|
|
Весна Атанасовска: Националниот консензус – неопходен пат кон стабилност и просперитет |
Одбивањето на предлогот за национален консензус за клучни прашања е на штета на сите граѓани. Во време кога се соочуваме со големи предизвици, внатрешни и надворешни, потребно е политичките лидери да го надминат партиското и да ги стават државните интереси на прво место. Националните прашања како и економскиот развој, образованието, здравството, надворешната политика и евроатлантските интеграции бараат стабилност и заедничка визија за иднината. Граѓаните веќе долго време живеат со последиците од поделбите и политичките игри, кои ги одложуваат суштинските реформи и го намалуваат нивото на доверба во институциите. Оваа ситуација создава климат на несигурност, која ги поттикнува младите и стручните лица да бараат среќа надвор од границите. Наместо да се стремиме кон национален напредок, ја продлабочуваме кризата и фрустрацијата кај населението. Националниот консензус не значи унифицирано на мислењата, туку соработка во корист на општото добро. Тоа е процес во кој различните политички субјекти заеднички ги идентификуваат приоритетите и начините за нивно остварување. Во вакви моменти, кога светот се менува брзо, а регионалните и глобалните околности се непредвидливи, важно е да изградиме стабилна и одржлива политика која ќе ги обедини сите граѓани без разлика на нивната етничка или партиска припадност. Одбивањето на национален консензус е одбивање на иднината. Тоа значи продолжување на цикличната политичка борба која нема победници, туку само поразени – граѓаните. Секој одговорен политички фактор мора да ја преземе одговорноста за иднината на државата и да покаже подготвеност за компромиси во интерес на народот. Само низ ваков пристап можеме да изградиме општество кое е силно, обединето и подготвено да се соочи со предизвиците на новото време. Граѓаните заслужуваат политички лидери кои ќе се борат во интерес на народот, а не за лични или партиски позиции. |