Историја

ГОЛЕМОСРПСКАТА ВООРУЖЕНА ПРОПАГАНДА ВО МАКЕДОНИЈА

По Илинденското востание, Владата на Кралството Србија активно се зафатила со формирање, финансирање и раководење на четничка организација, чие дејствување било целосно насочено кон Македонија.

Формирањето на Српската четничка организација и нејзината активност претставувале нова фаза во пропагандното дејствување на српската влада. За разлика од дотогашната пропаганда, спроведувана преку црквите и училиштата, сега била создадена добро организирана и вооружена полувоена структура.

Дејствувањето на Српската четничка организација било особено забележливо во Кумановско, Скопско, Паланечко, Кратовско, Прилепско, Бродско и Кичевско. Во другите краишта на Македонија нејзиното присуство било послабо или воопшто не се чувствувало. Тоа било условено од посебните интереси на Кралството Србија кон одделни делови на Македонија, како и од претходно создадените услови преку српската црковно-просветна пропаганда.

Борбата била насочена против македонските чети

Најголема активност Српската четничка организација покажала во борбата против таканаречените „бугарски чети и бугаризмот во Македонија“. Српските политички кругови ја претставувале Внатрешната револуционерна организација како бугарска организација.

Поради тоа, борбата против четите на Внатрешната организација станала главна задача на Српската четничка организација, додека војувањето против османлиската власт во Македонија било сосема споредно.

Борбите против македонските чети и села добиле исклучителна жестина. Крвавите судири меѓу српските, врховистичките, сарафистичките и грчките чети, како и четите на левицата во македонското ослободително движење, му нанеле на македонскиот народ огромни човечки, морални и материјални жртви. Македонија била претворена во вистинска арена на крвави пресметки.

Формирањето на првите српски чети

Формирањето на првите српски чети започнало во 1904 година. Во почетокот оваа акција била претставувана како „приватна иницијатива на неколкумина загреани српски националисти“.

Во заднината, сепак, стоеле најодговорните политички кругови на српската кралска влада. Преку нив, строго централизирано, се организирало и раководело дејствувањето на Српската четничка организација во Македонија.

Во таа насока, српската влада го искористила и Борис Сарафов, кому му дала определена сума пари. Како противуслуга, Сарафов ѝ открил канал за навлегување во Македонија на првата српска чета, предводена од Глигор Соколовиќ. Со тоа Борис Сарафов грубо се огрешил од принципите на Внатрешната организација.

Организациската мрежа управувана од Белград

Српската четничка акција почнала засилено да дејствува по 1905 година, кога ја добила својата конечна организациска форма. Покрај Врховниот одбор, како највисоко политичко и раководно тело, во 1905 година бил формиран и Главен одбор. Двата одбора имале седиште во Белград, а Главниот одбор како оперативно тело непосредно раководел со српската организација.

За четничката активност во Македонија непосредно биле задолжени Пословниот одбор во Врање и Извршниот одбор, сместен во близина на српско-османлиската граница, во околината на Врање.

Набргу се појавило двојство во работата на овие тела. Поради тоа, во декември 1905 година двата одбора биле укинати и бил формиран единствен Извршен одбор во Врање. Новиот одбор ги презел функциите што претходно ги извршувале Пословниот и Извршниот одбор.

Во времето на неговото формирање, Српската четничка организација располагала со 11 чети, во кои имало вкупно 62 четници што дејствувале во Македонија. Дополнителни 55 четници привремено се наоѓале на одмор во Врање.

Одбори во Скопје, Битола и низ Македонија

Српската организација била тајна полувоена структура, поставена врз правила и устав со кои се определувал делокругот на работа на нејзините органи.

Организацијата ја сочинувале месни одбори, пододбори и поголеми одбори, формирани во повеќе места во Србија и Македонија. Главни одбори во Македонија постоеле во Скопје и Битола, а пододбори биле формирани во Куманово, Велес, Дебар, Охрид, Прилеп, Кичево и Крушево, како и за Порече и Дримкол.

Во селата на подрачјата опфатени со дејствувањето на одборите и пододборите биле организирани месни структури. Овие тела главно биле составени од учители, свештеници и други лица што ѝ припаѓале на големосрпската просветна и црковна пропаганда.

Српскиот конзул во Скопје ја раководел политичката активност

Во јануари 1908 година, „заради единство во службата и акцијата и системот што мора да се има во оваа работа“, политичката активност на Српската четничка организација му била подредена на српскиот генерален конзул во Скопје.

Поради тоа, српските конзули во Скопје добиле значително поголема улога во споредба со српските конзули во Битола и Солун.

Непосредното оперативно раководење со четничките формации го спроведувале два штаба: Штабот за Источно Повардарје и Штабот за Западно Повардарје. Едниот раководел со четничките сили од левата, а другиот со силите од десната страна на реката Вардар.

Кој ги сочинувал српските чети?

Четите биле составени од лица со различни професии и општествено потекло: занесени студенти повикани да го бранат „српството на Југ“, ученици од повисоките класови во гимназиите, како и сиромашни селани кои преку платата за четувањето обезбедувале егзистенција за себе и за своите семејства.

Според националниот состав, четите главно ги сочинувале Срби, но во нив имало и Македонци-печалбари во Србија, кои паднале во мрежата на српската организација, како и луѓе на кои четништвото им станало професија. Во помал број имало и отпадници или членови исклучени од Внатрешната организација поради направени престапи.

Финансирање од тајните фондови на српската влада

Паричните средства собрани од доброволни дарители биле сосема недоволни за опстанокот на организацијата. Главниот извор на финансирање биле српските кралски влади, кои преку тајни фондови ѝ обезбедувале пари на четничката организација.

Како организација на српската влада, таа речиси никогаш не чувствувала недостиг од финансиски средства. Таквото финансирање ѝ овозможувало во текот на летните месеци да држи под оружје околу 300 четници, кои дејствувале на територијата на Македонија.

Во оваа активност особено се истакнувале Глигор Соколовиќ, Јован Бабунски, Јован Довезенски, Василие Трбиќ, Ѓорѓи Скопљанче, Спаса Гарда, Крста Ковачевиќ, Цане Марковиќ, Петко Илиќ, Јован Пешиќ и други.

Вооружена алатка на големосрпската политика

Српската четничка организација претставувала вооружен одред на српската буржоазија и непосредна алатка за остварување на големосрпските интереси во Македонија.

Пред јавноста била претставувана како наводна творба „на самите Срби во Македонија“, но организацијата била создадена, финансирана и раководена од политичките кругови и државните институции на Кралството Србија.

По Младотурската револуција во 1908 година, отворената активност на Српската четничка организација во Македонија привремено престанала.

Текстот е јазично и редакциски приспособен според книгата „Национално-револуционерните борби на македонскиот народ 1876–1912“.

Најново од: Историја

Кузман Шапкарев: Ние сме Македонци, а не Бугари! (1870)

На 30 ноември 1870 година, бугарскиот весник „Право“, кој излегувал во Цариград, објавил полемички текст за дејноста на охридскиот учител Кузман Шапкарев. Во написот весникот го обвинува Шапкарев дека се спротивставувал на употребата на книги напишани на бугарски јазик. Преку тие обвинувања, написот сведочи дека уште тогаш во печатот се расправало за посебноста на македонскиот […]

Како Александар Македонски го освоил Сур и го променил неговиот брег

Александар Македонски го напаѓа Тир (денешен Сур) од море. Гравура на Антонио Темпеста од 1608 година, Музеј „Метрополитен“, Њујорк. Сур е денешното арапско име на античкиот Тир, град во Либан. Со латиница често се пишува „Sour“. Во 332 година пр. н. е., војската на Александар Македонски се нашла пред утврден феникиски град чии ѕидини ги […]

Зошто Бугарија инсистира заедно да чествуваме настани и личности?

Одговорот е многу прост: Софија насилно го наметнува заедничкото чествување бидејќи тоа е крунски доказ дека историјата ни е заедничка, што значи — бугарска. Ако го прогласиме и Гоце Делчев за заеднички херој, друго објаснување нема да има. Постапката за тоа е веќе тема на заедничката комисија за историја, а нашите „политичари“ се речиси подготвени […]

Христо Калајџиев во Софија во 1945 година — за македонската државност, против великобугарскиот шовинизам

На фотографијата е корицата на оригиналното софиско издание од 1945 година. На 4 февруари 1945 година, во киното „Македонија“ во Софија, Христо Калајџиев се обратил пред Конгресот на македонската емиграција. Втората светска војна сè уште траела, а македонската држава веќе била конституирана како рамноправна единица во Демократска Федеративна Југославија. Пред делегатите во Софија, Калајџиев го […]

„Балканско сдружение“ во 1932 година: Идеалот на македонскиот народ е слободна и независна Македонија

Во август 1932 година, во Детроит, излегол 15. број на „Балканско сдружение“ („Balkan Unification“), месечното гласило на Македонскиот народен сојуз во Америка. Во приложениот исечок од тој број, полемиката за насилствата во Петричкиот крај завршува со повик за слободна и независна Македонија во рамките на балканска федерација. Во написот, авторот ги обвинува четите на Ванчо […]

Крвавата свадба во Зеленич – Леринско, Егејска Македонија

На 13 ноември 1904 година по јулијанскиот календар, грчка андартска чета го нападнала селото Зеленич, Леринско, во Егејска Македонија. Нападот бил извршен ноќе, додека во домот на семејството Готеви се одржувала свадбена прослава. Меѓу убиените имало и жени и деца. Настанот во македонската историографија е познат како „Крвавата зеленичка свадба“. Зеленич пред нападот Во 1904 […]

Изминаа 122 години од крвавата зеленичка свадба

На 13 ноември 1904 година, во текот на свадбата која се оддржувале во леринското село Зеленич, грчките андарти убиле 13 Македонци. Меѓу жртвите се младоженецот, неговите пријатели, две деца, како и деецот на Македонската револуционерна организација Пандо Мечкаров, вкупно 13 лица. Оттогаш изминаа 122 години, но грчката геноцидна политика кон македонскиот народ не се изменила. […]

Колективната меморија на Македонците

Од книгата „Македонци“ Автор: Бранислав Светозаревиќ-Покорни „Кога ќе го видиш начинот на играта на еден народ, му го откриваш карактерот.“— Конфучие Колективната меморија претставува сврзно ткиво на многуте генерации низ историјата на еден народ и е клучна за неговиот опстанок. Сè додека постои еден народ, постои и колективната меморија, но и народ без колективна меморија […]

To top