ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СВЕТОЗАР – СВЕТЛЕ СТАМЕВСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН
Во ова продолжение ќе ја претставиме печалбарската судбина на дедото на Светле Стамевски, печалбарот Крсте кој заминал за Америка. Инаку, при крајот на 19-от и почетокот на 20-от век печалбарството станало масовна појава во Тетовско и еден од најсилните докази за неподносливата состојба, особено во македонските села
Таква судбина имала и фамилијата Стамевски за која е запишано дека е едно од печалбарските во Тетовско. Печалбарската сага ја започнале двајцата браќа Крсте и Ристо. Било одлучено тие да ја врват големата вода (океанот) и на гурбет да заминат кон далечната и непозната земја Америка.
Така и се случува. Некаде околу 1919 – 1920 година, според кажувањето на Светле Стамевски, дедо му Крсте кинисува со лаѓата на долгата американска дестинација. Најпрво пристигнале во Њујорк, а потоа и до крајната дестинација – Детроит.
Bo овој град веќе имало луѓе од Одри, и сепак, било полесно некако со нив да се снајдат за работа и живеачка, барем во почетните времиња. Како дојденец, дедо му
Крсте почнува да работи на тунелот меѓу Детроит и Виндзур како и многумина други Македонци. Кога веќе малку се понакренал и почнал да гледа околу себе што се’ може да добие како шанса, тогаш тој оди во фабриката за автомобили Форд. Го примаат, и имал обврска да ги става прозорците на автомобилите. Набргу е пофалуван од претпоставените.
Неговиот немирен дух не запира тука. Мисли, размислува, крои, прекројува, бара друго чаре и најпосле решава да почне да работи тоа што најдобро го може и умее и башка за себе, без на главата да му стојат шефови и тутори. Имал, значи веќе искуство, познат му бил занаетот од Романија и решава заедно со брат му Ристо и со уште еден нашинец да отворат фурна во метрополата Детроит.

My тргнал добро фурнаџиско-пекарскиот бизнис. Сепак и заработувачката не била лоша, па така и можел секоја година да си оди дома во Одри кај најблиските. И се знае колку далечината, повременото видување, кратките визити се и тешки но и со ефект. На секои три години им се раѓало по едно детенце. He сакал никако фамилијата да ја пресели во Америка. Знаел дека е на гурбет, а дека тој кога ќе дојде дома, најдобро е ако купи имот. Така и правел.
Према кажувањето на Светле, во Детроит останал околу петнаесет години. Некаде во 1935-1936 година, го фатил малер. Правеле туршија и дедото се затрул. Многу тешко го оштетил стомакот. Докторот го стаписал кога му рекол оти има само уште три недели живот, оти е толку опасно труењето. Ако е така, решил да се врати назад во Македонија и кога дошло да се умира, барем да си умре дома во Одри, кај најмилите.
Се качил на параходот. Знаел дека доколку се случи да умре на бродот, тогаш ќе го фрлат во океанот и трагата не ќе му се знае никогаш. Сепак, успеал некако да стаса до дома, иако болен, ама барем жив. Сепак решил да замине в планина и таму да бара лек. Ако го биде добро ако не, крајот се знаел. Таму високо во ридовите, нашол многу диви костени.
Почнал секој ден да ги меле да ги пече и да ги јаде истовремено пиејќи, планински чај и други билки. Дома неговите останале под силен стрес, што ли ќе се случи со Крстета. Полека, полека, се случило чудо. Стомакот му се враќал во нормала. Се излекувал и живнал веќе. Еден ден сосема закрепнат се враќа назад дома. И тој и фамилијата биле најсреќни. Најлошото минало, вели Светле Стамевски.
Продолжува