Македонски легенди

Ѓорѓи Поп Христов

GeorgiPopHristov

GeorgiPopHristovЃорѓи Поп Христов – Крстоарец (1876–1962) е македонски учител и револуционер, член, раководител и војвода на Македонската Револуционерна Организација. Учителствувал во Кавадарци, Прилеп и Битола и бил член на Битолскиот Окружен Комитет (1900 – 1903). Во 1903 учествува на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание во Леринскиот реон. По Првата Светска Војна бил член на ЦК на ВМРО (1925), а од 1928 година во протогеривистичката ВМРО.

Ѓорѓи Поп Христов е роден во 1878 година во свештеничко семејство во селото Крстоар, Битолско. Образованието го започнал во селото Буково, а потоа учел класична прогимназија во Битола. По завршувањето на IV клас во учебната 1892/93 година, станал учител во родното место, а по една година заминал за Солун каде и учи во Солунската егзархиска гимназија.

Откако во текот на учебната 1894/95 и 1895/96 година го завршил педагошкиот курс, Ѓорѓи бил назначен за учител во Кавадарци, каде се вклучува во Македонската Револуционерна Организација. Потоа учителствува во селото Варош и во учебната 1898/99 во Прилеп. Набрзо потоа бил поставен за училишен инспектор во Леринско, каде помага да се развијат комитетите и да се формираат чети, меѓу кои и четата на Марко Лерински. Во зимата 1900-1901 учествувал во формирањето на повеќе чети во Леринско, Костурско, Демирхисарско, Крушевско, Ресенско.

Во 1900 година, по препорака на Дамјан Груев, за да не се посомневаат турските власти, Ѓорѓи Поп Христов доаѓа во Битола да учителствува во основно училиште. Истата година бил избран за член на Окружниот комитет на ТМОРО во Битола. Во периодот од 1900 до 1903 година, како член на Битолскиот револуционерен комитет, тој ја обавувал и секретарската дејност во месното архиерејско намесништво на битолски округ.

Во почетокот на 1902 година го придружува Гоце Делчев за време на посетата на Костурско, но, набргу потоа,  во провалата која се случила во Битолско, Ѓорѓи Поп Христов бил уапсен  на 12.II.1902 година од турските власти и потоа осуден на смрт. Година  дена  потоа,  на 22.II.1903 година, тој бил амнестиран.

Во подготовките за Илинденското востание, Поп Христов учествува на Смилевскиот конгрес како претставник од Битола. На Конгресот, Поп Христов и Парашкев Цветков биле посочени и прифатени за секретари, а потоа тој бил избран и за заменик на член на Главниот Штаб на востанието и за член на Демирхисарското горско начелство. Потоа се префрла во Леринско и за време на востанието како војвода се наоѓа во првите борбени редови.

Во текот на Илинденското востание учествува во нападатот на железничката станица во Екши Су и во прекинување на телеграфските жици во регионот, потоа во нападот на касарните во Невеска, како и во други борби. По завршувањето на востанието се повлекува во Грција и е уапсен во Волос. Во своите спомени Поп Христов ќе забележи:

„Во истрагата учествуваа двајца офицери. Прво ме запрашуваат дали знам грчки и зошто не знам… Тие се чудат и велат: – Како така, ти си по потекло од Македонија и да не знаеш грчки, кога Македонија е наша и сл. Потоа прашуваа кој ни го даде оружјето за востанието. Им кажувам: – Никој, со пари сме го купиле од вас и каде сме можеле да најдеме. Тие останаа со уверување дека јас не сум од Македонија, а дека сум бугарски офицер. Не можеа да поверуваат, исто така, дека ние сме го направиле востанието. Велеа: – Бугарски офицери како Сарафов и други го направиле востанието, а не вие. Уште тогаш разбрав каква злоба и какви намери се раѓаат кај Грците против нас… Во Македонија“.

Ѓорѓи Поп Христов успешно избегал од притворот во Пиреја, а потоа преку Атина, со помош на архитектот Георги Киселинчев од Костурското село Косинец, се префрла во Варна, Бугарија. Кон крајот на 1903 година, учествува на состанокот на дејците на Македонската Револуционерна Организација во Софија, а потоа во пролетта 1904 година заедно со војводата Ванчо Србаков повторно се враќа во Македонија, каде работи на обновување на Организацијата во Битолско, Леринско и Костурско. Во мај 1904 година учествувал како делегат на Прилепскиот конгрес, а во октомври 1905 година учествувал на Рилскиот конгрес.

Во текот на 1906 и 1907 година, Ѓорѓи Поп Христов кој страдал од реума и се разболел од маларија, останал да се лечи во Бугарија. За да може да го плати лекувањето тој работи како учител во софиско,  а во меѓувреме се оженил со битолската учителка Василка Стефанова која активно ја помагала Македонската Револуционерна Организација.

По расцепот во Организацијата кој настанува на Рилскиот конгрес, Поп Христов се држи неутрално. Оттука, тој не присуствува на Ќустендилскиот конгрес кој го организираат конзервативците од 5 до 15 март 1908 година. Сепак, по Младотурската револуција од 1908 година, откако се вратил во Битола каде работи како учител, не го одбегнале внатрешнопартиските пресметки во Организацијата. Кон крајот на 1909 година, тој бил уапсен по убиството на црногорецот Ј. Јовановиќ, но по два месеца бил ослободен. Во 1910 година, младотурските власти повторно го апсат и го затвораат во Мала Азија, од каде во 1911 година успеал да побегне. Пребегал во Бугарија и се вработил во Главната дирекција за статистика.

Пред Балканската војна, Поп Христов повторно се вклучува во дејноста на Македонската Револуционерна Организација и заедно со Димитар Влахов и Павел Христов прават напори да ја обединат поделената Организација. Биле свикани сите благотворителни македонски братства и бил избран исполнителен комитет. За претседател бил избран Александар Протогеров, а за секретар Ѓорѓи Поп Христов. Верувајќи дека се бори за ослободување на Македонија, Ѓорѓи Поп Христов како и голем број Македонци учествува во Балканските и Првата Светска Војна.

По Првата Светска Војна емигрирал во Бугарија и се држи неутрално меѓу спротивставените страни во Организацијата. Во 1921 година учествува во основањето на Илинденската организација и станал нејзин секретар. По превратот во Бугарија од 09.06.1923 година, како Битолски војвода заминува со Александар Протогеров, Петар Шанданов и други во Албанија од каде преминуваат во Вардарскиот дел на Македонија. Тие го обиколуваат Ресенскиот, Демирхисарскиот, Охридскиот и Кичевскиот регион и го организираат Битолскиот окружен конгрес. На крајот на септември 1924 година, се враќаат во Бугарија преку Италија.

По убиството на Тодор Александров (1924), Ѓорѓи Поп Христов на Шестиот конгрес на ВМРО во 1925 година, бил избран за член на Централниот Комитет. По убиството на Протогеров (1928), Поп Христов ја предводи протогеровистичката струја на ВМРО, која е незадоволна од раководењето на И. Михајлов. Во 1931 година, Поп Христов се повлекол од активната дејност во ВМРО. Починал 1962 година во Софија, Бугарија. Во своите „Спомени“ тој во детали ја опишува историјата од тоа време, посебно активностите на ВМРО.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top