Ајде реално да ги објасниме работите за влегувања на бугарите во уставот– без политичко и партиско навивање
Внесувањето на Бугарите во Уставот е последниот непосреден услов за отворање на првиот кластер, но не е последната обврска поврзана со Бугарија. Затоа тврдењето на Венко Филипче дека со уставните измени завршуваат сите бугарски барања не е поткрепено со усвоените документи.
Европските заклучоци предвидуваат: по измената на Уставот за влез на бугарите во уставот да биде свикана следната меѓувладина конференција. Но истите документи бараат Македонија да го спроведува Договорот за пријателство и Протоколот од 17 јули 2022 година.
А Протоколот не завршува со Уставот.
По уставните измени остануваат учебниците и наставните програми, препораките на историската комисија, заедничките чествувања, натписите на спомениците и музеите, отворањето на архивите, наводниот говор на омраза и прашањата поврзани со бугарската заедница.
Значи, со внесувањето на Бугарите во Уставот не се затвора македонско-бугарскиот спор. Само се отстранува сегашната блокада и условувањето се префрла во следните фази.
Бугарија и натаму ќе има можност да блокира, затоа што за отворањето и затворањето на секој еден од кластерите и поглавјата е потребна согласност од сите земји членки на ЕУ вклучувајки ја и Бугарија.
Софија повторно може да тврди дека Македонија недоволно го спроведува Договорот, Протоколот или препораките на историската комисија и врз таа основа да не даде согласност.
Затоа уставните измени не се сигурен билет за ЕУ, туку влез во процес во кој Бугарија повторно ќе има право на глас и блокада во секоја клучна фаза.
Тогаш останува отворено прашањето, зошто претседателот на СДС, Венко Филипче, настапува како со внесувањето на Бугарите во Уставот се решава целиот европски пат на Македонија?
Филипче или наивно верува дека Софија по промената на Уставот ќе престане да поставува услови, или свесно ја поедноставува вистината за полесно да го убеди народот да прифати уште едно бугарско барање. Во првиот случај станува збор за политичка наивност. Во вториот – за свесно премолчување на ризиците и исполнување на барањата на Бугарија на рати.
Македонија нема да влезе во Европската Унија со влез на бугарите во уставот. Со тоа гласање само ќе ја отвори следната етапа, без гаранција дека нема да следуваат нови услови, нови отстапки и нови блокади.
Затоа, наместо да повторува дека внесувањето на бугарите во уставот не носат ризик, Филипче треба да одговори: кој ѝ гарантира на Македонија дека ова навистина е последното бугарско барање?
Додека таква гаранција нема, ветувањето дека внесувањето на Бугарите во Уставот го отвора сигурниот пат кон ЕУ останува политички слоган.
А зад слоганот се крие опасноста Македонија повторно, чекор по чекор, да ги исполнува следните барања на Софија во недоглед.
И сосема на крај, ако Бугарија бара, а Филипче ги поддржува тие барања, се отвора суштинското прашање: ако внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е европски стандард, тогаш зошто Македонците во Пиринска Македонија, и покрај 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права, сè уште не се признаени и не се дел од Уставот на Бугарија?
Европските стандарди не можат да важат само за Македонија, а да престануваат на бугарската граница. Или правата на малцинствата важат за сите, или станува збор за двојни стандарди и политичко условување.
Токму на ова прашање Филипче треба да одговори пред да бара од македонскиот народ да прифаќа нови отстапки без реципроцитет и без гаранции.