Манасиевски го обвини Венко Филипче дека ги става бугарските интереси пред македонските, посочувајќи ги неговите ставови за уставните измени и молчењето за пренесувањето на останките што му се припишуваат на цар Самуил во Бугарија.
Манасиевски упати остри критики кон Венко Филипче, нарекувајќи го „бугарски амбасадор во Македонија“ и обвинувајќи го дека ги застапува позициите на Софија.
„Филипче секојдневно вели: Бугарите во Уставот, па сè друго. Тоа е истиот став што го има и соседна Бугарија“, рече Манасиевски.
Тој ги обвини Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев за прифаќање толкувања што, според него, ги поткопуваат македонската историја и идентитет. Во тој контекст ги спомена изјавите за улогата на Бугарија во Втората светска војна, за македонскиот јазик и за создавањето на македонската држава.
Манасиевски го критикуваше Филипче и поради тоа што, според него, не се огласува за пренесувањето во Бугарија на останките што му се припишуваат на цар Самуил. Тој го поврза тоа молчење со односот на Филипче и Заев кон работата на историската комисија, обвинувајќи ги дека се откажале од македонските позиции.
Обраќајќи им се на граѓаните, Манасиевски праша на какви отстапки би бил подготвен Филипче за да дојде на власт. Притоа упати критики за здравството, политиките поврзани со марихуаната и односот кон македонскиот идентитет и државниот интегритет.
Во завршницата порача дека премиерот Христијан Мицкоски и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со граѓаните, ќе го зачуваат достоинството на Македонија.
„Заедно ќе успееме“, порача Манасиевски.