Документот сведочи дека посмртните останки на Гоце Делчев биле чувани како македонска светиња, со верба дека еден ден ќе бидат положени во престолнината на независна Македонија
Овој редок документ на ВМРО претставува писмена благодарност упатена до македонскиот револуционер Михаил Чаков за неговата улога во пронаоѓањето, прибирањето и зачувувањето на посмртните останки на Гоце Делчев.
Документот е адресиран до „Господин Михаил Чаков во Софија“, а во него Организацијата, во името на македонските борци, му изразува длабока благодарност за неговата пожртвуваност и за односот кон моштите на еден од најголемите водачи на македонското револуционерно движење.
Во писмото моштите на Гоце Делчев се нарекуваат „свети коски“, а самиот Делчев е опишан како првоапостол и голем учител на македонското ослободително дело. Особено значајна е пораката дека Михаил Чаков ги чувал неговите останки како светиња во својот дом.
Писмо на Тодор Александров до Михаил Чаков, 1923:
„Господине
Михаиле Чаков,
во Софија
Пријатна должност ни е да Ви искажеме многу благодарности од името на другарите борци за независноста на Македонија и од наше име, за готовноста што ја покажавте да ги најдете и приберете светите коски на нашиот првоапостол и голем учител – Гоце Делчев. Еден од основателите на ВМРО. И за храброста Ваша да ги чувате како светиња во својот дом, со што сте ја заслужиле признателноста на целата боречка и угнетена Македонија.“
Од многу почит…
За ВМРО…“
Заветот за независна Македонија
Историското значење на документот не се состои само во благодарноста до Михаил Чаков. Тој го покажува односот на македонските револуционери кон Гоце Делчев и кон неговиот аманет.
Неговите посмртни останки не биле третирани како обични човечки останки, туку како национална светиња на македонскиот народ. Нивното зачувување претставувало должност кон Делчев, кон Организацијата и кон борбата за слободна и независна Македонија.
На дрвениот саркофаг во кој биле чувани коските бил испишан и познатиот завет: „Ги заколнуваме поколенијата светите коски да бидат погребани во престолнината на независна Македонија.“
Овие зборови ја откриваат суштината на револуционерната борба. Крајната цел не била присоединување на Македонија кон некоја соседна држава, туку создавање слободна и независна македонска држава.
Михаил Чаков – чуварот на светите останки
Михаил Чаков бил македонски револуционер и деец на Организацијата, близок соработник на повеќе истакнати македонски војводи. Тој имал значајна улога во пронаоѓањето и зачувувањето на посмртните останки на Гоце Делчев.
По загинувањето на Делчев во селото Баница во 1903 година, неговите останки поминале долг и неизвесен пат. Чаков презел голем личен ризик за тие да не бидат уништени или изгубени. Подоцна биле пренесени во Софија, каде што биле чувани до нивното предавање на Македонија.
На 11 октомври 1946 година моштите на Гоце Делчев биле положени во црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што се наоѓаат и денес.
Со тоа, по повеќе од четири децении, бил исполнет заветот: светите останки на апостолот на македонската револуционерна борба да почиваат во Македонија.
Документ што ја разобличува туѓата пропаганда
Овој документ е уште едно сведоштво дека борците на ВМРО јасно ја определувале својата цел како борба за независноста на Македонија. Во него не се зборува за ослободување заради присоединување кон друга држава, туку за признателноста на „целата боречка и угнетена Македонија“.
Михаил Чаков не ги чувал моштите на Гоце Делчев само како личен спомен. Тој ги чувал како наследство на македонскиот народ и како симбол на неговата вековна борба за слобода.
Документот затоа претставува драгоцен историски извор. Тој сведочи за почитта кон Гоце Делчев, за саможртвата на Михаил Чаков и за идеалот што ги водел македонските револуционери – слободна и независна Македонија.