Култура и туризам

Водоча – Манастир Св. Леонтиј

vodoca

vodoca

На излезот од селото Водоча, на само четири километри северозападно од Струмица, достоинствено се издигаат реставрираните куполи на црквата Свети Леонтиј, немо сведочејќи за велелепието на древното седиште на Струмичките митрополити. Уште повеличествена е глетката ноќе. Осветлен е целиот комплекс од различни агли. Во околната темнина случајниот намерник има чувство како манастирот да лебди, слегувајќи од небото.

Постојат два пристапи. Едниот води до големата црква на Св. Леонтиј и до гостинскиот конак. Вториот, низ главната порта, води во монашкиот дел, во којшто се наоѓа малата новоизградена црква посветена на Св. Григориј Палама и на преподобниот Старец Јосиф Спилеот, со камбанаријата, наспроти монашкиот конак. Во близина, покрај младите платани, по патеката зад манастирските ѕидови, скриена од погледите на посетителите, на една височина над манастирот со отворен поглед кон целата котлина е малата црква посветена на Св. Трифун, во рамките на новиот скит крај манастирското лозје.

Да се откине парче од Небото и да се пренесе тука, за утеха и спасение на луѓето, да се претвори еден сув, див предел во градина на Духот, да се биде сведок на Царството Небесно во светот е крстовоскресен подвиг, достоен за еден човечки живот. Малкумина се повикани да сведочат на местото Христово. Таков сведок е епископот. За тој свет, маченички подвиг на архиереите, за видливата и невидливата борба со силите на поднебесјето што подвижниците ја водат, за љубовта кон непријателите, Водоча има многу нешта да раскаже… Без зборови. За оние што знаат во смирение да слушаат, да видат… Со окото на душата.

Благодат на мачеништво и просветлување. За тоа во повеќе наврати и во различни епохи говорат историските факти и житијата на светителите, се` до денес. Со подвигот на Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици е вкоренет маченичкиот етос на ова свето место. Во овие предели започнала мисијата на Светите браќа Методиј и Кирил. Подоцна нивниот ученик Св. Климент Охридски во овие предели дејствувал како епископ Велички и Дремвицки. Тука пострадале четиринаесетте илјади Самоилови војници по битката на Беласица. Тука бил епископ Св. Константин Кавасила.

Водочкиот манастир за првпат се спомнува во повелбите на византискиот цар Василиј Втори, во 1018 година, во времето кога е уништена Самоиловата држава. Повторно се појавува во документацијата на еден хиландарски акт од 1376 година, кога Водочкиот епископ Даниил и Банскиот епископ Григориј ги решавале споровите со световната помесна власт околу границите на Хиландарските имоти во околината на Струмица.

Денешниот надворешен изглед на црквата Св. Леонтиj, го доловува некогашниот сјај. Но внатрешниот амбиент со мноштвото фрески, мермерниот иконостас, големите престолни икони, богатството на светите садови, литиските знамиња украсени со скапоцености, црковниот мебел и богослужбените предмети… Засекогаш неповратно се изгубени. За подигњето на црквата не постојат точни историски податоци. Всушност, станува збор за комплекс од Водочки цркви со три фази на изградба. Најстарата е на источната страна. Останат е само мал фрагмент во денешниот олтарен дел. Втората фаза е кога била урната првобитната базилика и во првата половина на XI век кон западната страна била подигната црква во облик на впишан крст, посветена на Воведението на Пресвета Богородица. Од тогаш датираат денес единствено сочуваните фрески на Св. Евпл и Св. Исавриј, коишто укажуваат на аналогии со живописот во охридската Света Софија и на оној во црквата Св. Врачи во Костур. Во XII век дошло до проширување, при што е изградена големата источна крстообразна црква со монументален живопис. Кон западната страна на црквата, во втората половина на XIV век, е подигната припрата, живописана во тој период. Кога бил подигнат отворениот трем на јужната страна, не се знае.

Двете најстари белешки за Водочката црква, првата на рускиот патешественик Григорович од 1848 година, и втората на архимандритот Герасим, подоцнежен струмички митрополит од 1896 одина, даваат податоци за состојбата на црквата – којашто до тој период била релативно малку оштетена (доволно било да се поправат паднатото кубе и портите), со извонредно сочуван живопис. Но во наредните шеесетина години доаѓа до големо оштетување. Во 1958 година извршено е симнување на остатоците од фрескописот, со цел да бидат заштитени. Во седумдесеттите години од XX век црквата е целосно архитектонски реконструирана, врз основа на остатоците.

Некогаш тука течела Бела река, Водочица. Пределот бил тивок, далеку од Тивериопол.

Денес, по неполни десет години од возобновувањето на манастирот како седиште на Струмичкиот митрополит Наум, полека се враќа илјадалетната убавина, со примеси на новото време. Резиденцијата располага со голема гостоприемница, богата библиотека со простор за одржување синаксиси и црковно-дипломатски средби, помала архиерејска госторпиемница во топол амбиент, соби за гости, голема трпезарија и монашки дел. Едноставност и автентичност во слободата на стилот. Паркот околу малата црква на Свети Григориј Палама во монашкиот дел е грижливо уреден. Во голем контраст со сувоста на пределот надвор. Однегувани дрвја. Тревници обрабени со ѕидови подигнати во „опус клаузоне“. Чардакот и тремот пред конакот се особено пријатни по зајдисонце, кога и во најголемите летни жештини тука свежи неизбежниот ветер.

Манастирскиот типик овозможува молитвено тихување. Посетителите и гостите – тие што се боготрагатели и тие коишто во костецот на своите животни неволји како дар од Бога овде ја препознале потребата од својата лична духовна преобразба и исцеление – се пречекуваат во големиот гостински конак, којшто е одвоен од монашкиот дел. Како и во сите манастири под духовно раководство на митрополитот Наум Струмички, монашкиот живот тука е посветен на Исусовата молитва. Сите богослужби се совршуваат во црквата на Св. Григориј Палама и на Старецот Јосиф Исихастот, додека за големите празници се служи во големата црква на Св. Леонтиј.

Најново од: Култура и туризам

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

Зачнување на свети Јован Претеча и Крстител

Празник на надежта, молитвата и довербата во Божјата милост На 6 октомври, односно на 23 септември по јулијанскиот календар, Македонската православна црква — Охридска архиепископија го празнува Зачнувањето на свети Јован Претеча и Крстител. Овој празник нè потсетува на евангелското сведоштво за свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета. Иако двајцата биле во поодминати години, во […]

На 6 октомври 1928 година — Од љубовта кон Раца се родило поетското име Рацин

Картичката што Кочо Солев ѝ ја испратил на Рахилка Фирфова останала значајно сведоштво за потеклото на едно од најголемите имиња во македонската книжевност. На 6 октомври 1928 година Кочо Солев испратил картичка до Рахилка Фирфова — Раца, во која ѝ соопштил дека го зема нејзиното име како свое. Со тој личен и емотивен чин, младиот […]

Горан Благоев, бугарски новинар и историчар: Бугарија ѝ предала на Грција и реликвија од Охридската архиепископија

Акт од 28 ноември 1916 година, посочен во извештаите за тврдењето на Горан Благоев, наведува 84 црковни старини од Охрид испратени на „привремено чување“ во Софија — меѓу нив и сребрена кутија со моштите на света Матрона, попишана како сопственост на градот Охрид. Бугарија ѝ предала на Грција и охридска реликвија во размената за останките […]

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

To top