На прво место

Спомен за голготата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во манастирот „Свети Јован Претеча“

По 79 години, во селото Слепче, Демирхисарско, се одржа првата спомен-средба посветена на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, кои за време на Граѓанската војна во Грција биле принудени да ги напуштат своите родни огништа.

Автори: Ташко Јованов и Тодор Петров

Во организација на Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Скопје, во македонскиот манастир „Свети Јован Претеча“ во селото Слепче, Демирхисарско, беше одржана спомен-средба посветена на Македонците кои за време на Граѓанската војна во Грција, од 1946 до 1949 година, биле принудени да ги напуштат своите домови.

За помен на сите починати и настрадани во оваа македонска голгота, манастирското братство, со благослов на Неговото Високопреосвештенство г. Петар, митрополит Преспанско-пелагониски, одржа панихида.

„По 79 години, за првпат се одржа спомен-средба на пребеганите и насилно протераните Македонци од Егејскиот дел на Македонија, кои под теророт на грчките андарти, за време на Граѓанската војна во Грција, во 1947 и 1948 година биле привремено сместени во манастирот ‘Свети Јован Претеча’ во селото Слепче“, изјави претседателот на Форумот, Ташко Јованов.

Манастирот бил засолниште и привремена болница

Во текот на 1947 и 1948 година, манастирот „Свети Јован Претеча“ бил претворен во привремено засолниште за Македонците кои бегале пред воените дејства, теророт и бомбардирањата во Егејскиот дел на Македонија. Во него била организирана и привремена болница, а меѓу згрижените имало многу мали деца со своите родители.

Манастирските конаци им понудиле покрив над главата на изнемоштените семејства. На бегалците им биле обезбедувани медицинска нега, храна, облека и други најнеопходни средства по тешкиот премин преку границата. Конаците биле приспособени за колективно сместување и за првична грижа и едукација на децата.

Манастирот, како и други објекти во селото Слепче, бил привремено претворен во прифатилиште и детски дом за пребеганите и насилно протераните Македонци и нивните деца. Жителите од Демирхисарскиот крај активно помагале во снабдувањето со храна и други неопходни намирници, покажувајќи човечност и солидарност во еден од најтешките периоди од македонската историја.

Од привремените прифатни пунктови, со помош на Црвениот крст на Македонија, децата подоцна биле распоредувани во детски домови низ тогашна Југославија – во Браилово, Битола, Скопје, Гаково, Крушевље кај Сомбор, Бела Црква и Маглиќ, тогаш познат како Булкес, кај Бачки Петровац. Дел од нив биле испраќани и во земјите од Источниот блок: Унгарија, Чехословачка, Романија, Полска и Советскиот Сојуз.

Трагичниот егзодус на македонските семејства

Приказната за пребеганите и насилно протераните Македонци, кои во 1947 и 1948 година преку селото Слепче пристигнале во Македонија, е дел од поширокиот трагичен егзодус за време на Граѓанската војна во Грција.

Во текот на конфликтот, илјадници македонски семејства биле принудени да ги напуштат родните огништа во Леринско, Костурско, Воденско и во другите краишта на Егејскиот дел на Македонија, под притисок на теророт, прогоните и бомбардирањата.

По пристигнувањето во тогашна Народна Република Македонија, бегалците биле распоредувани во прифатни центри и погранични населени места. Слепче било една од најважните точки за нивниот првичен прием, каде што на исцрпените семејства и на децата-бегалци им биле обезбедени храна и медицинска помош.

Поради расположливиот станбен фонд и плодната почва во Пелагонија, надлежните власти донеле одлука дел од протераните семејства трајно да се населат во селото Браилово, Прилепско.

Месното население ги прифатило Македонците од Егејскиот дел на Македонија и им помогнало да започнат нов живот од темел. Но тие со себе ги носеле траумите од војната, болката по изгубените домови и вечниот копнеж по родниот крај.

Нивните потомци, кои и денес живеат во Браилово и во други места низ Македонија и светот, го негуваат својот говор, обичаите и семејните сеќавања. Нивното присуство оставило длабока и неизбришлива трага во историјата на Прилепскиот и Демирхисарскиот крај.

Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија најави дека оваа спомен-средба ќе прерасне во традиција и ќе се одржува секоја година по повод 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.

Иницијаторите се надеваат дека во манастирот ќе биде поставена и спомен-плоча, која трајно ќе сведочи дека ова свето место било засолниште и собирен центар за Македонците протерани за време на Граѓанската војна во Грција.

Говор на Ташко Јованов на спомен-средбата во манастирот „Свети Јован Претеча“Почитуван владико,

почитувани браќа и сестри,
почитувани Македонци и Македонки,

Голема и неизмерно болна е голготата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

По 79 години, за првпат ја одржуваме оваа спомен-средба посветена на политички прогонуваните, малтретираните, пребеганите и насилно протераните Македонци од Егејскиот дел на Македонија.

За време на Граѓанската војна во Грција, од 1946 до 1949 година, под теророт на грчките андарти, многу Македонци биле принудени да ги напуштат своите родни огништа. Во 1947 и 1948 година, дел од нив биле привремено сместени токму овде, во македонскиот манастир „Свети Јован Претеча“ во селото Слепче, Демирхисарско.

Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Скопје ветува дека оваа средба ќе прерасне во традиција. Секоја година, по повод 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, овде ќе одржуваме панихида за сите жртви на Граѓанската војна во Грција и ќе се потсетуваме на страдањата на македонскиот народ.

Се надеваме дека до следната средба ќе поставиме и спомен-плоча во манастирот, како трајно сведоштво дека ова свето место било засолниште и собирен центар за Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Во 1947 и 1948 година, во манастирот било организирано привремено засолниште за пребеганите Македонци. Поради грчкиот терор и воените дејства, тука била формирана и привремена болница, а меѓу згрижените имало голем број мали деца со своите родители.

Манастирските конаци им дале покрив над главата на изнемоштените деца и семејства. По тешкиот премин преку границата, овде им биле обезбедени медицинска нега, храна, облека и основни услови за живот. Конаците биле приспособени за колективно сместување и за првична грижа и образование на децата.

Со помош на Црвениот крст на Македонија, децата подоцна биле распоредувани во детски домови низ тогашна Југославија – во Браилово, Битола, Скопје, Гаково, Крушевље кај Сомбор, Бела Црква и Маглиќ, односно тогашен Булкес, кај Бачки Петровац. Дел од нив биле испратени и во Унгарија, Чехословачка, Романија, Полска и Советскиот Сојуз.

За време на Граѓанската војна во Грција, илјадници македонски семејства биле принудени да ги напуштат своите родни огништа во Леринско, Костурско, Воденско и во другите краишта на Егејскиот дел на Македонија. Тие бегале пред теророт, прогоните и бомбардирањата, оставајќи зад себе домови, имоти, гробови и вековни семејни корени.

Дел од протераните семејства трајно се населиле во Браилово, Прилепско. Тамошното население ги прифатило како свои и им помогнало да започнат нов живот. Но болката по изгубениот роден крај останала длабоко врежана во нивните срца.

Нивните потомци и денес го чуваат својот специфичен говор, своите обичаи и семејни спомени. Со тоа оставаат длабок и неизбришлив белег во историјата на Македонија.

Наша должност е да не дозволиме оваа голгота да биде заборавена. Да ги споменуваме жртвите, да ја пренесуваме вистината на идните поколенија и достоинствено да го чуваме споменот на сите Македонци кои биле прогонети од своите вековни огништа.

Вечен им спомен на починатите и настраданите!

Да живее споменот на нашите предци и нивната непрекината љубов кон Македонија!

За многу години нека е нашата средба!

Најново од: На прво место

На 13 ноември се одбележуваат 82 години од ослободувањето на Скопје

Во текот на Втората Светска Војна, за ослободувањето на Скопје, животите ги положија 4.654 негови граѓани, од кои 956 загинати во битките и 3.698 граѓани како жртви на фашистичкиот терор. Скопје го одбележува 13 ноември, денот кога во 1944 година борците од Дванесеттата, Третата, Осмата и Шеснаесетата македонска бригада го ослободија градот од фашистичката окупација. […]

Мицкоски со факти ја разобличи хистеријата на Филипче

АЛТА банка на Мацура ја носи Владата на СДС и ДУИ   Владата на СДС и ДУИ уште во 2023 година дала насока за влегување во деловни односи со АЛТА банка од Србија, посочи премиерот Христијан Мицкоски на надзорната расправа во Собранието, покажувајќи извадок од нацрт-записник од владина седница одржана на 24 октомври 2023 година. […]

Филипче и Заев да одговорат дали знаеле за сомнителните трансакции од 110 милиони евра од Венецуела преку Еуростандард банка

Филипче и Заев да одговорат дали знаеле за сомнителните трансакции од 110 милиони евра од Венецуела преку Еуростандард банка СДС и Венко Филипче што со демагогии, лаги, манипулации и хистерија сакаат да предизвикаат страв и несигурност кај граѓаните, на македонската јавност им должат одговори за пропаста на Еуростабдард банка и за можноста за „перење“ пари. […]

Апел за донации: да ја зачуваме црквата „Св. Марена“ – „Св. Огнена Марина“ во Зубовце

Црковниот одбор на црквата „Св. Марена“ – „Св. Огнена Марина“ во село Зубовце упатува апел до сите добронамерни луѓе, фирми, институции и иселеници да помогнат во стабилизацијата и конструктивното зацврстување на храмот.  Црквата „Св. Марена“, стара речиси два века, во последните години претрпува оштетувања поради движење на земјиштето. За да се спречи нејзиното понатамошно оштетување […]

Скопје го разубавува своето лице во пресрет на 2028 година

Еден од најпрепознатливите симболи на Скопје доби ново декоративно и архитектонско осветлување, кое ја истакнува убавината на камените сводови над Вардар. Камениот мост во Скопје на 6 ноември 2026 година блесна со ново осветлување. Свечено го пуштија во употреба градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на турската општина Есенлер, Мехмет Тевфик Гоксу. Проектот […]

Латас: Не е само Дубаи – се отвораат скриени подруми и архиви

Ај, нека помине малку време, Мицкоски да го реши ова со Алта банка и сите да ги имаат своите пари на слободно располагање, па ќе се свртиме кон еден друг случај: Како Зоран Заев, со асистенција на неговиот советник Зоран Башановиќ, кој под притисок од Вучиќ се повлече од Србија и стана десна рака на […]

Пропаѓањето на Еуростандард банка во време на СДС покажува каков е нивниот однос кон парите на граѓаните

Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ – реакција на ставовите на Венко Филипче Нервозата и хистеријата кај Венко Филипче се сѐ поочигледни и тој не може да ги скрие, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ. „Филипче, очигледно, не сака што се најде решение за случајот со Алта банка и што државата и надлежните институции ги преземаат сите неопходни […]

Скопје во знакот на боксот: јубилеен 55. „Златен гонг“ во салата „Расадник“

Од 13 до 15 ноември 2026 година, во спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода, ќе се одржи јубилејното 55. издание на Меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“, во организација на Македонската боксерска федерација. На годинашното издание се очекува учество на боксери и боксерки од 17 држави. Покрај македонските претставници, најавени се учесници од Албанија, Австрија, Белгија, […]

To top