Македонски легенди

Тоше Проески – небесниот ангел на љубовта

tose-proeski

tose-proeskiПРОЕСКИ, Тодор – Тоше (Прилеп, 25. I 1981 – Нова Градишка, Хрватска, 16. X 2007) – вокален интерпретатор, Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ, една од најголемите ѕвезди на македонската и балканската музичка сцена. Музичката кариера Тоше ја започнува со настапот на Макфест `97, кога најави дека на македонската сцена се појавил вокал со извонреден потенцијал. Песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“(1998), му го отворија патот до ѕвездите. Тоше Проевски стана познат и за меѓународната јавност со песната „Тајно моја“ изведена на фестивалот Славјански базар, а со учеството во 2001 година на изборот за Песна на Евровизијата во Истанбул, беше дефинитивна потврда дека тој е пејач од светски ранг. Соработува со повеќе македонски автори како што се Г. Копров, К. Костов, К. Габровски, Х. Котларовски, како и со голем број на познати балкански и светски музичари и композитори (Жељко Јоксимовиќ, Леонтина, Бора Чорба, Миро Буљан, Антонија Шола, Марина Туцаковиќ и др.). Третиот албум „Ако ме погледнеш в очи“ го сними во соработка со грчкиот композитор Фебус (Phoebus), со продуцентот Влахос (Влахос) и текстописецот од Србија М. Туцаковиќ. Издал повеќе албуми во Македонија и во странство, а соработувал со менаџерски и издавачки куќи од Англија. Тоше станува заштитен знак и музички бренд на Македонија. Умира на 16 актомври 2007 година во сообраќајна несреќа во Хрватска, а денот на неговиот погреб беше прогласен за Ден на Национална Жалост. Постхумно е прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Ќе остане запаметен со неговата порака „Ве сакам сите“

ВОКАЛЕН ИНЕРПРЕТАТОР СО АНГЕЛСКИ ГЛАС

Наследувајќи го музичкиот талент од таткото Никола и мајката Доменика, Тоше Проевски љубовта кон музиката ја покажува од мали нозе. По завршувањето на Средно музичко училиште во Битола, своето образование Тоше го продолжува во Скопје, каде студира соло пеење. До дипломирањето на Музичката академија во Скопје му останаа уште два испити, кои требаше да ги полага во пролета 2008 година. Додека се припремаше за дипломската работа, целовечерен класичен концерт, музичките финеси ги усовршувал во Њу Јорк, кај Вилијам Реј, кој порано му бил учител на Лучиано Павароти.

Вдахновен од Бога со ангелски глас, како десетгодишник, Тоше Проески со изведбата на „Аве Марија“, ќе ја воодушеви публиката, а  во 1992 година учествува на фестивалот „Златно Славејче“ со песната „Јас и мојот дедо“, која ја пее на влашки јазик. Кариерата на поп пејач ја започнува на фестивалот Макфест 1997 година, каде ќе ги најави своите извонредни вокални способности. Песните „Пушти ме“  во 1997 година и „Остани до крај“ во 1998 година, ќе му го отворат патот до ѕвезденото небо на музичката сцена. Музичката соработка со Григор Копров, ќе му донесе два од најголемите хитови: „Усни на усни“ и  „Сонце во твоите руси коси“. Во успешната 1999 година, Тоше ќе го издаде својот прв албум “Некаде во ноќта” и ќе го одржи својот прв самостоен концерт.

Во јуни 2000 година, Тоше ќе го промовира и својот втор албум “Синот Божји”. Голем број од овие песни како “Во коси да ти спијам”, “Немир”, “Илузија” и “Тајно моја”, ќе станат хитови. Истата година ќе го освои второто место на фестивалот „Сунчане скале“ во Херцег Нови, Црна Гора, а српската продукциска куќа „BK Sound“ ќе ги откупи правата за издавање на следниот албум на Тоше. Сето ова ќе доведе Тоше да добие Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, а неговите концерти во Скопје и Белград ќе бидат распродадени.

Тоше со својата нова менаџерка Љиљана Петровиќ, го снима својот трет албум “Ако ме погледнеш во очи”, на македонски и српски јазик. Третиот албум Тоше ќе го сними во соработка со грчкиот композитор Фебус (Phoebus), со продуцентот Влахос (Влахос) и текстописецот од Србија М. Туцаковиќ.  Во 2002 година оди на турнеја во Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина, а покасно во Хрватска и Словенија, каде што остварува огромен успех. Со песната „Чија си“, Тоше победува на „Беовизија“, во 2003 година. Песната станува огромен хит во повеќе балкански земји, а музичките критичари Тоше го нарекуваат пејач со ангелски глас.

И покрај огромната популарност која ја стекнува, Тоше не го менува својот карактер. Останува скромен. Полн со љубов кон луѓето, ги помага децата и учествува на бројни хуманитарни концерти. За својата хуманитарна активност ја добива наградата Мајка Тереза во 2003 година, а во 2004 година е именуван за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „Овој свет“, на македонски и „This world“ на англиски

Тоше Проески ја преставува Македонија на изборот за песна на Евровизија 2004 во Истанбул, Турција, каде го освојува  14-то место со песната Life (англиска верзија на “Ангел си ти”). На прес конференциите го привлекува вниманието на новинарите со презентации на своите извонредни благогласни оперски квалитети.

На хрватската музичка сцена Тоше се пробива во 2004 година, благодарејќи на соработката со Тони Цетински, со песната „Лагала нас мала“. Неговата популарсност се зголемува со издавањето на албумот на босански јазик „Дан за нас“, со што му се овозможува да се појави на хрватскиот етер.  Колкава е неговата популарност во Хрватска, најдобро покажува неговиот избор за најдобар хрватски пејач, иако нема хрватско потекло. Тоше беше единствен странски пејач кој ја освоил главната награда Хрватскиот радио фестивал. За две години во Хрватска издаде преку 40 песни на хрватски јазик и продаде 40 илјади албуми. Антонија Шола за Тоше ја напиша песмата „Срце није камен“, која беше една од најчесто слушаните песни на хрватските радија во 2006 година.

Тоше Проески беше голем верник кој својот духовен мир го наоѓаше во манастирот „Свето Преображение“, во Крушево. По престојот близу до бога и природата, духовно окрепен и осветлен од златните сончеви зраци, ги освојуваше народите на поранешните југословенски републики. Пренесувајќи ја духовната свирка и пораката за мир и љубов, славејот од Крушево ги тешеше поединците и ги зближуваше народите. Во последните години, Тоше триумфираше на бројните фестивали во државите на поранешна Југославија. Неговиот албум „По тебе е се`’ со недели остануваа на врвот на листите во Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, а сингловите, пак овој албум, остануваат со месеци на врвот на топ листите.

И покрај огромната популарност која ја стекна на поранешните југословенски простори, Тоше никогаш не ги заборави своите македонски корени. Тој го издава албумот „Божилак“, кој е компилација од 14 одбрани македонски народни песми, пропратени од симфониски оркестар. Последниот албум „Игри без граници“, ќе го издаде во 2007 година. Како спортист кој ја сака својата земја, со огромна страст ќе ја отпее спортската химна  „Македонија навива за вас“, која македонските навивачи ќе ја запаметат и прифатат од прва. Тоа беше и последна снимена композиција на Проески. На 5 октомври 2007 година, на градскиот стадион во Скопје Тоше Проески го оддржа  последниот хуманитарен концерт, пред повеќе од 40.000 посетители, посветен за ревитализација на училиштата во Македонија.

Божјата судбина сакаше да го прибере своето чедо во рајските двери. Тоше Проевски загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година на автопатот Загреб – Липовац, кај Нова Градишка, на пат од Скопје за Загреб. Возилото марка Volkswagen Touareg, со кое управувал возачот и пријател на Тоше, Ѓорѓи Ѓеоргиевски, тоа кобно утро ќе удри во задниот дел на приколка на камион кој се движел пред нив. Тоше Проески загинал на лице место. Неговиот пријател и возач поминал со потешки повреди, додека со полесни повреди поминала неговата менаџерка Љилјана Петровиќ.

Веста за смрта на „најголемата балканска ѕвезда“, и на „човекот со ангелски глас“, набргу ќе ја обиколи Македонија и Балканот. Неа ќе ја објават сите балкански медиуми и најголемите светски новински агенции. Македонската телевизија ќе ја прекине програмата за да извести за смрта на Тоше Проевски.

Трагичната вест ја потресе македонската јавност. Народот почна да се собира на плоштадите низ македонските градови за да запали свеќа, додека сите угостителски објекти, радио и телевизиски станици спонтано пуштаа само негови песни. Колку беше ценет и сакан Тоше во својата земја зборува и податокот дека претседателот и премиерот на државата се упатија на скопскиот плоштад за да запалат свеќа, а претседателот на Собранието низ солзи ја соопшти веста за одложување на работата на парламентот. Со своја изјава излезе и поглаварот на Македонската православна црква.  Во Македонија 17 октомври 2007 година беше прогласен ден на национална жалост.  На тој ден, во присуство на неговите родители, роднини, пријатели, музички соработници и обожаватели од целиот Балкан, Тоше Проески беше испратен до неговиот вечен дом.

Со смрта на Тоше, Македонија загуби личност што беше „нешто најдобро што земјата го имала во последните 50 години“. Неговата слава на Балканот „Би-Би-Си“ ќе ја спореди со онаа на Елвис Присли во САД. Денес неговиот гроб во Крушево го посетуваат илјадници фанови од Македонија и Балканот.

Најново од: Македонски легенди

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

Јосиф Јосифовски — Свештарот: Живот положен за слободата на Македонија

Роден на 2 август 1915 година во Гевгелија — загинал на 6 октомври 1943 година кај селото Кленоец, Кичевско. Јосиф Јосифовски — Свештарот е македонски револуционер, учесник во Народноослободителната борба и народен херој. Неговиот живот завршил на само 28 години, во борбите за одбрана на слободната територија во Западна Македонија. Роден во сиромашно семејство во […]

Маца Карбева

Маца Карбева – од борбата за правата на жените до АСНОМ Маца Карбева (20 август 1919, село Војница, Велешко – датумот на смртта не е утврден) била македонска првоборка, учесничка во Народноослободителната борба и делегатка на Првото заседание на АСНОМ. Нејзината дејност започнала во работничкото и женското движење во Велес, а продолжила во илегалната борба […]

Пеце Атанасовски – легендарниот гајдаџија кој го разнесе македонскиот звук низ светот

Пеце Атанасовски (Долнени, Прилепско, 1925 – Скопје, 14 септември 1996) е еден од најголемите македонски народни инструменталисти, легендарен гајдаџија и неуморен чувар и афирматор на македонската изворна музика. Со звукот на својата гајда ја претставувал Македонија на бројни сцени во земјата и во светот, оставајќи наследство што живее и денес. Во историјата на македонската народна […]

To top