпош, каде што живееше мајка му, но го замолив да ме придружува, до моето Зубовце. Не сакав сам да патувам. На влезот во Тетово, не знам по кој пат, ме сопреж сообраќајна милиција, да извршат контрола на автомобилот. Беше доцна навечер. Милиционерот знаеше се за мене: кој сум, каде и зошто патувам. Од контролите толку ми беше смачено, така што повеќе не можев да ја издржам тортурата. На милиционерот му реков, дека повеќе немам сила, да го вадам багажот од автомобилот. „Еве Ви се клучевите и што сакате правете“. Се откажа од контролата. Дури ми посака добредојде во Македонија и добро здравје на татко ми. Милиционерите знаеја се, за моето доаѓање Стасавме дома и откако се видов со моите, со мојот автомобил Стево се врати во Скопје. Кога пристигнав дома, радоста на родителите беше огромна. На татко ми, му се врати загубениот оптимизам.Следниот ден, околу 9 часот наутро, дојде службеник од Службата за државна безбедност од Гостивар и ме праша кога сум дошол. Му реков, зошто ме прашува кога знае, бидејќи ме следат од влегувањето во Југославија се додека не стигнав дома. Притоа, ми рече дека треба веднаш да одам во СДБ, во Скопје. Му реков дека во Скопје ќе одам следниот ден, а овој ден ќе го минам со моите родители. Утредента наутро, отидов во Скопје во СДБ. Од пријавницата, двајца милиционери ме однесоа во една канцеларија, во бараките, а потоа влегоа двајца службеници, чии ликови ми беа познати. Главниот ме праша, зошто ги гледам така. Му реков дека од некаде ми се познати, а не можев да се сетам од каде. Настојував да се присетам, но никако не можев. Ме праша, каков ни е ресторанот во З. Берлин, македонски или југословенски? Им реков дека е македонски, но тие тврдеа дека е југословенски. Тогаш се сетив. На оваа тема, со двајцата инспектори, се расправав во ресторанот „НовоСкопје“, во З. Берлин без да знам кои се. Беа дојдени во ресторанот, со цел да ме провоцираат. Се сеќавам и тогаш им реков, дека ресторанот е македонски, а тие ми велеа прво дека е грчки, потоа бугарски, за на крајот да ми речат, дека е албански. Отворено ме провоцираа. Зборуваа на лош германски јазик. Ме прашаа: „Какви Македонци сте вие? Вие сте Македонци од Југославија, а бидејќи е така, тогаш ресторанов е југословенски.“ И во канцеларијата ми ги поставуваа истите прашања. Пак, ме прашаа, што сум по националност. Им реков, дека сум Македонец од Југославија. „Не, ми рекоа. Ти си Југословен“. На ова реагирав, со прашањето: „ Мојот стрико Јордан, живее во Бугарија, што е тој?“ Ми рекоа дека е Македонец. „Тогаш таков сум и јас. Татко ми е Македонец и стрико ми е Македонец. Не може, едниот да биде Југословен, а другиот Бугарин, само затоа што живеат во овие држави. Националната припадност, може да биде различна од државната“-им реков. На тоа ми одговорија, дека со ставовите што ги имам, можам да завршам во затвор! Потоа, ме прашуваа за случајот во Гетеборг и затоа, како мојот револвер се нашол во рацете на човекот што пукал. Им ја кажав вистината и им објаснив, дека не сум дал никаков налог за атентат, туку се работи за случајност! Категорички ја отфрлив провокацијата. На почетокот на разговорот делуваа дрско, ме заплашуваа, но јас повторував дека сум чист, не сум вмешан во атентатот и дека немам никаква грешка. Им реков, дека ја сакам Македонија, ако е тоа грев, веднаш нека ме затворат. Рекоа, дека и тие се Македонци, но и Југословени. Го прифаќам нивниот одговор, бидејќи тие се платени да работат за Југославија, но дека треба да не остават нас да работиме затоа што веруваме. Зборувавме и за ширењето на „Македонска нација“. Им реков, дека Србите, Хрватите, Албанците и многу други народи, издаваат мигрантски весници и непречено ги пласираат, и дека од тајните југословенски или пак републички служби, немаат никакви закани и провокации. Им кажав, дека македонски делегации, кои доаѓаат во З.Берлин одат во четнички ресторан, а им е забрането да влезат во нашиот ресторан. По ова, инспекторите кон мене беа помалку агресивнии како да им стана јасно, дека ние сме бизнисмени, кои сакаме да работиме за македонското прашање. Во тоа време, во УДБ-а главни за миграцијата беа Димитар Николовски и Добри Величковски. На крајот од разговорот, ме предупредија, да не ги напаѓам државата Југославија и другарот Тито, и ако така се однесувам нема да имам проблеми со доаѓањето во Македонија. Сфатив, дека од нас не сакаат да прават непријатели, бидејќи во З. Берлин бевме почитувани и од Македонците и од Германците, како чесни и трудољубиви работници“, се сеќава Манојил како да се случило вчера.“ Авторот Кипровски ја бележи и случката која во тоа време ја имал на границата со Чехословачка, само заради тоа што во автомобилот имал неколку примероци од списанието „Македонска нација“. Опишувајќи го овој настан тој го бележи исказот на Мане во кој тој вели: „Кога влегував од Западна Германија, во тогашна Чехословачка, на граница го видоа списанието „Македонска нација“, кое редовно го носев. Ме прашаа какво списание е, а јас им одговорив дека е спортско, не смеев да кажам дека е политичко. Сфатија дека ги лажам, разбраа какво значење имаат зборовите „СМРТ ИЛИ СЛОБОДА“. Ме притворија и ми вршеа притисок, да признаам дека сум усташ. Им реков дека не сум Хрват, но тие не ми веруваа. Ме држеа неколку часа. Побарав да се сретнам со нивниот шеф, и откако ми овозможија, му реков дека сум мигрант. Притоа, им реков дека не сум против нивната држава, дека сум пратен од мојата организација, со задача и ако не се јавам за еден час, организацијата ќе направи проблеми во амбасадите на Чехословачка. Блефот ми успеа. Тогаш шефот на границата, ми дозволи да влезам во нивната држава. Кога ми ја дадоа патната исправа и ми го дадоа автомобилот, го завртев и се вратив во Западна Германија.Тие беа изненадени, бидејќи очекуваа да го продолжам патувањето, во нивната држава. Ваквата одлука ја донесов, за да им го скратам задоволството на полициските службеници, дополнително да ме испрашуваат и да ме малтретираат. На германскиот граничен премин, полицијата ме праша, зошто се вратив, што ми се случило? Кратко и јасно им одговорив: „Чехословачките полицајци ме провоцира и ме испрашуваа, како да сум криминалец“. Тогаш еден германски полицаец ми рече: „ Што бараш да одиш во комунистички држави?“ „Сакав да одам како турист, но незнам зошто ме задржаа толку“. Тогаш, тој ми кажа, дека претходниот ден бил извршен атентат врз југословенскиот конзул во Франкфурт, па можеби помислиле, дека сум еден од организаторите. Долги години, по тој немил настан не влегував во Чехословачка, за да немам проблеми“, раскажува Манојил...“ (продолжува) Манојил-Мане Јаковлески и Стево Доневски-мајка |