Историја

Убиството на големиот стратег Филип Втори Македонски

Славе Катин

Блискоста меѓу Александар Македонски и Аристотел била голема, а нивната духовна врска продолжила и подоцна, за време на походите во Азија. Посебно внимание му посветувале на античката грчка литература, уметноста и на научните прашања. Од особено значење било богатството од поезија со кое Аристотел ги запознал своите ученици и му овозможил на Александар темелно да ја проучи.

Меѓу книгите што го сочинувале фондот за читање на Александар Македонски во Азија се споменуваат делата на тројцата големи трагичари, при што најдобро ги познавал трагедиите на Еврипид. Ги читал и современите автори од четвртиот век пред нашата ера, меѓу кои дитирамбичните поети Филоксен и Телест. При уништувањето на Теба покажал колкава почит чувствувал кон Пиндар, големиот лирски поет од минатото, поштедувајќи ја неговата куќа.

Сепак, „Илијадата“ за Александар Македонски била книга над книгите. Таа го сочинувала главниот дел од неговото младешко образование. Аристотел подготвил поправено издание на „Илијадата“, за неговите ученици подобро да го разберат делото. Тоа издание било постојан придружник на Александар во текот на азискиот поход.

Не се знае точно колку Аристотел им зборувал на учениците за филозофијата, иако дел од подоцнежните кажувања се потврдени со веродостојни податоци. Несомнено е дека кај нив го разбудил интересот за филозофската мисла. Подоцна, филозофи од различни школи престојувале и во воениот логор на Александар.

Реториката имала второстепено место во неговото образование. Сепак, Аристотел настојувал кај него да ја развие и политичката мисла, подготвувајќи го за претстојните обврски како владетел. За ова нема целосно сигурни извори, туку само претпоставки. Во политичката сфера двајцата подоцна тргнале по различни патишта и немале целосно меѓусебно разбирање.

Во однос на прашањето каков став треба да се заземе кон покорените народи, Александар Македонски не го следел учењето на Аристотел, кој бил склон кон построг и деспотски однос. Се чини дека повеќе го прифатил советот на Исократ, изнесен во делото „Филип“, според кој Филип Македонски требало да ги ослободи народите од деспотизмот и да ги стави под нова политичка и културна заштита.

Оттука може да се претпостави дека Александар Македонски го прочитал ова дело. Не е невозможно Исократ, како што се гледа и од писмото упатено до младиот принц во времето кога го поучувал Аристотел, да имал посредно влијание врз неговите погледи.

Особено значајно е што Аристотел кај Александар Македонски поттикнал голем интерес за природните науки. Неговата источна експанзија означила епохален напредок во истражувањето и опишувањето на Азија, задачи што им ги доверувал на различни експерти и специјалисти.

Претставата за Земјата, стекната од неговиот учител, ја проверувал во текот на азискиот поход, а потоа ја проширувал и ја коригирал со новите откритија. Ова промислено унапредување на различните научни области, сепак, имало помало значење од постојаната желба на Александар Македонски на Исток да ја прошири културата што му ја всадил Аристотел.

Идилата во Миеза завршила во 340 година пред нашата ера, кога Филип го оставил шеснаесетгодишниот Александар како регент во Пела, додека самиот заминал во поход против Византион. Најверојатно со него бил и доверливиот Антипатар, кој требало да го советува и да го воведе во практичното владеење.

Дека Александар Македонски навистина бил регент потврдува и фактот што го носел кралскиот печат на својот татко и ги потврдувал потребните државни документи. Во меѓувреме, тракиското племе Меди кренало бунт. Тоа била првата можност Александар самостојно да командува во борба, иако станувало збор за помала воена операција.

Тој го поразил непријателот, го освоил неговиот град и, следејќи го примерот на својот татко Филип, повторно го населил местото со нови жители. Со дозвола од татка си, градот го нарекол Александропол, по примерот на Филипопол. Тоа бил првиот град што го носел името на Александар, а подоцна биле основани уште многу други.

Колкава доверба имал Филип Македонски во својот син се покажало во решавачката битка кај Херонеја, кога на осумнаесетгодишниот принц му ја доверил командата над коњицата на ударното крило, иако во војската имало и искусни генерали. Посебна чест било и тоа што Александар, заедно со Антипатар, бил испратен во Атина да ја однесе пепелта на Атињаните загинати во битката.

Тогаш Александар Македонски првпат ја видел Атина. Впечатоците од овој редок град му оставиле неизбришливи траги. Атина во почетниот период извршила значително влијание врз неговото владеење, а подоцна често му служела како важен пример.

Добрите односи меѓу таткото и синот биле нарушени кога Филип, набргу по враќањето од Коринтскиот конгрес во 337 година пред нашата ера, се вљубил во убавата Македонка Клеопатра, внука на Атал, и ја зел за своја законска сопруга. Тоа ја загрозило положбата на Олимпијада, но можело да го доведе во прашање и правото на Александар да го наследи престолот.

На денот на свадбата се случила жестока расправија меѓу Александар и Атал. Кога Атал му посакал на Филип во новиот брак да му се роди „вистински наследник“, судирот меѓу таткото и синот станал уште подлабок. Александар Македонски и неговата мајка веднаш ја напуштиле Античка Македонија.

Александар ја придружувал Олимпијада до Епир, а потоа заминал кај Илирите. Тоа бил изненадувачки потег што тешко може целосно да се објасни, но јасно покажува колку длабок бил судирот во македонското кралско семејство.

По извесно време, со посредство на Демарат од Коринт, кој ја посетил Пела како гостин на Филип Македонски, таткото и синот се смириле. Александар се вратил на дворот на Филип. Се претпоставува дека неговиот страв за правото на наследство тогаш се намалил, а Филип никогаш не го лишил од положбата престолонаследник.

Набргу дошло до уште едно недоразбирање меѓу таткото и синот, но тоа не било толку длабоко и брзо било надминато. Пиксодар, каријски владетел и вазал на персискиот Голем крал, му понудил на Филип Македонски одбранбен сојуз и побарал еден од неговите синови да се ожени со неговата ќерка и наследничка.

Бидејќи Филип Втори Македонски сметал дека не е погодно неговиот престолонаследник да се ожени со ќерката на еден персиски вазал, го предложил својот син Архидеј за зет на Пиксодар. Александар погрешно ја разбрал оваа одлука и се почувствувал омаловажен. Прифаќајќи ги лошите совети на своите пријатели, зад грбот на татка си се понудил самиот да стане зет на Пиксодар.

Кога Филип Македонски дознал за оваа младешка непромисленост, му ги објаснил своите мотиви на синот и му простил. Сепак, ги казнил и ги прогонил од дворот пријателите на Александар на кои им ја припишувал вината за случувањата.

Меѓу нив биле Неарх, Харпал и Птолемеј, синот на Лаг. Така таткото и синот повторно се смириле. Дури и Олимпијада прифатила преговори со Филип, откако тој предложил нивната ќерка Клеопатра да се омажи за нејзиниот брат Александар, кралот на Молосијците.

Токму на таа свадба во Егеј, во летото 336 година пред нашата ера, се случил трагичниот крај на големиот македонски владетел. Додека Филип Македонски свечено одел кон театарот без својата вообичаена телесна стража, бил прободен од Паусанија, млад македонски дворјанин и член на кралското обезбедување.

Трагичниот крај на Филип Македонски посредно бил поврзан со роднинските односи на Клеопатра и Атал, кои веќе предизвикале многу несреќи и судири во кралскиот дом. Паусанија претходно бил тешко навреден и понижен од Атал, а бидејќи не добил задоволување на правдата, својата лутина ја насочил кон Филип Македонски.

Иако основниот мотив на Паусанија била личната одмазда, уште во античко време се појавиле сомневања дека во заговорот биле вмешани и други лица. Поради претходните судири меѓу Филип и Олимпијада, постоеле претпоставки дека таа го поттикнала или го помогнала убиството. Меѓутоа, нејзиното соучество никогаш не било докажано.

Исто така, мора решително да се отфрлат обвинувањата дека Александар Македонски бил вмешан во убиството на својот татко. За тоа не постојат веродостојни докази, а таквите тврдења во голема мера произлегле од подоцнежните клевети на неговите политички противници.

Со убиството на Филип Втори Македонски завршил животот на еден од најголемите воени стратези и државници на античкиот свет. Тој зад себе оставил силна, обединета и воено подготвена македонска држава, како и план за поход кон Азија.

На престолот дошол дваесетгодишниот Александар Македонски, кој го продолжил делото на својот татко и го издигнал Македонското Царство до незапаметени размери.

Александар Трети Македонски и неговото место во светската историја, според книгата на Улрих Вилкен, во превод и приспособување на Славе Николовски-Катин.

Најново од: Историја

Документ од 1929 година: Македонците својот јазик го нарекувале „македонски“

Српскиот научник проф. д-р Радослав Грујиќ сведочи дека ниту во Прилеп, меѓу луѓе што завршиле бугарски училишта, не го слушнал одговорот „бугарски“, туку дека тие биле свесни за разликите меѓу македонскиот и бугарскиот говор Проф. д-р Радослав М. Грујиќ (1878–1955) бил српски историчар, православен теолог, универзитетски професор и член на Српската академија на науките. Од […]

Грчки и западни извори за населението во Егејска Македонија

Вистината не се брани со пропаганда, туку со извори, документи и факти. Во време на интернет, дигитални архиви и вештачка интелигенција, сè потешко е да се сокрие она што со децении било премолчувано — а уште потешко да се фалсификува историјата. Прашањето кој живеел и кој живее во Егејскиот дел на Македонија не треба да […]

Како беше променет етничкиот состав на Егејска Македонија: војни, преселби и асимилација

Најдлабоката промена се случила меѓу 1912 и 1949 година, преку војни, договорени размени на население, колонизација, протерувања, бегалски движења и асимилациски политики. Важно е да се нагласи дека османлиските статистики населението најчесто го делеле според верата, црковната припадност и јазикот, а не според денешното сфаќање на националноста. Поради тоа, грчките, македонските, бугарските и други историски […]

Историјата на Мала Преспа

Мала Преспа е историско-географска област во југозападниот дел на Македонија, распослана покрај југозападниот брег на Преспанското Езеро. Нејзиниот најголем дел денес се наоѓа во Република Албанија и е опфатен со Општина Пустец. Иако со државна граница е одвоена од останатиот дел на Македонија, областа со векови претставува единствен природен, историски и духовен простор со Преспа. […]

Мудроста и духот на античките Македонци низ старите изреки

Античка Македонија оставила длабока трага во историјата на Европа и на древниот свет. Под водство на владетели како Архелај I, Филип II и Александар Македонски, некогашното регионално кралство се издигнало во водечка политичка и воена сила, а неговата војска стигнала сè до Египет, Средна Азија и Индија. Покрај сведоштвата за војните, освојувањата и државничките потфати, […]

Букурешкиот договор – поделба на Македонија без гласот на Македонците

На 10 август 1913 година, по Втората балканска војна, без гласот на Македонците и без нивни претставници на преговарачката маса, во Букурешт била исцртана новата политичка карта на Балканот. Букурешкиот договор претставува еден од најтешките настани во поновата македонска историја. Со него Македонија била поделена меѓу соседните балкански држави, а македонскиот народ бил целосно исклучен […]

Вашингтон тајмс во 1903 година: „Близу половина од населението во Бугарија се Македонци по род или по потекло“

Неколку месеци пред избувнувањето на Илинденското востание, американскиот весник The Washington Times објавил опширен извештај од својот дописник во Софија, Х. Р. Чемберлејн, кој известувал за политичката состојба на Балканот, македонското револуционерно движење и односот на Бугарија кон настаните во Македонија. Написот е објавен на 26 април 1903 година, само нешто повеќе од три месеци […]

Дел од иднината на Александар Македонски

По престојот од околу три години на Асос, Аристотел се пресели во Митилен на Лезбос каде што отвори свое училиште и каде што му пристигна поканата да го учи и да го воспитува законскиот наследник на Античка Македонија. Годините на Асос беа важни за развојот на Аристотел, бидејќи во тоа време тој не беше најславниот […]

Најнови вести

To top