Коментари

ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ – 126

Martin Trenevski 1

1martin1

ШТО ИМ Е ЗАЕДНИЧКО НА СКОПЈЕ И ЧИКАГО?

1.    Што им е заедничко на Скопје и Чикаго? Рекетот! Деновиве разбрав дека, наводно (!?)(не тврдам бидејки информацијата ми е од втора рака), во скопско Дебар-маало десетици кафеани (со исклучок на една, до две) биле  п р и м о р а н и  да плаќаат по две илјади (2.000) евра месечно на актуелната власт!? Дали е точна информацијата, или не, треба да се  утврди, но доколку е – тогај работата е многу загрожувачка!

       Не доразбрав дали овој класичен рекет наводно го прави општинската, градската, или републичката власт, но воопшто тоа не ме изненадува бидејки ноторна вистина е дека нема тендер (особено на ниво на град Скопје) а некоја од споменатите три нивоа на власт не зацрта процент за себе! Или, друг пример: на спортски тренер градот му дава седум (7000) илјади евра месечна плата, но под услов: четири (4.000) илјади евра за него, како плата, а  три илјади (3000) евра во нечиј приватен џеб!?  А каде одат парите од рекетот? Во приватни џебови (градоначалникот Шилегов јавно се пофали дека веќе е милионер, но ај да провериме каква беше неговата имотна состојба пред да дојде на позицијата градоначалник на Скопје), или за предизборни поткупи на гласачи?

      Сепак има голема, би рекол огромна, разлика меѓу рекетот во Чикаго и Скопскиот, т.е. во случајов Дебар-маалскиот рекет, што не се сомневам дека е општо раширена појава во целата земја! Разликата е што рекетот во Чикаго го правеше мафијата на Ал Капоне, а споменатиот рекет во Дебар-маало го прави актуелната власт!

      Каде има чад – има и оган, вели народната мудрост!? Но, работата треба да се утврди со факти, што го препуштам на македонското истражувачко новинарство.

2.   “Она што Бугарија не успеа да го оствари како окупатор на Македонија во Втората светска војна (1941-1945), сега се обидува да го оствари како членка на ЕУ”! Оваа мисла ја искажа поранешниот премиер и претседател на РМ и основач на партијата СДСМ Бранко Црвенковски на конференција во Сараево!

     Бугарија за сите блокади и уцени кон Македонија и Македонците секогаш повикува на резолуцијата донесена во Бугарското Собрание за споровите со Македонија во која се содржани сите бугарски побарувања кон нас. На бугарската грамзивост водечката опозициона ВМРО-ДПМНЕ предложи да се одговори со резолуција во Македонското собрание во којашто ќе бидат зацртани македонските црвени линии! Првичните реакции на партиите од владеачката коалиција СДСМ-ДУИ беа одбивни, оценувајки ја како “популизам” и “предизборен маркетинг”, но во меѓувреме идејата сепак ја прифатија со забелешка за интервенции за подобровање на текстот и барање да се користи уставното име на земјата, т.е “Северна Македонија”!?

      Што содржи предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за решавање на спорот со Бугарија! Меѓу другото, се предлага: преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи го меѓународното право и достоинството на македонскиот народ. Со резолуцијата се дефинираат македонските државни позиции за евроинтеграции, но исто така и позиции по однос на било какви негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет, бидејќи тоа е спротивно  на европските вредности!

      Според Антонио Милошоски, кој је претстави предлог-резолуцијата пред македонската јавност, ВМРО-ДПМНЕсе залага да се отвори расправа и да се изгради широк консензус за предлог-резолуцијата за македонските црвени линии којашто доколку се усвои од Собранието на Македонија ќе биде од помош на македонската дипломатија и општество туку ќе им помогне и на нашите пријатели во рамките на ЕУ. Бидејќи оваа предлог-резолуција се заснова на повелбата на Обединетите Нации и на Конвенцијата за човекови права на Советот на Европа од Стразбур – смета Милошоски.

     Идејата за резолуција за македонските црвени линии ја подржа, меѓу останатите и аналитичарот Сашо Клековски кој упати апел до политичарите да го следат примерот на Бугарија и да подвлечат црвените линии во Собрание, обединети за националните интереси.

    За сега, оваа идеја за резолуција во македонскиот парламент ја отфрла албанскиоит партнер во владата ДУИ. Според нив, таа идеја наводно служела за политички поени на опозицијата во пресрет на локалните избори закажани за наесен!?

3. Минатата недела во Охрид се одржа меѓународна конференција  “Преспа форум за дијалог”, со до сега невидено присуство на главно поранешни, и понекој актуелен висок политичар од ЕУ и САД. Форумот главно се сведе на славопојки на лицето Зоран Заев за неговиот личен придонес за, според оценките на присутните, “успешниот Преспански договор”.

    Предолга е листата на присутни гости на форумот (се прашувам само кој ќе ги покрие трошоците на нивното присуство), но од македонска страна освем Заев, во Охрид беше и неговиот коалиционен партнер Али Ахмети и неговата десна рака Артан Груби кој дури им се обрати на присутните. Опозицијата во Македонскиот Парламент не беше поканета на настанот.

    Бројни се забелешките и критиките на Форумот во Охрид кој ги исфрли на виделина европското лицемерие и непочитување на дадените ветувања, а во прв план асиметричноста на Преспанскиот договор (според мене: капитулацијата од Нивице) на штета на македонската страна.

    Cилен впечаток мене ми остави “дуелот” меѓу Едвард Џозеф, поранешен претставник на Меѓународната кризна група и Холандскиот амбасадор во Македонија Дирк Јан Коп кој на критиките од Џозеф кон ЕУ за неисполнување на ветувањата кон Македонија, реплицираше дека до тоа дошло заради блокадата од една членка, која сите други 27 членки на Унијата морале да го почитуваат заради консензусот (!), што според него било “доказ за владеењето на правото во ЕУ”(!?)

   Нешто слично изрече и Словенечкиот премиер Јанез Јанша по превземањето на претседателството со ЕУ, во кого нашиве властодршци полагаа толку многу надеж за конечен старт на преговорите. Јанша во спорот Македонија-Бугарија даде предност на Бугарските ставови “бидејки Бугарија била членка на фамилијата”, во однос на ставовите на Македонија, која е кнандидатка за членство.

   Своевидна ѕвезда на форумот беше поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас кој му приреди ладен туш на неговиот колега Зоран Заев најавувајќи нови вета од грчка страна доколку договорот не се почитува во целост.

4. Во прилогот “Цртички и отровни стрелички Бр. 125” информирав за тешката сообраќајка кога неодговорно 26-годишно момче тешко повреди на пешачки премин 33-годишна мајка на петмесечно бебе, сопруга на мој близок роднина. Младата жена од повредите на главата една недела беше во кома, приклучена на апарати, но никогаш не се освести и почина.

   Сопругот и таткото на починатата ги даруваа нејзините бубрези кои беа пресадени на две лица на дијализа.

   Почината жена не можеме да ја вратиме и нејзиниот син, за жал, ќе расте без мајка! Но многу сум љубопитен како сообраќајната полиција ќе го претстави ова убиство во записникот за настанот – бидејки се работи за прекршок со смртни последици, и дали против починителот (син на сопственик на хотел во Скопје) ќе добие соодветна казна за злосторот што го стори!?

5. Бугарите не кодошат ширум Европа, па и пошироко, дека ние сме им ја краделе историјата, личности од преродбата и средновековието и сл. Ме фаќа бес од самата помисла деко бугарскиот  “културен паразитизам”, како што го нарекуваше ова нивно однесување пок. историчар Драган Ташковски, во последно време се нафрли и на нашата духовна баштина – македонскиот фолклор! Тие (Бугарите) си ја регистрирале како  н и в н а  нашата прекрасна песна “Јовано, Јованке” (види Wikipedia), a на Бугарскиот ТВ канал што “преговарачот” Бучковски ни го накалеми да го гледаме и ние во Македонија, деновиве беше прикажано шопско оро на музика на оваа – една од најпопуларните македонски народни песни! Какво понижување и срамота!!!

6. Некои електронски портали во Македонија објавија резултати од пописот на населениуето во Бугарија спроведен 1976 година. Нема да го коментирам пописот бидејки бројките доволно јасно говорат сами за себе.

   Сугерирам секој Македонец, каде и да е на планетава земја, да го сподели со други овој прилог за да свати меѓународната јавност како стојат работите.

martin

М-р Мартин Треневски, Поранешен министер и амбасадор

Најново од: Коментари

Кармата ја фати Европа

Има правда, иако понекогаш доаѓа доцна. Денес тоа најсилно го чувствува старата Европа, која со години си го земаше правото да одлучува за судбината на други народи. Ние, Македонците, добро знаеме што значи кога други ти ја кројат судбината. Во 1913 година Македонија беше поделена, а Македонците останаа да живеат на различни страни на новите […]

Филипче и СДС – ловџии во политичка заседа со празна пушка!

Филипче и раководството на СДС сè повеќе потсетуваат на ловџија кој цел ден седи во заседа, чекајќи да му се појави некое диво животно. Кога конечно животното ќе се приближи, ловџијата ја крева пушката, нишани, повлекува чкрапало, но наместо истрел – тишина. Пушката е празна!  Токму така изгледа политичкото дејствување на Филипче и СДС во […]

Никогаш поблиску, никогаш посами

Современиот германско-корејски филозоф Бјунг-Чул Хан (Byung-Chul Han), познат по неговите остри и длабоки анализи на дигиталното општество и отуѓеноста рекол: “Никогаш не сме имале повеќе контакти во имениците, ниту подолги листи на „пријатели“ што во секој миг знаат каде пиеме кафе, каква музика слушаме и што нè изнервирало утрово. Сепак, ретко кога во поновата историја […]

На сите кои се со бугарска самосвест, да им се дозволи да заминат во Бугарија!

Предлогот да биде доставен до претседателот на државата, владата, дипломатскиот кор, пред се од ЕУ, министерствата за внатрешни и надворешни, за правда, секако и до Венко Филипче, претседателот на СДС! Евеја причината зошто ја предлагаме оваа „мудра“ идеја: во Македонија се случи сообраќајна несреќа со смртен исход, во која животот го загубил градежен работник од […]

Европската Унија не може да бара исполнување на обврските од Македонија, а да ги премолчува правата на Македонците во Бугарија

Европската Унија постојано се повикува на договорените обврски од 2022 година и бара Македонија да ги исполни преземените обврски, вклучително и уставните измени со кои Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав. Брисел тоа го претставува како услов за продолжување на европскиот пат на Македонија, повикувајќи се на договорената преговарачка рамка. Но, тука се […]

Ламбе Арнаудов: Благословите од мајка МАКЕДОНИЈА до своите чеда!

– Првиот Благослов го посветувам на денес одржаната 35-годишнина на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, цветот и пролетта на нашата партија, младите Лавови предводени од ЛИДЕРОТ ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ, најдобрата верзија на ОРГАНИЗАЦИЈАТА од нејзиното основање и тоа со голема благодарност што ја бранеа и одбранија, што ја чуваа и сочуваа нашата Татковина МАКЕДОНИЈА и […]

Европа без место на масата – поука од Букурешт 1913

Во 1913 година, во Букуреш, се одлучуваше за судбината на Македонија. Македонците немаа место на преговарачката маса, немаа сопствена меѓународно призната држава и немаа сила да ја спречат поделбата на својата татковина. Македонија се бореше за слобода и самостојност, но интересите на соседните држави и тогашните големи сили надвладеаја над стремежите на македонскиот народ. Сто […]

Што предвидела Баба Ванѓа за еконимски напредок на Македонија?

Баба Ванѓа (Ванѓелија Гуштерова), позната како „балканскиот Нострадамус“, е родена во Струмица во 1911 година, но поголемиот дел од својот живот го поминала во Петрич, каде што стекнала светска слава. Според едно раскажување што ѝ се припишува на Баба Ванѓа, Македонија ќе има финансиски тешкотии сè додека повторно не проработи рудникот „Алшар“ на планината Кожуф. […]

To top