Фиданка ТАНАСКОВА
МАКЕДОНИЈА ЗЕМЈАТА НА СОНЦЕТО
НИЗ МНОГУТЕ ПОЛИЊА И ПЛАНИНИ, ГРАДИНИ И ДОЛИНИ, СЕЛА И ГРАДОВИ ИМА РЕГИСТРИРАНО НАД ШЕСТ ИЛЈАДИ АРХЕОЛОШКИ НАОЃАЛИШТА СО ДОСЕГА ПРОНАЈДЕНИ ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ ОД ПРАИСТОРИЈАТА ДО ДЕНЕС
Македонија, земјата на сонцето и во Библијата запишана, со над шесте илјади археолошки локалитети и пронајдените десетици илјади археолошки предмети низ нејзините полиња и планини, ридови и долини, села и градови, па и сето тоа непроценливо богатство, е меѓу најверните покази и докази, дека во оваа древна земја живееле нашите претци во текот на сите епохи од праисторијата до денес. Тие претци оставиле безценето културно наследство, со кое може и треба да се гордееме, бидејќи е потврда, дека Македонците постоеле од векутума. Дека постојат и за навек ќе постојат тука, каде што им се корените, каде што создавале, граделе, испишувале историја и зачувале предмети, градби, име, вистина, незаборав…
Во Археолошкиот музеј на Македонија има нумизматичка изложба на збирка од 31.000 монети ковани од злато, сребро и бронза, кои биле пронајдени и како поединечни или побројни примероци на различни локалитети низ целава земја. Има информации дека ова е една од најголемите колекции воопшто и во поширокиот регион.
Во постојаната изложба во Археолошкиот музеј има 2.500 монети кои датираат од почетокот на изработката на монетите на овие простори – од шестиот век п.не па сѐ до 19-тиот век. Меѓу позначајните се издвојуваат и колекцијата монети од Прилепец – Прилеп, а потекнуваат од третиот век п.не. Или примероците пронајдени кај Богданци, кои се од околу стотина години п.не, римски републикански денари од селото Глишиќ, кавадаречко и од Пирава, валандовско, од 3-тиот век и многу други.
Во овие неколку прикази почнуваме од горниот дел на Пелагонија, во потпелистерската регија и во Битола бабам Битола, кои се преполни со исклучително значајни археолошки вредности.
Во полите на Битола е светски-познатата Хераклеја Линкестис. Градот од старомакедонската ера основан кон средината на 4-тиот век п.н.е од светски-познатиот воин и стратег Филип Втори Македонски.
Во Хераклеја покрај другото, многу впечатливи биле нејзините базилики, портите, термата, театарот итн итн. Во ранохристијанскиот период градот бил епископско седиште со резиденција. Епископот Евгариј се споменува во списите на Концилот одржан во 343-тата година, додека епископот Квинтилиј на собирот во Ефес во 449-тата година, а Бенгиниј бил во Цариград во 553-тата година.
Во низа места во потпелистерската – битолската регија, има многубројни археолошки локалитети во кои се пронајдени населби, градби, предмети и монети кои потекнуваат од прастари времиња, како и од вековите потоа.
Во селото Велушина се наоѓа Велушката тумба, населба од неолитското време. Била со должина од 250 и во широчина од 150 метри.
И во селото Агларци има тумба населба од неолитското време. Додека во источниот дел од Црна Река во рамнината се среќаваат делови од орудија од камен и др.
Во Горно Ореово, на падините на Баба планина, на Марковото кале, била посебна населба од доцнаантичкото време, и тоа северозападно од селото на висок рид, каде има остатоци од ѕидови градени од камен и доста керамички садови.
Ќе продолжиме по рамна Пелагонија накај градот под Марковите кули, кој е исто така богат археолошки регион. Локалитетот Стибера кај Прилеп, постоел од четвртиот и третиот век пред новата ера, а е најпознат по пронајдените извонредно убаво изработени статуи. Според последните истражувања, под пронајдените темели на градбите, имало остатоци од предходни градби, дека последните две, припаѓале на македонски кралеви.
Во Прилепец, близу градот, според новите наоди, археолозите претпоставуваат оти тука се наоѓал и прастариот град Пелагонија. Веќе ги спомнавме монетите пронајдени во атарот на Прилепец, каде што во педесеттите години на минатиот век биле откриени двесте сребрени монети на македонски кралеви.
Следната дестинација е валандовскиот крај. Таму ќе се задржиме на Исар Марвинци, населба и некропола која е со континуитет на постоење и живот од 7-от век пне, па сѐ до 6-тиот век од оваа ера. Била распослана на височинка со извонреден поглед кон валандовската котлина и долината на реката Вардар.
Од средновековниот период особено се значајни археолошките примероци од кратовскиот крај, потоа Виничкото кале, Скопското кале, па кај Кривогаштани, прилепско, во струмичкиот регион и други.
Оваа мала археолошка обиколка на Македонија, ја заокружуваме со Преспа и Преспанското езеро, кои сѐ уште се неистражена тема. Со години се откриваат многу археолошки предмети од непроценлива вредност за животот низ вековите на Преспа и Преспанци. Со повлекувањето на нивото на езерото, дел од археолошките локалитети излегле на виделина, што овозможило да бидат вршени нови истражувања, како што е тоа во близината на селото Наколец. Посебно внимание привлекоа пронајдените дрвени алатки, рачки, чешли и други добро зачувани наоди, за кои се смета дека се од 13 и 14-тиот век.
Ова е само мал илустративен податок за дел од археолошкото македонско богатство, со кое е впишана нашава земја во регистерот на светската мапа на државите со ваквото исклучително вредно милениумско културно наследство.