Македонски легенди

Војвода Методи Патчев од Охрид

Metodi_Patchev_VMRO

Metodi_Patchev_VMROМетоди Патчев (Охрид, 20. V 1875 – Кадино Село, Прилепско, 7. IV 1902) – бил македонски учител, револуционер и војвода на ТМОРО. Како учител работел во Охрид во 1896 година и во кичевското село Ехловец. Се активирал во ТМОРО и дејствувал во тој реон од 1897 до 1898 година. По убиството на Димитар Грданов во Охрид, бил уапсен и одлежал во затвор од 1898–1901 година. По амнестијата во 1901 година заминал во четата на Марко Лерински, а во октомври истата година бил назначен за прилепски војвода. За време на престојот на четата во Кадино село, Прилепско во пролета 1902 година, биле предадени и опколени од турската војска и башибозук, а борбата ја завршиле со групно самоубиство.

Методи Патче е роден на 20 мај 1875 година во Охрид. Во родниот град завршил прогимназија, а потоа отишол да работи како чирак кај еден свој сограѓанин, кожар во Пловдив. Во 1896 година се вратил во Охрид и се занимавал со учителска дејност. Бил учител во Охрид и во кичевското село Ехловец. Истата година влегол во редовите на Охридскиот комитет на ТМОРО, во кој покрај него  членувале или блиски на неа биле: Христо Узунов, Кирил Прличев, Лука и Иван Групчеви, Атанас Каневче и други. Во периодот од 1897 до 1898 година, Методи Патче дејствувал во охридскиот регион.

Посебно место во развојот на ТМОРО, во овој период имале ударните групи за специјални намени. Овие групи покрај следењето на одредени луѓе и справувањето со уличните шпиони, собираат пари за потребата на организацијата, го помагаат нејзиното вооружување и вршат агитациско-организациски задачи. Обично ударните групи биле со повремен карактер и биле составени од лојални, храбри, снаодливи луѓе, каков што бил и Методи Патче.

Првата акциjа на Организациjата во Охрид е убиството на Димитар Грданов коj бил осуден како разбивач на национално-политичкото единство на масите. Ликвидацијата на турскиот шпион Димитар Грданов, била една од позначајните акции што ги извршил Методи Патче. За да одредат кој ќе убие предавникот, групата во која биле Методи Патчев, Христо Узунов и Кирил Прличев, синот на Григор Прличев, влечеле ждрепка. Патчев, на кого му паднала ждрепката, со помош на Христо Узунов и Кирил Прличев, на 5 август 1898 година го застрелал предавникот Димитар Грданов во центарот на Охрид, по што сите тројца се уапсени од турските власти.

Иако немало сведоци на убиството, тој бил уапсен од турската власт и осуден на 15 години затвор. Методи Патче бил затворен во битолскиот затвор, каде останал се до 1901 година кога бил амнестиран.

По излегување од затворот, во учебната 1901/1902 година Методи Патче бил назначен за учител во Прилеп. Но, откако турскта власт му забранила да работи како учител, тој преминал во илегала и се приклучил на четата на Марко Лерински (Георги И. Ѓуров). Тој бил бугарски офицер кој придобиен од Гоце Делчев и Ѓорче Петров во 1900 година, учествувал во македонското револуционерно движење како член и војвода на Македонската револуционерна организација. Марко бил испратен во леринскиот крај, а неговата чета, благодарение на неговата официрска подготовка и организациски способности, станала училиште за обука на македонските револуционери и војводи. Меѓу оние кои ја поминале неговата обука бил и учителот Патче.

Во октомври 1901 година, Методи Патче бил назначен за војвода на првата агитационо-организациска чета во Прилепско. Со намера да привлече и зачлени поголем број комити во Организацијата, патува низ прилепскиот регион и за релативно кусо време, ќе доjдат до израз неговите организаторски способности. Во текот на март 1902 година, заради разврат го ликвидирал и  прилепскиот војвода Тале Горанов.

Но, откако на 6 април 1902 година, на селскиот празник, Благовец, дошол со шестмина соборци во Кадино Село, Прилепско, за да покрсти нови членови за организацијата, бил предаден и опкружен од турскиот аскер и башибозук. Додека Војводата со четата биле сместени во старата кула, а народот за тоа време бил во црква, околу пладне во селото дошле околу 500 вооружени луѓе, меѓу кои аскер од Битола и познатиот разбојник Расим со 25 души.

Претходно четата не била известена за движењето на силниот аскер кон Кадино Село и немала ниту време и можност да се извлечат од кулата и селото. Опколени од сите страни, четата се забрикадирала во кулата. Започнала  неравноправна јуначка борба која траела до наредниот ден (7 април 1902 година), се до моментот кога на четата им снемоло муниција. На Патче и македонските комити не им преостанало ништо друго освен да се предадат или да умрат. Методи Патчев и комитите биле свесни дека што и да одлучат, порано или покасно крајот ќе биде ист. Одлуката била донесена и на повикот од аскерот да се предадат одговориле дека македонски борци не се предаваат. Со песна, после 24 часовна борба, Методи Патчев и неговите соборци со последните куршуми извршиле групно самоубиство.

По престанокот на пукотниците, кога Турците влегле во кулата, глетката била потресна и величанствена. Со прострелни смртоносни рани, со радосни лица во пресрет на смрта, комитите како да и одавале последен поздрав на својата мајка земја и на својата татковина Македонија. Командантот, потпоручникот Нијази-бег, подоцна еден од истакнатите членови на Младотурската револуција, покажувајќи на положените тела на комитите, пред  аскерот ќе изјави “Тоа се херои. Гледајте како се бореа за својата идеја. Сами се убија.”, а  потоа со плотун преку мртвите тела, Турците ќе им одда почит на загинатите македонски херои.

Турците кај Патчев пронашле шифрирани документи од кои ја откриле целата револуционерна мрежа на Организацијата во Прилепско. Османлиската војска правејќи голем зулум, извршила претрес и апсења во 18 прилепски и 6 мариовски села, при што биле затворени 92 припадници на Организацијата. На судењето во Битола, на разни затворски казни биле осудени 16 души, а другите биле ослободени. Врз основа на разни добиени податоци се смета дека предавството го извршиле Станко Ачкоски, кмет на селото, познат врховист и турски шпиони, и неговиот заменик Јонче Врбоски. Ачковски бил осуден на смрт од Организацијата и истото лето бил убиен.

Македонската револуционерна борба пред и по Илинденското востание памети многу колективни самоубиства на македонски војводи и комити, кои со посегањето по сопствениот живот предизвикувале восхит не само кај својот народ туку и кај непријателот. Меѓутоа самоубиството на охриѓанецот Методија Патчев и неговата дружина е прв таков чин по чиј пример подоцна ќе тргнат многумина македонски синови.

Селаните ги закопале македонските херои во црквата “Света Богородица”, а подоцна ги откопале и ги погребале во заедничка гробница на селските гробишта. За Војводата Методи Патчев испеани се повеќе песни. Една од нив е и песната „Јас Методи Патче од Охрида“:

Јас Методи Патче од Охрида
ослободен од битолски затвор.
Па си тргнав за Охрида града,
там не најдов ни мајка, ни татко.
Там си најдов верната бисерка,
верната бисерка, малихерка.

Па си тргнав за Прилепа града,
за Прилепа, село Кадиново.
Там си најдов верната дружина,
верната дружина, договорна.
Слово држи Методија Патчев:
напред браќа, борба да водиме.

Се зададе силната потера,
силната потера, кавалерја.
Поарчија сите си куршуми,
оставија само еден куршум.

Слово држи Методија Патчев:
ајде браќа да се убиеме.
Навртија пушки во градите.
Прв се уби Методија Патчев,
а по него целата дружина

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top