Македонски легенди

Гаврил Радомир

gavril-radomir

gavril-radomirГаврил Радомир (1014 – 1015) – македонски цар, првороден син на Самоил и Агата. Совладетел и наследник на Самоил. Се истакнува во војната со Византија и му бил десна рака на Самоил. Учествувал во сите поважни битки против Византијците: во битката кај Ихтиман (Трајановата порта – 986), битката кај Сперхеј (996) и Беласичката битка (1014). На двапати го спасил Самоил, извлекувајќи го од бојното поле, по загубените битки кај Сперхеј и кај Беласица. Во Битола имал свои дворци и главна резиденција. На престолот се искачил во 1014 година, по смрта на Самоил. Во 1015 година бил убиен во лов.

Гаврил Радомир, покрај сестрите Косара и Мирослава, бил првороден син единец на Самоил и Агата. Во пишаните извори нема податоци за годината на неговото раѓање, а за првпат неговото име се спомнува во борбата за власт меѓу двата преостанати синови на комитопулот Никола, неговиот татко Самоил и чичкото Арон.

Во вековната борба меѓу Цариград и Рим за доминација на Балканот, по смртта на браќата Давид и Мојсеј, Византија го поддржува Арон во неговите обиди сам да застане на чело на средновековната македонска држава, создадена по востанието во 976 година. Обвинет за предавство, Самоил го ликвидирал целото семејство на Арон. Единствено, по заложбите на Гаврил Радомир, се спасува синот на Арон, Јован Владислав.

Македонската средновековна држава, изградена на темелите на Кирило-Методиевото дело и нивните ученици Св. Климент и Св. Наум, а чии стремежи биле создавање на трето славјанско царство, покрај грчкото и алеманското се спротивставува на доминацијата на еленизираниот Цариград. На 17 август 986 година, доаѓа до судир на двете војски кај т.н Тројанова врата (Ихтиман). Во битката кај Ихтиман во која учествувале Гаврил Радомир и Јован Владислав, византиската војска предводена од царот Василиј II била страшно поразена, а самиот император одвај ја избегнал смртта.

Гаврил Радомир учествувал и во походот на неговиот татко, кој го превзел против Солун. Во борбите во 995 година, пред градот загинал заповедникот на Солун, Григориј Таронит, по што Василиј II го упатил врховниот заповедник на Западот, магистерот Никифор Уран. Двете војски се судриле кај реката Сперхеј во 996 година. Во битката која се водела покрај надојдената река, биле изненадени и заробени околу 12.000 македонски војници, а Гаврил Радомир го извлекол неговиот татко и двајцата ранети се вратиле во Македонија.

По битката кај Спархеј, Самоил бил принуден да му даде писмена согласност за послушност на византискиот император Василиј II, но набрзо потоа со поддршка на Рим, Самоил се прогласил за цар. Својата позиција Самоил ја зацврстува со венчавката на Гаврило Радомир со унгарската принцеза Маргарета, ќерка на унгарскиот владател Геза (971 – 997). Всушност, Рим единствено доделувал титули на владетелите на Франките, а потоа и на германските владетели.

Политичкиот брак на престолонаследникот и совладар Гаврил Радомир со унгарската принцеза, набрзо ќе пропадне. По смрта на Геза во 997 година, Македонците не го прифатиле барањето да го поддржат синот на Геза, Стефан I, да застане на унгарскиот престол. Како резултат на ова одбивање биле заедничките напади на Унгарците и Византијците и уништување на македонските војски на северозападната граница. Најистурената гранична стражарница бил  Видин, кој паднал на 15.VIII.1002 година. По заострувањето на односите со Унгарците и приближувањето на Стефан I со византискиот цар Василиј II, бремената принцеза Маргарета била протерана, а од овој брак, потоа се родил Петар Дељан кој подоцна го предводел востанието во 1040/41 година.

По протерувањето на унгарската принцеза од Македонија, вниманието на Гаврил Радомир ќе го привлече убавата робинка Ирена, која била доведена во Македонија по освојувањето на Лариса во 985/6 година. Со дозвола на Самоил, Гаврил Радомир се оженил за Ирена со која имал седум деца.

Во текот на овие воени дејствија, македонската средновековна држава изгубила голем дел од територијата, но сепак била доволно моќна да го заштити останатиот дел од византиските напади. По релативен мир со повремено навлегување на византиската војска, на почетокот на втората деценија од вториот милениум, зачестиле византиските напади.

Знаејќи дека непријателските војски навлегуваат низ родопските клисури, македонските војници ги затвориле премините со опкоп и бројна посада. Известени дека византиските војници се тргнати во поход и дека навлегуваат на територијата на Македонија, на 29 јули 1014 година дошло до судир со Самоиловите војници на Беласица. Неможејќи да се пробијат низ тесниот премин, византискиот стратег Теофилакт Ботанијат со забрзан марш извршил заобиколување на планината и со војската удрил од зад грб на Самоиловата војска. Имало многу убиени и уште повеќе заробени. Самоила го спасил неговиот син, кој го качил на коњ и го одвел во Прилеп.

По поразот кај Беласица, во теснината, југозападно од Струмица, Гаврил Радомир ја победил византиската војска и го убил нејзиниот предводник, солунскиот дукс Теофилакт Ботанијат. Последиците од поразот на Беласица, биле трагични. Византискиот цар Василиј II, откако слушнал дека загинал стратегот Ботанијат наредил на 15.000 заробени војници да им се извадат очите, а на секој стоти да му биде оставено по едно око за да може да ги води. Кога ги видел во каква состојба се војниците, Самоил починал на 6 октомври 1014 година.

Гаврил Радомир, кој како совладетел ги управувал териториите околу Петерско и Островско Езеро и Пелагонија, по смртта на татко му го презел престолот. Како владетел водел одбранбена политика, настојувајќи да ги зачува преостанатите територии. Меѓутоа, не успеал да го спречи императорот Василиј II, кој ги освоил Прилеп и областа Раец, а во Битола ги запалил неговите дворци, но градот не го освоил.

Во 1015 година, Византијците ја освоиле и Мегленската област. Гаврил Радомир понудил склучување мир, откако увидел дека со несредена внатрешна состојба и отворени аспирации за престолот од страна на својот братучед Јован Владислав, неможе рамноправно да се носи со воената надмоќ на Византија. Но, императорот Василиј II ја одбил понудата и му дал  поддржка на Јован Владислав, кој како син на Арон, постар брат на Самоил, сметал дека има повеќе право на престолот. Византијците го поттикнуваат Јован Владислав да го убие својот роднина Гаврило Радомир за да ја освети смртта на татко му и да го преземе престолот.

Иако познат како храбар и искусен воин, Гаврил Радомир, не успеал посериозно да ги загрози Византијците и бил принуден постојано да се брани. Љубовта кон власта го надвладува разумот кај Јован Владислав, кој заборава дека Гаврил Радомир му го спасил животот од одмздата на Самоил. Во летото 1015 година, Гаврил Радомир, средновековниот благороден македонски цар бил убиен од Јован Владислав, за време на лов, кај местото Петерско, на југозападниот брег од истоименото езеро.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top