Дијаспора

Европратеничката Ирена Јовева – бранител на македонскиот јазик и македонскиот идентитет

Славе Катин

Славе Катин

Европската Унија е наднационален и меѓувладин сојуз на европски држави. Под ова име е основана во 1993 година, со Договорот за Европската Унија, познат како Договорот од Мастрихт. Сепак, голем број нејзини институции и механизми постоеле и претходно, врз основа на договорите што датираат уште од 1951 година.

Активностите на Европската Унија опфаќаат бројни области на јавната политика – од здравството и економијата до надворешната политика и одбраната. Нејзините надлежности, сепак, се разликуваат во зависност од областа за која станува збор.

Во Европскиот парламент беше разгледан извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од европратеникот Томас Вајц. Во дебатата учествуваа голем број европратеници, меѓу кои и неколку бугарски и грчки претставници.

Посебно внимание привлече настапот на словенечката европратеничка Ирена Јовева, која од говорницата на Европскиот парламент зборуваше на македонски јазик. Обраќајќи им се на бугарските европратеници, таа порача:

„За да постои, на македонскиот народ не му е потребна ваша дозвола, туку вам ви се потребни чесност, интегритет и храброст да го препознаете тоа“, рече Јовева.

Дебатата се одржа во пресрет на гласањето за извештајот и за предложените амандмани. Меѓу нив беше и амандманот со кој се предвидуваше целосно бришење на формулациите за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од текстот на извештајот.

Во пресрет на гласањето во Европскиот парламент, бугарските европратеници побараа бришење или измена на овие формулации. Поддржани од дел од грчките колеги, тие сметаа дека споменувањето на македонскиот јазик и идентитет не припаѓа во официјален документ посветен на европските интеграции.

Сепак, највпечатлив момент од дебатата беше говорот на Ирена Јовева. Таа директно им се обрати на бугарските колеги на македонски јазик и нивните барања ги оцени како „ирационални и неевропски“.

„Слушнете ме внимателно, колеги. Овој извештај е извештај за европскиот пат на една земја-кандидат, пат полн со премногу трње, пат на еден народ, нација која толку многу пати била понижувана и угнетувана, но сепак е подобра од многу што се во Унијата, со сета должна почит кон исклучоците“, рече словенечката европратеничка.

Таа нагласи дека извештајот не е документ со кој треба да се утврдува постоењето на македонската нација, македонскиот јазик или македонскиот идентитет.

„Иако овој дел од текстот во извештајот не ме загрижува и, секако, нема да гласам за негово бришење, сепак морам да бидам фер и да му порачам на македонскиот народ: знам дека боли, особено мене, но не согласувајте се со политичкиот наратив кој ќе ви кажува дека Европскиот парламент со тоа ви ги одзел идентитетот или јазикот, бидејќи тоа не е вистина. На оние што го велат токму тоа, бидејќи сакате сè освен правда, ви велам дека македонскиот јазик е автентичен. Вашите обиди се модерна фикција. Идентитет што преживеал векови нема да исчезне поради еден глас или вашето лобирање. Ќе продолжи да постои на македонски јазик“, порача Јовева од говорницата.

Ирена Јовева има македонско потекло и ѝ припаѓа на партијата „Движење за слобода“, која е дел од пратеничката група „Обнова на Европа“. Оваа политичка група претходно објави дека нема да гласа за бришење на македонскиот јазик и идентитет.

По нејзиниот говор во Европскиот парламент, името на Ирена Јовева стана едно од најспоменуваните во македонската јавност. Со своето обраќање на македонски јазик, таа јасно порача дека на македонскиот народ не му е потребна ничија дозвола за да постои. На оние што го оспоруваат македонскиот јазик и идентитет им препорача чесност, интегритет и храброст да ја признаат вистината.

Ирена Јовева е родена на 26 февруари 1989 година во Крањ, а потекнува од Јесенице и живее во Љубљана. Нејзините родители се преселиле во Словенија од Република Македонија повеќе од една деценија пред нејзиното раѓање, во потрага по подобри услови за живот.

Пораснала во работничко семејство во кое со еднаква посветеност се негувале словенечката и македонската култура. Иако Словенија е нејзината татковина, во семејството никогаш не биле заборавени македонското потекло и Македонија.

Јовева завршила средно економско училиште во Радовљица, а потоа студирала на Факултетот за општествени науки во Љубљана. Во 2017 година дипломирала меѓународни односи и магистрирала светски студии, при што нејзиниот главен академски интерес бил пристапот на Европската Унија кон македонското национално прашање.

Значаен дел од нејзината професионална биографија е поврзан со новинарството. Работела во Словенечката новинска агенција, каде што известувала за внатрешната политика и јавниот сектор. Во 2014 година ја добила наградата „Watchdog“ од Словенечкото здружение на новинари, како дебитант на годината.

Од 2015 до 2019 година работела како новинарка во дневноинформативната програма „24УР“ на ПОП ТВ. Нејзиното известување било насочено кон внатрешната и надворешната политика, европските прашања, миграцијата, арбитражните спорови и протестите низ Европа.

Во 2019 година Јовева влегла во политиката. На 4 март истата година Листата на Марјан Шарец објавила дека таа ќе ја предводи кандидатската листа на изборите за Европскиот парламент. Била избрана со втор најголем број преференцијални гласови – 42.190, со што станала пратеничка во Европскиот парламент.

Во рамките на својата парламентарна работа, Јовева била ангажирана во комисиите за култура и образование, за вработување и социјални прашања, како и за животна средина, јавно здравје и безбедност на храната. Таа била вклучена и во работата на Поткомитетот за јавно здравје и на Специјалниот комитет за борба против ракот, кој подготвувал европска стратегија за справување со оваа болест.

Покрај комисиската работа, Јовева учествувала и во делегации задолжени за меѓупарламентарни односи, меѓу кои и делегацијата за односи со Македонија. Била активна и во повеќе европски парламентарни групи посветени на климатските промени, биодиверзитетот, одржливиот развој, јавното здравје и борбата против ракот.

Со својот настап од говорницата на Европскиот парламент, Ирена Јовева остави историски запис во одбрана на вистината за македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската нација. За нејзината храброст, чесност и принципиелност, македонскиот народ и Република Македонија ѝ изразуваат искрена благодарност.

Најново од: Дијаспора

Семакедонска средба на 14 ноември во Штип

Традиционалната Семакедонска средба годинава ќе се одржи на 14 ноември 2026 година, сабота, со почеток во 12:00 часот, во хотелот „Оаза“ во Штип. Организатори на средбата се Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „МАКЕДОН“. За […]

Македонија и Македонците ширум светот, поврзани под едно сонце

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ги повикува Македонците ширум светот да се вклучат во „МК Конект“ – платформата на волонтери-дописници на Македонската радио-телевизија и Агенцијата за иселеништво. Платформата произлезе од меморандумот за заемна соработка меѓу двете институции, со цел посилно поврзување на македонските иселеници со татковината. ОМД со гордост ја поддржува иницијативата и го поздравува нејзиниот […]

„Заветна“ — песна за нераскинливата врска со Македонија

Постојат песни во кои љубовта кон татковината се изразува како ветување. Таква е „Заветна“, во изведба на Пепи Бафтировски, со музика на Миле Барбаровски и текст на Георги Барбаровски — песна за страдањето, истрајноста и длабоката поврзаност на човекот со македонската земја. Уште во почетните стихови се навестуваат обидите Македонија да биде премолчена, сокриена и […]

Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината и партнер во градењето на нејзината иднина

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Солинген, Сојузна Република Германија, заедно со членови на Извршниот комитет, присуствуваше на Третата конференција на задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Пред присутните делегати, Мицкоски ги претстави актуелните состојби во Македонија, економските резултати, инфраструктурните инвестиции и предизвиците со кои се соочува државата во услови на глобални енергетски и економски неизвесности. […]

„Повод“ – македонски глас од Сиднеј што ја поврзува дијаспората со татковината

Фиданка Танаскова Најновиот, 79. број на списанието на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија носи богат мозаик од книжевни осврти, културни настани и иселенички сведоштва, во служба на македонскиот јазик, култура и идентитет. Списанието „Повод“, едно од најреномираните македонски иселенички гласила во светот,  што го издава Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, […]

„Т’га за југ“ — песна за секое македонско срце далеку од дома

„Т’га за југ“ од Константин Миладинов е длабоко лична исповед за копнежот по родниот крај. Во неа, далечината се чувствува како студ во душата, а споменот на татковината носи светлина и топлина. Наспроти мракот, маглите и мразовите стојат Охрид, Струга, езерото и родните предели — места во кои поетот чувствува дека припаѓа. Желбата да добие […]

„Чувари на верата и македонскиот идеал“ – во Мелбурн одбележан Денот на македонската револуционерна борба

Со панихида, положување цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев и културна програма, македонската заедница оддаде почит на националните дејци и на архиепископот Ангелариј. Под мотото „Чувари на верата и македонскиот идеал“, Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија на 24 октомври го одбележа Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври. На настанот беше одбележана […]

Крис Петровски – од Битола до Холивуд

Актерот со македонски корени ја продолжува филмската приказна на својот роден град и ги охрабрува младите да веруваат во сопствениот талент. Кога ќе се спомене Битола, првите асоцијации се Градот на конзулите, браќата Манаки, филмот, театарот и препознатливата боемска култура. Но, културното богатство на еден град не се мери само со неговото минато. Неговата вистинска […]

To top