|
|
НИТУ ЕДЕН ОД БОГОВИТЕ ВО Т.Н. „СТАРОГРЧКА МИТОЛОГИЈА“ НЕМАЛ ГРЧКО ПОТЕКЛО! |
Александар Донски Продолжуваме со изнесувањето податоци и факти во врска со погрешното именување на балканската античка митологија како „Старогрчка митологија“. Во претходниот текст видовме дека авторите на над 80% дела од кои била создадена оваа митологија или не биле никакви „Грци“ или имале непознато етничко потекло. Видовме и дека во првите дела на оваа митологија од Хесиод и Хомер термините „Грци, грчки“ и слични на нив, не се спомнати НИТУ ЕДНАШ. Во продолжение ќе направиме преглед и на потеклото на ликовите од оваа митологија. Притоа ќе се забележи дека грамаден дел од нив воопшто не потекнувале од краевите што подоцна биле сметани како грчки. Ова се однесува, како за главните богови, така и за (условно кажано) споредните ликови во оваа митологија. Всушност, до 18 век се сметало дека оваа митологија била автохтона грчка, но тогаш биле обелоденети податоци дека бројни елементи од неа биле преземени од други народи. Овие факти денес се познати во светската научна јавност. Како илустрација ќе приложиме цитат од познатата ЦД Гролиер општа енциклопедија (која е една од првите и најпознати американски ЦД енциклопедии), каде во насловот “Грчка митологија” (Greek Mythology) читаме: “Грчката митологија содржи митолошки елементи од различни култури и истории”. (CD Grolier electronic publishing, inc. Mindscape, Inc. 1995, Novato CA 94945). Слично пишува и во светски најпознатата ЦД енциклопедија “Енкарта”: “Грчкиот историчар Херодот, кој живеел во 400-те години пред Христа, верува дека многу грчки ритуали биле превземени од Египјаните.” (Encarta, наслов “Greek Mythology”). Херодот и навистина пишува за елементите што Грците ги превзеле од туѓите религиозни определби. Тој пишува дека и боговите и нивните имиња Грците ги превзеле од Пелазгите, кои наводно пред тоа ги превзеле од Египјаните и долго време ги славеле. Во врска со ова Хеородот пишува: “Некои од овие богови (со исклучок на Нептун) верувам дека Грците ги презедоа од Пелазгите. За Нептун, тие дознаа од Либијците, кои отсекогаш го славеа”. И понатаму: “Имињата на боговите дошле во Грција од Египет, а Пелазгите ги научиле нив... Оттогаш во своите жртвувања Пелазгите ги користеле имињата на боговите, а од нив, овие имиња ги превзеле и Грците”. Кои биле Пелазгите од кои (според Херодот) Грците ги превзеле боговите? Етничкото потекло на Пелазгите не е утврдено. Херодот (кој бил нивни современик) е дециден во тврдењето дека тие не биле Грци и дека зборувале на неразбирлив јазик за Грците. Херодот пишува и за непријателствата помеѓу Пелазгите и Грците. Тој пишува и дека Пелазгите живееле и во Македонија, во областа Крестонија. Во врска со ова Херодот пишува: “Каков бил поранешниот јазик на Пелазгите не можам да кажам со сигурност. Но, ако го претпоставиме преку јазикот на денешниве Пелазги - на пример, на оние кои живеат во Крестонија (македонска област, з.м.) над Тиренците, кои, пак порано престојуваа во областа наречена Тесалија и им беа соседи на Дорците - или на оние (Пелазги) кои ги основаа Плација и Скилица над Хелеспонт и кои привремено живееја заедно со Атињаните, или пак, на оние кои живееја и во другите градови, а всушност се Пелазги - значи ако направиме споредба со секој од нив, ќе мораме да потврдиме дека Пелазгите зборувале на барбарски јазик”. И понатаму: “Од своја страна, мислам дека Пелазгите беа барбарски народ”. За Пелазгите од македонската област Крестонија Херодот е уште подециден: “Со сигурност се знае дека народот во Крестонија зборува на јазик кој е различен од соседните јазици”.. Некои руски научници (како, на пример, Гриневич и други) сметаат дека Пелазгите биле предци на Словените. Во продолжение ќе презентираме конкретни примери во врска со позајмените елементи од останатите религии и митологии во т.н. “Грчка митологија”. Добар дел од “грчките” богови и останати митолошки ликови воопшто не биле грчки по потекло. Да почнеме со врховниот бог Зевс. За Зевс се знае дека имал индоевропско потекло. Во врска со неговото потекло, во реномираната ЦД Гролиер енциклопедија, читаме: “Индоевропскиот културен елемент во оваа митологија е претставен преку богот Зевс... Зевс е најглавното божество во грчката митологија. Тој има чисто индоевропско потекло и претставува божество, поврзано со симболот на небото и небесните феномени”. Значи, гледаме дека толку познатиот “грчки бог” Зевс, воопшто не бил грчки. Или поточно, колку е грчки, толку е и македонски, и толку им припаѓа на сите народи што го славеле во тоа време. Исто е и со богот Посејдон. Во врска со неговото потекло, на истото место, читаме: “Посејдон претставува оригинално индоевропско божество и тој е постар брат на Зевс”. (ЦД Гролиер, цит. дело). За “грчкиот” бог Аполон, се смета дека претставува азиско божество, увезено од Сибир, каде опстојувало поврзано со азиските племенски шамански култови. Еве што пишува во оваа енциклопедија за неговото потекло: “Аполон потекнува од Сибир и се смета дека силата на неговиот култ потекнува од племенскиот шаманизам на тој простор, а не од култот на Дионис во Делфи.”(ЦД Гролиер... цит. дело). Потенцираме дека цитатите од поглавието “Greek Mythology” од оваа позната ЦД енциклопедија се напишани врз основа на научните трудови на познати научници од областа на оваа митологија чии имиња и научни трудови се наведени во оваа енциклопедија. Значајни ликови во оваа митологија потекнувале од Тракија. Така, на пример, митолошкиот јунак Ригмус бил Тракиец. Во обемниот труд под наслов “Genealogical Guide to the Greek Mythology ” (Studies in Mediterranean Archeology, Vol. 107, Coronet Books; ISBN: 9170810621, Pfilladephia, USA 1993) авторот Карлос Парада (кој денес се смета како еден од најголемите познавачи на оваа митологија) во врска со потеклото на Ригмус, пишува: “Ригмус бил тракиски сојузник на Троја, син на Пеир, кој пак бил син на Имбрас, кој исто така бил убиен во Троја.” (Карлос Парада, цит. дело, наслов Achilees, Life and Deeds). Врз основа на античките дела тракиско потекло имале и: митолошкиот лик Диомед, кој бил крал на Бистонците во Тракија, слепиот крал Финеј, митолошкиот крал Теревс, митолошкиот лик Ресус, митолошкиот ловец Алкон и други. Во т.н. “Грчка митологија” имало и ликови со потекло од Етиопија. Такви биле: митолошкиот крал Мемнон (син на Титон Први), митолошките ликови: Алкион, Алексип, Клидон, Лаомедон, Менекл, Нихиј и Талиј. Tие го придружувале кралот Мемнон во Тројанската војна (Quintus Smyrneaus, The Fall od Troy), 2.364; 2.365; 2.293). Сепак најпознат митолошки лик со етиопско потекло била принцезата Андромеда (по чие име денес е наречено едно соѕвездие). Taa била етиопска принцеза, која била спасена од Персеј, кој потоа се оженил со неа. Некои од ликовите во т.н. “Грчка митологија” биле Фригијци (азиски потомци на балканското племе Бригијци). Таков бил случајот со митолошкиот лик Пелопс по чие име настанал денешниот грчки полуостров Пелопонез. (К. Парада, цит. дело). Познати се етничките врски помеѓу Бригијците (Фригијците) и античките Македонци, т.е. фактот дека основно етничко јадро на античките Македонци биле токму Бригијците, чии потомци гледаме дека (според митологијата) му го дале името на денешниот познат грчки полуостров. Интересно е потеклото на митолошкиот лик на принцезата Европа, според која нашиот континент го добил своето име. Европа воопшто не потекнувала од територијата на денешниот европски континент. Напротив, таа имала мешано азиско-африканско потекло. Европа била родена во Феникија (област во денешниот Блиски Исток), а нејзиниот (веројатен) татко Агенор потекнувал од Египет. (К. Парада, цит. дело, наслов Europa). Фригиец бил и легендарниот крал Мида, кој некаде се среќава и како Мита (Д-р Елеонора Петрова, “Бриги”, Музеј на Македонија, Скопје, 1996, стр. 137). Тој имал значајна улога во оваа митологија. Фригиско потекло имале и други ликови од т.н. “Грчка митологија”: војниците Мор и Зех, кои биле убиени во Тројанската војна, митолошката личност Авра и други. Во т.н. “Грчка митологија” имало ликови и со египетско потекло. Таков бил египетскиот крал Протеј, потоа богот Анубис, кој имал глава на куче (Овидие: “Метаморфози”, 9.690), богот на тишината Харпократ и други. Во т.н. “Грчка митологија” имало вклопено и неколку божества со потекло од народите од денешната територија на Италија. Некои од нив се: божицата Егерија. (Овид, Фасти 3.275), божицата Хора, која била римска божица, богот со две глави Јанус, божицата Јутурна, која била ќерка на кралот Давн од Апулија (област во денешна јужна Италија) и нимфата Венилија. Италијанско потекло имале и ларите (Овидиј, Фасти 2.616), божеството Модиј, божествата пенати и други. Во т.н. “Грчка митологија” имало и ликови за кои се смета дека биле по потекло од малозазиската област Пафлагонија. Таков бил познатиот легендарен крал Тантал. Во т.н. “Грчка митологија” имало и персиски ликови. Таков бил кралот на Персија Орхам и неговата ќерка Левкотеа, која била жива закопана од својот татко откако тој разбрал дека е вљубена во Хелиос. (К. Парада, цит. дело, наслов Leucothoe 2). Некои ликови од т.н. “Грчка митологија” потекнувале и од Вавилон. Такви биле Пирам и Тизба, додека легендарната кралица Дидо потекнувала од Картагина. Некои митолошки ликови потекнувале и од Сирија. Таков бил верниот слуга на Одисеј, по име Евмај. За потеклото на сатирите постојат различни мислења, меѓу кои е и тоа дека сатирите биле од етиопско потекло, а постои мислење дека сатирите биле имитирани од Галите (поранешни жители на денешна Франција) што значи дека и Галите ги сметале сатирите како свои божества. Свој придонес во оваа митологија имале дури и Индијците. За нимфата Никеја се смета дека потекнувала од Индија (конкретно од местото Астакија). Таа била силувана од Дионис, откако се опила од вино. Да ја спомнеме и најпозната митолошка птица Феникс. За ова суштество се знае дека потекнувало од Арабија, а оттаму било прифатено од Египјаните. Еден од попознатите ликови во т.н. “Грчка митологија” е и богот на спиењето Хипнос. Постојат мислења дека тој живеел во Азија и тоа во областа околу денешното Црно Море. Митолошки суштества од предхеленско потекло биле и Кавирите, кои потекнувале од островот Самотраки. Херодот смета дека култот на Кавирите бил прифатен од Пелазгите. Во врска со ова тој пишува: “Жителите на Самотраки ги примија мистериите (за Кавирите, з.м.) од Пелазгите, кои пред да отидат да живеат во Атика, престојуваа на Самотраки и им ги пренесоа своите религиозни церемонии на домородците”. Во прилог на несоодветноста на името “Грчка митологија” ќе наведеме уште еден податок. Имено, според содржината на самата оваа митологија, првиот Грк на сцената на историјата се појавил откако веќе се случиле значајни настани на територијата на денешна Грција. Првиот Грк (според оваа митологија) се викал Грек (Graecus) и тој бил син на Пандора, која пак била ќерка на Девкалион и Пира. Се смета дека татко на Грек бил Зевс. Практично (според митологијата) од Грек подоцна бил создаден грчкиот народ. Секако дека од неговото раѓање, па до појавата на овој народ логично дека поминале барем неколку векови. Пред раѓањето на Грек на престолот во Атина се наоѓал Кекропс, кој се смета за митолошки основач и прв крал на овој град. Кекропс бил оженет со Аглаура. Тие имале неколку деца. Кекропс бил заменет на престолот од својот син Кранав. Во времето на владеењето на Кранав, Зевс им се налутил на луѓето и создал голем потоп на Земјата. Потопот го преживеал Девкалион, чиј внук од ќерката Пандора, бил Грек (митолошкиот прататко на Грците). Ова практично значи дека градот Атина постоел уште далеку пред појавата на првиот Грк. Во тоа време Атина си имала свои владетели, социјален живот и сл. Рековме дека нејзин прв митолошки крал бил Кекропс, кој живеел далеку пред времето на (според митологијата) појавата на првиот Грк. Поради ова, бесмислено звучат објаснувањата дека Кекропс “во Грчката митологија бил основател на Атина и на грчката цивилизација” (Еncarta, цит. дело, наслов: Cecrops). Како може некој да основа цивилизација за чие име никогаш во животот немал слушнато? Едноставно, во времето на Кекропс, етнонимот “Грци” не постоел. Првиот митолошки прататко на Грците (Грек) се родил многу подоцна. Оттаму нејасно е и како може оваа митологија да биде наречена “грчка”, ако се знае дека според самата нејзина содржина грчкиот народ се појавил многу подоцна во однос на низа значајни митолошки настани. Впрочем ова го признавале дури и некои од античките автори. Интересен е примерот што го наведува Платон. Во своето дело “Тимеј” тој пишува дека атинскиот говорник и поет Солон (околу 640 - 560 пред Христа) бил во посета на Египет. Таму се сретнал со некој египетски свештеник и обајцата почнале разговор околу појавата на првите луѓе. Солон му рекол на египетскиот свештеник дека првиот човек (според митологијата) бил Форонеј и дека потекнувал од територијата на денешна Грција. На ова египетскиот свештеник се насмевнал и му рекол: “О, Солон, Солон! Вие Грците секогаш сте како деца. Не постои таков поим како што е “антички Грк!” (Egyptian Prest to Solon. Платон, Timaeus, 23б). Голем удел во оваа митологија имале и античките Македонци, за што ќе пишуваме во следниот број. (Извадок од книгата „Античко-македонското наследство во денешната македонска нација – прв дел фолклорни елементи) и од документарната емисија на англиски поставена на историскиот канал на You Tube: Aleksandar Donski History Channel. |