Величествена Илинденска прослава во Берлин во далечната 1976 година
Македонските патриоти, свесни за значењето на двата Илиндена – 1903 и 1944 година, во далечната 1976 година одржале величествена прослава во Берлин, во чест на 73-годишнината од Илинденското востание.
Една од главните цели на прославата била народите на Европа да се запознаат со вистината за Македонија.
Гојко Јаковлески, во својот говор по повод 73-годишнината од Илинденското востание, одржан во Берлин, ќе истакне: „Историјата може да биде фалсификувана, но историската вистина не може да биде сокриена од фалсификаторите.“
Исправени пред заканите и притисоците од страна на УДБА во земјата и на Воената мисија на СФРЈ во Берлин, тогашните македонски патриоти не се уплашиле и ја одржале величествената прослава.
За разлика од денешните „патриоти“, кои тргуваат со историјата, тогашните патриоти не потклекнале пред заканите на тајните служби и не ја распродавале историјата. Тие правеле сè што било во нивна можност вистината за Македонија да ја дознае Европа.
Во книгата „Македонија, мојот копнеж – Маноил Мане Јаковлески“, авторот Киро Кипровски, за настаните поврзани со прославата по повод 73-годишнината од Илинденското востание, кои треба да бидат поттик за македонскиот народ да ја спречи распродажбата на историјата што во моментот ја вршат заевистите, ќе го забележи следното:
„Во чест на 73-годишнината од Илинденското востание, во 1976 година, во Западен Берлин, беше организирана величествена прослава. Сè беше во знакот на Илинден 1903 година. Тоа беше вистинска македонска прослава. За првпат прослава на најголемиот македонски празник беше одржана без југословенски симболи.
Организатори беа браќата Гојко и Манојил Јаковлески, со помош на многу патриоти во Берлин, кои одолеаја на невидените притисоци вршени од Воената мисија на СФРЈ во Западен Берлин.“
За текот на подготовките за празнувањето, притисоците и заканите, Манојил вели:
„Брат ми Гојко имаше голема желба таа, 1976 година, Илинден да го прославиме на вистински македонски начин, без југословенското знаме и химна. Подготовките одеа тешко, бидејќи имавме опструкции од многу страни.
За наша радост, мнозинството Македонци во Западен Берлин ја прифатија идејата за прославата и ни ветија дека активно ќе се вклучат во организацијата, а со членовите на своите семејства и со пријателите ќе присуствуваат на прославата. Тоа ни беше голема гаранција дека ќе успееме и во целост ќе ја реализираме Илинденската прослава.

Пред прославата го поканивме Јонче Христовски, легендата на македонскиот фолклор и кантавтор. Знаевме дека, како поранешен член и кореограф на фолклорниот ансамбл „Танец“ и сестран уметник, ќе може многу да ни помогне во подготовките на програмата, а и да исполни повеќе македонски патриотски песни.
Со задоволство ја прифати поканата, дојде и веднаш се вклучи во подготовката на музичката програма. За неколку дена го подготви хорот и на прославата беспрекорно ја испеа македонската химна: „Денес над Македонија се раѓа, ново сонце на слободата…“
Вработените во Воената мисија на СФРЈ во Западен Берлин беа максимално ангажирани да нè спречат во нашите настојувања. Ги заплашуваа Македонците да не учествуваат во програмата и да не присуствуваат на Илинденската прослава. Но, нивните напори не вродија со плод.
Исто така, невиден притисок беше вршен врз Гојко да ја откаже прославата или, пак, доколку сака да се одржи, тоа да биде под услови што ќе ги постават тие и според нивно сценарио. И едниот и другиот предлог Гојко, без размислување, ги одби.
Воената мисија, откако увиде дека со сила не може да успее и по доживеаниот неуспех во преговорите, ја смени тактиката. Почнаа кон Гојко да се однесуваат пријателски. Предложија и тие да учествуваат на прославата, со тоа што ќе го напишат поздравниот говор, а Гојко да го прочита. Но, тој категорично ја одби понудата, одговарајќи им дека нема намера да чита туѓ говор.
Потоа кон нас беа упатени закани и уцени. Ни се закануваа дека ќе ни ги одземат патните исправи и дека ќе нè затворат кога ќе влеземе во Југославија. Не потклекнавме пред притисоците и на 2 август ја одржавме прославата.
На наша покана, како гости, присуствуваа македонски мигранти и од други делови на Европа. Организиравме и фудбалски турнир, на кој учествуваше и ФК „Хајдук“ од нашето родно село Зубовце.
Како што дознавме подоцна, УДБА од Гостивар вршела притисок врз членовите на управата на клубот да го откажат патувањето и учеството на Илинденскиот фудбалски турнир.
Како што ни говореа нашите гости, доаѓањето во Западен Берлин на раководството на клубот и на играчите им било условувано. Меѓу другото, им забраниле да разговараат за политика и да се дружат со политички мигранти.
Ние не влијаевме врз нив. Нашата цел беше заедничко дружење на Македонците од Македонија со Македонците кои привремено живееја и работеа во Европа. Сакавме младите да видат дека не е сè толку лошо на Запад, како што се проповедаше и како што ги учеа во Југославија.
Прославата помина во најдобар ред. Имавме обезбедување од германската полиција, која ни ја гарантираше безбедноста. По нивен совет, и ние поставивме наше обезбедување на влезот во салата.
На прославата беа присутни околу 800 луѓе. Во Западен Берлин и пошироко во Европа, дотогаш не беше одржан толку масовен собир на Македонците, на кој за првпат јавно беше искажан македонскиот патриотизам без југословенски обележја.

Фудбалскиот турнир го следеа неколку илјади гледачи и, на наше големо задоволство, првото место го освои ФК „Хајдук“ од Зубовце.“
Гојко Јаковлески, на свечената прослава во чест на 73-годишнината од Илинденското востание, одржал дваесетминутен инспиративен говор пред неколку стотици Македонци од Западен Берлин и од повеќе градови во Западна Германија, кои таму се наоѓале на привремена работа, како и пред гости од Македонија.
Откако направил осврт на херојската борба на илинденците, на големата Илинденска епопеја, како и на маките и животот на македонскиот народ низ вековите под различни окупатори, тој потенцирал дека историјата може да биде фалсификувана, но историската вистина не може да биде сокриена од фалсификаторите.
Во својот говор, Гојко Јаковлески истакнал: „Илинденското востание не било насочено против турскиот народ, туку против султанскиот деспотизам, против неподносливиот гнет и жестоката експлоатација на пашите и кајмакамите, кои предизвикувале несреќи и страдања не само на македонскиот народ, туку и на турскиот народ.
Како што вели Гоце: ‘Јас не ги мразам Османлиите како народ, јас војувам против Османлиската Империја како господаречки систем.’“
На крајот, Јаковлески ќе заклучи дека Македонците се бореле со векови и дека борбата не престанува сè до целосното обединување: „Под знамето на Илинден 1903 година се роди нов македонски Илинден, се роди нова македонска република, како национална држава на македонскиот народ.
За жал, плодовите од тој втор Илинден останаа недостапни за Македонците во Егејска и Пиринска Македонија, кои и денес уште се наоѓаат под национално ропство, кое е потешко и од турското, бидејќи грчките и бугарските завојувачи плански работат за тоталното истребување на македонскиот народ, односно на македонската нација, и на тој начин вршат нечуен геноцид, физичко и морално истребување на цела една нација во тие земји.
Денес со право може да се каже дека идеалите на Великиот Илинден уште не се остварени, заветите на илинденците уште не се остварени.
Тие завети ќе бидат остварени кога сонцето на националната слобода ќе изгрее за сите Македонци, а тоа ќе биде кога сите Македонци и во Пиринска Македонија, и во Мала Преспа, и во Егејска Македонија ќе имаат право да кажат дека се Македонци!
Затоа Македонците се бореле со векови и ден-денес не престануваат да се борат за целосно обединување на Македонија.
НЕКА ИМ БИДЕ ВЕЧНА СЛАВАТА НА ХЕРОИТЕ НА ДВАТА ИЛИНДЕНА!“
Денес, по речиси половина век од овој настан, можеме и ние да кажеме: вечна слава на хероите од двата Илиндена!