Македонски легенди

Мери Бошкова

meri-boshkova-g

meri-boshkova-g

Марија (Мери) Бошкова (Битола, 2. V 1924 – 25.III 2014) е македонска драмска и филмска актерка, една од водечките македонски театарски уметници. Оствари бројни незаборавни театарски и филмски улоги. Таа беше еден од столбовите на македонскиот театар, каде изгради широк репертоар од лирски до драмски и карактерни улоги. Особено се истакнува во делата на современите странски и наши писатели. Нејзината креација на Живка во комедијата на Бранислав Нушиќ  „Госпоѓа Министерка“ се вбројува меѓу најдобрите улоги на театарската сцена. Таа ја игра и главната улога, ликот на мајката, во првиот македонски игран филм „Фросина“ (1952), во кој за првпат  се претставува македонскиот јазик на филмското платно.

Марија Бошкова е родена на 2 мај 1924 година во Битола. По завршувањето на основното училиште, таа го изучува шапкарскиот занает.  Гламурот на филмското платно и театарската сцена го привлекува нејзиниот жив уметнички дух. Нејзината нескротлива љубопитност ќе ја натера да се појави на аудицијата на битолскиот театар. По положената аудиција, Мери се вработува во ансамблот на Народниот театар Битола во 1945 година.

Меѓутоа, нејзиниот темперамент не ја задржува во родното место. Истата година младата битолчанка  преминува во Драмата на Македонскиот народен театар каде работи се до 1956 година, кога на покана заминува да работи во Драмата на Народно позороште во Белград. Во Скопје се враќа по земјотресот во 1963 година и повторно работи во Драмата на МНТ од 1964 па се до пензинирањето во 1982 година. Сепак таа не ја напушта театарската сцена која за неа беше светост. По пензионирањето Мери останува активна на „даските кои живот значат“. 

Во текот на својата речиси шестдецениска кариера Мери оствари бројни незаборавни театарски и филмски улоги. Таа изградила широк репертоар од лирски до драмски и карактерни улоги. Особено се истакнува во делата на современите странски и наши писатели.

Мери Бошкова го свртува вниманието на публиката и критиката уште при своите први настапи во Битола. Потоа нејзиниот убав и карактеристичен глас, нејзината убавина и креации на сцената на МНТ ја воодушевуваат публиката во Скопје, а додека живее и твори во Белград таа се прославува со: „Коштана“ од Б. Станковиќ, „Тетовирана ружа’ од Т. Вилијамс и др.

Појавувајќи се во првите престави „Платон кречет“ и „Тартиф“ на сцената на Македонски народен театар во 1945 година, таа со својата игра се вградува во темелите на на МНТ и македонската театарска уметност, а потоа со улогите на Дездемона во „Отело“ (1954), Бароницата Кастели во „Господа Глембаеви“ (1955), Нора (1957), Александра во „Коломба’ (1965), Антигона (1967), Божана во „Печалбари“ (1969), Дејнара во „Херкул и оборите на Авгиј“ (1971), Гонерила во „Крал Лир“ (1972), Елена Николаевна во „Децата на сонцето“ (1973), Живка во „Госпоѓа министерка“ (1977), Мадам Дибоа  во „Еригон“ (1982), Мајката во „Будење на пролетта“ (2000), Султана во „Тетовирани души“ (2001) и други станува еден од столбовите на македонскиот театар.

Нејзините креации во повеќе главни, но и споредни улоги на „даските кои живот значат“, ќе ја издигнат Мери Бошкова на самиот пиадестал на македонската театарска уметност. Таа станува една од водечките театарски уметници, легенда на македонскиот театар.

Мери особено ќе остане запаметена по својата улога на Живка во комедијата на Бранислав Нушиќ „Госпоѓа Министерка“. Нејзината креација на Живка се вбројува меѓу најдобрите улоги на театарската сцена не само во Македонија, туку и на просторите на поранешна Југославија. Неповторливата нејзина игра како Живка, во која постојано внесуваше нешто ново исполнето со шарм и живост, ги освојуваше гледачите и ги полнеше саланите на МНТ многу години.

Покрај театарските улоги, Мери Бошкова останува запишана и во аналите на македонската филмаска уметност. Во 1952 година, таа ја игра главната улога, во првиот македонски игран филм „Фросина“, во режија на Војо Нановиќ. Во филмот каде за првпат се претставува македонскиот јазик на филмското платно, таа со 28 години успешно ја игра улогата на мајка, ликот на старица, што било вистинско изненадување. Во 1961 година се појавува и во првата македонска комедија „Мирно лето“ на Димитрие Османли, каде што ја остварува незаборавната улога на Нада.  Потоа игра и во филмовите „До победата и по неа“ на Жика Митровиќ (1966), во „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо (1976) и „Ангели на отпад“ на Димитрие Османли (1995), која беше и нејзината последна улога на филмското платно. Освен на театарската сцена и филмското платно таа е активна во радио-драмата и телевизиските драми

Мери Бошкова за својот допринос во македонската театарска и филмска уметност во текот на шестдецениската кариера добива голем број признанија и награди како што се: Награда 11 Октомври (1967 и 1980); Награда за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) Војдан Чернодрински за улогата на Живка во претставата „Госпоѓа министерка“ (Прилеп, 1977); Стериина награда за најдобро актерско остварување на Фестивалот Стериино позорје за улогата на Мадам Дибуа во претставата Еригон (Нови Сад, 1982); Награда на град Скопје 13 Ноември (1984); Награда за животно дело на МТФ Војдан Чернодрински (Прилеп, 1989); Награда на ревијата Екран за најдобро остварување на филм за улогата на Мими во филмот „Ангели на отпад“, во режија на Димитрие Османли (1995).

Македонската театарска и филмска ѕвезда Мери Бошкова почина на 25 март 2014 година, во Скопје, во 89 година од својот живот. Нејзината ѕвезда сега свети на малото парче македонско небо каде светлат и другите македонски великани.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top