ЛЕФТЕР МАНЧЕ ДИПЛОМИРА НА МЕДИЦИНСКИ ФАКУЛТЕТ ВО ДЕБРЕЦЕН (22)
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ
Градот Дебрецен е вториот по големина град во Унгарија и е оддалечен 220 km од Будимпешта, а распослан е во големото унгарско поле што опфаќа повеќе од половина од државата. Во градот нема ниту планина ниту река, туку само прочуената голема шума, а градот има долга историја.
На Универзитетот низ вековите учеа многу познати Унгарци. Студентскиот дом пак, беше огромен како и црквата до него, така што многумина го викаат Дебрецен калвиниста Рома. Црквата е точно во центарот на градот како и хотелот „Аран бика“.
По распаѓањето на Автроунгарската Империја, владата решила да гради нов Универзитет крај големата шума, во барок стил, кој бил завршен во 1925. год. Универзитетот го носи името на Кошут, зашто тој во 1848 год. од еден балкон во центарот на градот им се обратил на граѓаните и им рекол дека Унгарија веќе не е под ропството на Австрија, туку е слободна и независна држава. Дебрецен изиграл голема политичка улога во декември 1944 год., кога Будимпешта била под контрола на Германците.
Тогаш во Дебрецен се формирала новата демократска влада на Унгарија. Универзитот „Кошут“ е најголем и најубав универзитет во Унгарија, и има огромна аула каде што многупати студентите и од соседниот медицински факултет, организираат годишни раскошни средби. Пред војната, во Дебрецен имало и Правен факултет, но во 1959 год. Покрај Медицински имаше Земјоделски факултет и Реформскиот универзитет кој го имало само тука.
Во Дебрецен има минерални топли води и близу до факултетите има плажа крај многуте базени со топла вода. Клиниките беа сместени близу до универзитетот „Кошут“, во шумата. Секоја клиника одделно има велелепна зграда, а најголемите беа оние за интерна медицина, хирургија, гинекологија и акушерство… Клиниките беа изградени во 1922 год. а професорите беа од Будимпешта или од Колозвар или, како што сега Романците го нарекуваат, градот, Клуж кој тогаш и´ припаднал на Романија. Градот, исто така, има и голем театар, со зграда изградена во барок стил.
Пред влезот на клиниките беше двокатната зграда на ректоратот. Јас се јавив кај директорот на студентскиот дом и тој ми рече дека ќе ме смести во соба за 4 студенти, и уште ми рече дека храна ќе ми обезбеди домот, но дека домот не дава стипендија. Јас знаев дека нема да имам право на стипендија за два факултета. Главно беше што имав каде да спијам и да се хранам. Домот има кафетерија во подрумот, а секој кат имаше пет до шест тушеви, секој ден постојано со топла вода.
На почеток на септември 1959 год. сите бруцоши бевме собрани во училницата на Интерната клиника, каде што положивме заклетва и станавме студенти. Автоматски сите станавме членови на Комунистичката младинска организација. Неколку студенти од петта и шестагодина, избраапетчленораководствонамладинскатаорганизација. За раководител по спорт ме избраа мене, зашто јас бев единствен студент кој бев и професор по физичко воспитание.
Но, бидејќи не бев унгарски државјанин, не требаше да учествувам на предавањата за воена обука, за физичко воспитание и за предметот марксизам-ленинизам, поради тоа што веќе ги имав положено испитите на универзитетско ниво на факултетот за физичко воспитание.
Така, се јавив кај директорот на едно основно училиште недалеку од Факултетот, со предлог да предавам физичко воспитание кај нив. Директорот со задоволство ме прифати, зашто дотогаш никогаш немале таков професор, но проблем беше што школата немаше сала за одржување на часот по физичко воспитание. Ме праша каде можам да ги изведувам часовите, на што му реков дека школата има доста долг ходник, каде што можат децата да трчаат. Се согласивме и тој ми рече дека ќе ме пријави во градот да земам некаква плата. На крајот, се договоривме да предавам три пати неделно по еден час од 17 до 18 часот, кога јас немав обврски на Факултетот. И, така бев професор во школата две учебни години, односно до јуни 1961 година.

Универзитетот во Дебрецен
Со голема радост ги читав писмата на татко ми од селото, кој во април 1961 година, по 16 години поминати в затвор, беше ослободен. Парите што ги земав во училиштето беа минимални, но беа голема помош за мене, зашто немав никаква финансиска поддршка.
Секоја недела Мара доаѓаше во ресторанот на Студентскиот дом на ручек, а потоа се шетавме во паркот на Универзитетот „Кошут“. Многу пати за вечера одев кај родителите на Мара, но по прошетките редовно одев во Студентскиот дом да учам. Анатомијата беше најтежок предмет.
Настојував да учам во секоја пригода и да го користам секој расположлив момент. Така, кога со Мара и со Марија и Тибор одевме да навиваме за дебреценскиот фудбалски тим, кој тогаш играше во првата лига, а стадионот беше блиску до клиниките, јас и таму носев со мене тефтерче и учев латински.
Тибор тогаш беше архитект и работеше во градот, а Марија беше фризерка, додека Мара беше запишана во прва година во учителската висока школа, зашто дотогаш учителите завршуваа само 4-годишна учителска школа. Но, од 1959 год., кога Мара се запиша, стана виша и мораше да имаш матура пред да се запишеш. Рокот за студирање беше три, а на Медицинскиот факултет 6 години.
Задоволство што го имавме, беше по завршувањето на часовите да играме мал фудбал на игралиштето до Домот, а потоа одевме да се тушираме, па на вечера и на учење, до два часот наутро. Така ни беше организиран секојдневниот живот. Во прва година учевме хемија, физика, биологија и анатомија, која беше составена од анатомија, хистологија и ембриологија, а нив ги учевме и во втората година. Тогаш се додаде и предметот физиологија.
Се велеше, кој ќе ги положи испитите од втора година, тој ќе ја земе буквата Д, од титулата доктор, а тој што ќе успее да положи фармакологија во четврта година, тој ќе ја добие и буквата Р, што значи ќе стане д-р или доктор. За жал, во втора година се разделив од некои многу добри пријатели, со кои учевме 2 години. Некои успеаја во септември, но најмногу од нив се простија од натамошното студирање на Факултетот.
Во летото на 1960 година, пак, бев преведувач и заработував доста пари, но јас бев гладен за наука и сакав да учам медицина. Уште на почетокот ја купив книгата за физиологија, кој беше предмет само во втора година. Во октомври, кога бев прва година, еден ден нашата група беше пратена да бере јаболка во една државна фирма.
Тогаш и до крајот на завршувањето на Факултетот, класата беше поделена на групи, по 20 студенти. Кога беревме јаболка, на девојките од мојата група им реков дека од крвта станува мочката! Тие почнаа да ме напаѓаат зошто зборувам такви глупости, но во втора година видоа дека сум во право. Јас, иако бев зафатен со учењето на предметите од прва година, читав и од книгата за физиологија некој лекции што со нетрпение сакав да ги дознам.
Знаев што има речено еден старогрчки филозоф – дека на светот има многу чуда, но човекот е најголемо чудо. Вистина, сè што измислуваме и создаваме се наоѓа кај нас, радио се ушите, фотокамера – очите, а компјутер – мозокот.
Новогодишната прослава ја поминавме во домот на Јудит Наѓ, добра пријателка на Мара. Таму беше и Иван Наѓ, брат на Јудит, кој тогаш студираше балет во Будимпешта. Иван, исто така, студирал балет и во тогашен Ленинград, денешен Санкт Петербург, и стана познат танчар на унгарскиот балет. Но, од едно патување на Запад, не се врати назад, дома, туку остана во Њујорк. Во тоа време, по Русинот Рудолф Нуреев, Иван бил најдобар балетан во САД.
Кога сестра му Јудит со сопругот д-р Иштван Лосонци беа првите наши гости во 1981 година, тогаш и´ покажав на Јудит како магазинот „Тајм“ го фалеше Иван. По кариерата како танчар, Иван станал балет- директор на многу познати балет-компании, како на Синсинати и САД и на Сантијаго де Чиле.
Продолжува