Македонски легенди

Методија Андонов Ченто

cento

Методија Андонов Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година. Завршил средно трговско училиште и во 1926 година отвора бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година во Нови Сад склучил брак со Василка Спирова Поп – Атанасова.

cento

Уште од својата младост Ченто ја бранел македонската национална кауза. Учествувал на изборите во 1935 година, како заменик кандидат, а на изборите во 1938 година и како кандидат на листата на Здружената опозиција, залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. Иако добил најмногу гласови, сепак поради државната манипулација со изборниот систем, Ченто на бил избран за пратеник. Неговиот прв судир со српските власти бил кога во 1940 година, како организатор на Илинденските демонстрации во Прилеп, бил затворен во Велика Кикинда. Поради своите залагања за воведување на македонски јазик во наставата во училиштата, повторно бил затворен во затворот Баина Башта. Бил осуден на смрт, но бил ослободен во последен момент на 15 април 1941 година. Пред Втората светска војна, бидејќи бил многу почитуван во прилепската чаршија, бил претставник на прилепскиот трговски еснаф, а во периодот од 1935 до 1940 година бил претставник на прилепските трговци во Индустриско-трговската комора во Скопје. Тука повторно дошол во конфликт со српската власт, велејќи дека Македонија треба да се остави на Македонците и дека тие од неа ќе направеле развиена економска земја. Ваквите негови изјави биле пренесени во Белград и оценети како сепаратистички и автономистички.

Уште на почетокот на бугарската окупација, Ченто, како и многу други Македонци, добива покана да соработува со бугарската власт. Тој оваа покана ја одбива и започнува соработка со Македонското движење за ослободување на Македонија. Неговата продавница во Прилеп станала свтилиште на македонските комунисти од градот. Во 1942 година повторно бил уапсен, бил интерниран прво во с. Мелница (близу бугарско-турската граница), а потоа во логорот Чучучигово, Петрич (пиринска Македонија). По неговото ослободување од интернација, Главниот Штаб на НОВ и ПОМ на 21 август 1943 година, му исраќа писмо во кое го повикува да се приклучи на НОБ. На иницијатива на Кузман Јосифовски – Питу, Ченто се приклучил на Народноосободителното движење на Македонија.

СУДИРОТ ВО МАКЕДОНСКОТО НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНО ДВИЖЕЊЕ

Првите несогласувања со комунистите Ченто го имал уште во екот на ослободителната војна, кога заедно со неколку интелектуалци кои биле членови на АНОК (Акционен народноослободи­телен комитет), дале опширен приговор на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Подоцна, оваа група во разни извештаи на комунистичките власти била оквалификувана како “Антипартиска група”. Оваа група всушност била Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Во неа неформално членство имале Емануел Чучков, Благој Хаџи Панзов, Киро Глигоров, Лазар Соколов, Методија Андонов Ченто, Венко Марковски, Петре Пирузе – Мајски и др. Најголем акцент во Приговорот бил ставен на целоста на Македонската територија. Оваа група барала целосно обединување на Македонија. На една седница на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, во с. Рамно, Скопска Црна Гора, дошло до поголем конфликт помеѓу Ченто и Темпо. Изјавата земена од покојниот Претседател Киро Глигоров, кој бил сведок на настанот го даваме во целост:

“Во времето кога работеше Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, кој по и заседание на АСНОМ прерасна во Президиум на АСНОМ, јас како учесник во тие настани, се сеќавам дека една од првите седници на ова тело беше одржана на отворено небо, на една полјана во с. Рамно, на Скопска Црна Гора. Со седницата заседаваше Методија Андонов-Ченто, како претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а подоцна и на Президиумот на АСНОМ. Ченто ја започна седницата со збо-ровите: „Сега градиме македонска држава и ќе ја изградиме”, а потоа постави реторичко прашање: „А како ќе се вика таа држава?” и одговори: „Разбира се – Македонија. Дали некој има подруго мислење?” Сите одобру-ваа. Потоа го постави прашањето како ќе се вика телото што раководи наместо АСНОМ меѓу неговите заседанија, а кое има надлежности на привремен парламент и влада… Имаше разни предлози, но се усвои предлогот на Владо Полежина, правник од Кичево, ова тело да се вика “Президиум”, значи „Президиум на АСНОМ”, нешто како претседателство… Потоа на дневен ред беше прашањето кое предизвика полемика, а тоа е прашањето за проширувањето на Президиумот на АСНОМ со нови членови. Страхил Гигов, како член на ЦК на КПМ и на Главниот штаб, предложи во Президиумот да се прими Видое Смилевски, и даде кратко образложение за тоа. Ченто на тоа реагираше на следниот начин: „Кој е Видое Смилевски? Македонец ли е, знае ли македонски? Што направил за движењето?”. Страхил објаснуваше: „Да, тој е Македонец по татко, од Гостиварско, одраснал и живеел во Србија, разбира македонски но тешко се служи, учел на српски и подобро го знае српскиот јазик, учествувал во илегална работа, во Крагуевачкиот одред итн…” Ченто се сврте и ме праша мене: „Киро, го познаваш ли Видое од време на илегалата, си го сретнал ли?” Јас одговорив: „Не го познавам, иако учестрвував на речиси сите манифестации на студентите во Белград”. Ченто продолжи: „Па каков е тој Македонец кој не живеел во Македонија и не знае македонски? И ние меѓу двете Светски војни учевме на српски, но си зборувавме на македонски јазик… Од овие причини јас сум против Видое Смилевски да стане член на Президиумот, но за да не изгледа дека вршам некакво влијание врз вас, ги ставам и двата предлога, мојот и овој на Страхил Гигов, за изјаснување. Еве прво ти Михајло изјасни се.” Михајло  Апос-толски рече: „Јас сум за предлогот на Ченто”. Потоа, веројатно поради авторитетот на Апостолски, сите еден по еден се изјаснија во корист на предлогот на Ченто. И јас самиот се изјаснив за тоа. Настапи штама. Гигов видно разочаран и возбуден, веднаш трчајќи се упати во соседната куќа, каде што беа другите членови на Централниот комитет и делегатот на Врховниот Штаб, Светозар Вукмановиќ-Темпо. Брзо се вратија од таму Темпо и Гигов. Темпо неосетно му се приближи отпозади на Чента и со повишен тон рече: „Ко је тај Чента да одлучује ко че бити или нече бити члан Президиума…?” А Ченто, не завртувајќи се, бидејќи го познаваше гласот на Темпо, рече: „Ти другар Темпо, дали си член на Президиумот?” Темпо одговори: „Не сум”. Тогаш Ченто продолжи: „Е штом не си, тогаш што ни се мешаш во нашата работа, и оставине да работиме”. Ете таков беше Методија Андонов-Ченто и така се одвиваше еден од тогашните внатрешни судири во НОД и во раководството на Македонија.”

Во мај 1944 година, Ченто, заедно со Емануел Чучков и Кирил Петрушевски заминале на островот Вис, како членови на мекдонската делегација на АСНОМ, кај Јосип Броз Тито. Една од точките за кои биле овластени од АСНОМ, да му ја пренесат на Тито, била обединуањето на Македонија. Темата ја отворил Емануел Чучков, за да во разговорот се вклучи и Ченто, но со доста поостар тон во врска со ова прашање. Тито начелно се согласува со идејата за обединувањето на Македонија, но подоцна го менува ставот и вели дека сега не е погоден момент за да се оствари таа идеја и дека треба да се чекаат подобри времиња.

СУДИРОТ СО НОВАТА ВЛАСТ

Несогласувањата помеѓу дел од членовите на АСНОМ со членовите кои држеле до линијата на Партијата, кулминираат во 1946 година, кога се спроведува чистката на т.н. Антипартиска група. Ченто се спротивставил на одлуката македонски војници да одат на Сремски Фронт, се залага за поголема самостојност и обединување на Македонија. Заедно со Емануел Чучков се спротивставил на одлуката за враќањето на српските колонисти во Македонија, се залагал за поголема финансиска самостојност од Федерацијата. Поради сето ова, комунистичката власт полека му ги одзела сите функции кои ги имал Ченто, па така на 14 март 1946 година Ченто поднел оставка на сите функции кои ги имал во АСНОМ. Сакал да се врати во родниот Прилеп и да се повлече од политичкиот живот. Но, поради неговите ставови, власта сметала дека и надвор од политиката Ченто може да биде опасен за нивната власт, на 14 јули 1946 година бил уапсен и затворен. Во монтираниот обвинителен акт биле изнесени монтирани докази и искази на луѓе блиски до власта, по што од судскиот совет во кој членувале Панта Марина, Лазар Мојсов и Коле Чашуле, бил осуден на 11 година затвор. Бил затворен во “специјална ќелија” во затворот Идризово во Скопје. Додека бил во затвор, властите му нуделе да потпише изјава дека погрешил и дека се кае, но Ченто останал на своите ставови. Со видно нарушено здравје, бил ослободен, по одлежани 9 години и 4 месеци, на условна слобода. Поради влошеното здравје, му напишал писмо на Тито, за да му издадат пасош, за да се лекува во Швајцарија, но бил одбиен.

Првиот претседател на слободна Македонија умира на 24 јули 1957 година, во својот дом во Прилеп, од рак на желудникот. Неговата смрт не била објавена, па бил погребан во присуство на најблиските роднини.

Долго време по неговата смрт, Ченто бил табу тема и ретко бил споменуван во книгите и учебни­ци­те, а и јавните разговори за него биле најстрого забранувани. Во 1990 година, по осамостојувањето на Македонија, на барање на неговиот син Илија Андонов – Ченто, судот ја повторил кривичната постапка против Ченто, при што одлуката на судот од 1946 година била укината. Постхумно е одлику­ван со “Орден на Република Македонија”, признание кое го имаат само поранешните претседа­те­ли на Македонија.

Така завршува епопејата за еден борец за македонско национално единство, борец за обединета и независна Македонија. Преживувајќи ги окупациите и затворите на Србија и Бугарија, бива лишен од слобода во својата Македонија од раката на својот Македонец.

м-р Кире Филов

Најново од: Македонски легенди

Маца Карбева

Маца Карбева – од борбата за правата на жените до АСНОМ Маца Карбева (20 август 1919, село Војница, Велешко – датумот на смртта не е утврден) била македонска првоборка, учесничка во Народноослободителната борба и делегатка на Првото заседание на АСНОМ. Нејзината дејност започнала во работничкото и женското движење во Велес, а продолжила во илегалната борба […]

Пеце Атанасовски – легендарниот гајдаџија кој го разнесе македонскиот звук низ светот

Пеце Атанасовски (Долнени, Прилепско, 1925 – Скопје, 14 септември 1996) е еден од најголемите македонски народни инструменталисти, легендарен гајдаџија и неуморен чувар и афирматор на македонската изворна музика. Со звукот на својата гајда ја претставувал Македонија на бројни сцени во земјата и во светот, оставајќи наследство што живее и денес. Во историјата на македонската народна […]

Арсениј Јовков – илинденецот кој се бореше за Македонија со пушка, перо и филм

Арсениј Јовков (25 март 1884, село Селци, Струшко – 14 септември 1924, Горна Џумаја, Пиринска Македонија) бил македонски револуционер, илинденец, поет, публицист, новинар и филмски автор. Неговиот живот бил нераскинливо поврзан со борбата за слобода на Македонија, а неговото име останува запишано и во македонската револуционерна историја и во почетоците на македонската кинематографија. Арсениј Јовков […]

Ибе Паликуќа – една од најмладите народни хероини од Македонија

Ибе Паликуќа (Дебар, 1927 – Шутово, Кичевско, 22 септември 1944) била учесничка во Народноослободителната војна во Македонија и една од најмладите жени од Македонија прогласени за народни херои на Југославија. Како борец и политички активист, својот живот го загубила на само 17-годишна возраст. Ибе Паликуќа е родена во 1927 година во Дебар, во албанско семејство. […]

Христофор Жефарович – првиот македонски хералдичар

Христофор Жефарович (околу 1690 – 18 септември 1753) бил зограф, иконописец, бакрорезец, калиграф, калуѓер, трговец и печатар од Македонија. Се смета за прв македонски хералдичар и еден од најбараните уметници на просторот од Солун до Пешта во XVIII век. Во 1741 година во Виена ја објавил книгата „Стематографија“, во која се претставени грбовите на повеќе […]

„Македонија ќе биде слободна!“ – Александар Турунџев (1872–1905)

Александар Турунџев е роден во 1872 година во селото Горно Врбени, Леринско, а се самоубил 30 август 1905 година во Битола. Македонски револуционер, илинденец и војвода, тој останал запаметен како еден од симболите на непокорот и саможртвата во борбата за слободна Македонија. „Македонија ќе биде слободна!“ –тоа биле последните зборови на Александар Турунџев пред неговото […]

Драган Богдановски – живот посветен на слободна и независна Македонија

На 18 септември 1929 година во селото Клечовце, Кумановско, е роден Драган Богдановски, починал на 31 мај 1998 година во Данска, на пат од Шведска кон Германија. Подоцна бил погребан во Куманово Драган Богдановски е еден од најистакнатите македонски политички емигранти по Втората светска војна, долгогодишен борец за македонската национална кауза, претседател на ДООМ и […]

Лилјана Чаловска – писателка, борец и учесничка на АСНОМ

Лилјана Чаловска (3 декември 1920, Софија – 20 јули 1997, Скопје) е македонска писателка, учесничка во Народноослободителната борба и општествено-политичка дејка. Била делегат на Првото заседание на АСНОМ и член на Претседателството на АСНОМ, а значајна трага оставила и во македонското новинарство и литература. Лилјана Чаловска е родена на 3 декември 1920 година во Софија, […]

To top