|
||||
Мијаците од Папрадишка колонија не подлегнаа на српското злато |
„Последните години од турскиот режим, Папрадиште беше често тероризиран од агенти на српската пропаганда и од српските чети кои потпомогнати од турската власт се вгнездиле во Азот. И покрај честите деноноќни напади на српските чети над Папрадиштани и скапите жртви како Петар Чупаров и свештеникот Ивan Аврамов кој ѕверски беше исечен на парчиња и фрлен во Вардар, мијачките села Папрадиште и Ораше не подлегнаа на искушенијата на српското злато, ниту се уплашија од теророт на српските чети и го зачуваа своето национално чуство“ – пишува Георги Трајчев во својата „Книга за Мијаците“. Папрадишка колонија Планинска котлина, формирана од ниските ридови кои излегуваат од главната верига на планината Бабуна и го полнат коритото на реката Бабуна и делумно на реката Тополка, се нарекува Азот (Аз Коли или Бабунијата). Азот е југозападниот дел на велешката околија и граничи со Прилепско Поле и Поречието. За време на турското владеење, во службено-административен однос, Азот влегуваше во Велешката каза, како одделна нахија управувана од нахи-мудур со седиште во Богомила. Највисокиот дел на планината Бабуна, село Папрадиште, крај урнатините на запуштеното село Чеплес, до врвот “Мокров“, се изворите на реката Бабуна. Реката Бабуна се намалува од високите карпи и под село Капиново ги прибира бујните води на десната притока Орешка река која извира од планината “Даутица“. Еве какви информации ни дава за своето родно место Димитар Марковски. - Папрадиште е населено во месноста Азот (велешко) со Мијаци од пред 200 години. Преселниците се главно од селата: Лазарополе, Тресонче, Могорче и Ехловец. Тие ги напуштиле своите родни огништа од разбојничките албански напади. Првично избегале: дедо Марко од Лазарополе, дедо Секо, дедо Новаче, Џонга од Тресонче. Дедо Чупче (родоначалник на семејството Чупарови), откако престојувал во село Ореше, му се допаднало друго на 4-5 км од Ореше и се населува. Од село Могорче пристигнува дедо Митре и се населува. Во растојание од 1 година, новото село броело 10 куќи. Поради изобилие на папрат во околината, селото се нарекло Папрадиште. Потоа преселувањето одело постепено, се` додека не се создало денешното село со околу 80 куќи и до 400 души население. Преселниците биле сточари и мајстори. Имало и ќеаји со по 3-4 илјади глави овци и стотина коњи. Околу 1/5 од населението останале сточари до крајот на турскиот режим. Стадата беа во бачилата на падините на планината Бабуна од Ѓурѓовден до Крстовден, а за зимување ги носеа во Серско Поле. И мајсторите гурбетуваа од почетокот на пролетта до доцна есен во пределите на турската држава: Солунски, Катерински, Серски, Јанински и Дунавски вилает (пред ослободувањето на Бугарија). Последните граделе цркви, куќи, конаци, мостови, џамии. Во мајсторската група, под раководство на својот устабашија имало: ѕидари, мазачи, иконописци, резбари, варџии, калџии. При градењето на некоја црква едни ѕидаат, други прават вар или кал, трети мачкаат, четврти го работат иконостасот, петти ги подготвуваат иконите. Имајќи го тоа во предвид никогаш не станало потреба устабашијата да бара работни раце последователно. Сите работници биле во групата со време. Така: Ѓорѓи Новачевски Џонгар како устабашија ги изградил црквите Св. Спас во Софија, во Штип и на друго место. Меѓу папрадишките Мијаци имало и зографи. Нивниот род потекнувал од селото Тресонче. Од овој род се велешкото семејство Зографови кои работеле на скопската црква Св. Богородица, велешката Св. Пантелејмон, катедралата во Сараево, Врањската и др. Селото Папрадиште е расположено по јужните падини на планината Бабуна, под високиот врв „Солунска глава“. Околината на селото е богата со вегетација: густи букови шуми, папрат, здравец и друго. Селото си носи име од изобилниот папрат кој ја исполнува околината. Селаните се сопственици на парче нива, ливада и градина. Изобилната како кристал планинска вода, чистиот балкански воздух и јужниот припек на сонцето, ја прават климата пријатна и здрава. Куќите се здрави камени градби на два ката, покриени со плочи и керамиди. Тие се цели замоци, за заштита од разбојнички напади. И тука Мијаците не беа спокојни од такви напади. Од еден таков напад во 1884 година, целото село изгоре. Разбојниците беа арнаути од кичевското село Заец и прилепското Црнилишта. Селската црква посветена на Св. Петар и Павел, изградена е од Ѓорѓи Џонгар. Таа има корабовидна форма и има прекрасен иконостас и сликарски икони. Свешетници беа двајцата: Христо Делов и Иван Аврамов. Пред нив бил свештеник Илија Тренчев. Училиштето од старо време било славјанско, а старите месни учители биле Хр. Делов, Ант. Галев и Хр. Попов. Говорот на папрадишани е зачуван, чисто мијачки, како и носијата. Мажите со бечви, кепе и кече на главата, а жените во најубава мијачка облека, со јарки црвени и жолти цветови. Папрадиште претендира да има поубава изработка на женската носија, бидејќи печалбарите секогаш од странство носеа најчиста и убава свила за своите ќерки. Последните уште од 5-6 годишна возраст, се грижеа за изработување на својот мираз. Меѓу другото, требало да подготват 12 кошули, разно декорирани и наменети за носење во разни случаи и време. Свадбите се правеле меѓу нив (Мијаците) во селото или од Ореше од каде земале невести, но според редоследот давале и таму свои моми. Обичаите и свадбите тука делимно ја менуваат својата мијачка традиција. Тука гурбетчиите мајстори свадбите ги прават од есента до крајот на зимата (Св. Атанас), а сточарите во лето, кога се враќаат од зимување. Сите други обичаии: свадбени, празнични, погребни и други се чисто мијачки. Последните години од турскиот режим, Папрадиште беше често тероризиран од агенти на српската пропаганда и од српските чети кои потпомогнати од турската власт се вгнезидиле во Азот. И покрај честите деноноќни напади на српските чети над Папрадиштани и скапите жртви како Петар Чупаров и свештеникот Иван Аврамов кој ѕверски беше исечен на парчиња и фрлен во Вардар, мијачките села Папрадиште и Ораше не подлегнаа на искушенијата на српското злато, ниту се уплашија од теророт на српските чети и го зачуваа своето национално чувство. При отстапувањето во 1915 година, Србите го изгореа целото село... ...Ангелко Аврамов Чупаров е роден во селото Папрадиште во 1878 година. Тој бил еден од најпреданите локални дејци на Организацијата. Во есента 1907 година добил задача од реонскиот војвода Милан Змијата да однесе едно писмо во Велес и да го предаде на градското раководно тело, по што тргнал од селото Бистрица за градот. Но агенти на (српската) пропаганда му соопштуваат на деврието за да го претресе. Деврието (група турски вјници) го фаќаат Ангелко Чупарев меѓу селата Чашка и Еловец и бараат да го претресат. За да не падне писмото во рацете на власта, Ангелко го голта писмото и се застрелува. Петар Чупаров е роден во село Папрадишта во 1872 година. Тој беше еден од видните месни дејци во Азот, кој до крај на својот живот си остана верен и чесен војник на ВМРО. Многу пати минувајќи низ Богомила на пат за Велес, тој бил предупредуван или да стане човек на пропагандата или ќе биде убиен. Во септември 1910 година тој тргнал за Велес да купи бакалски стоки. Минувајќи низ Богомила, на инсистирање на србоманите да стане нивен човек или ќе биде убиен, тој им одговорил дека повеќе сака да биде убиен отколку да стане србоман. На враќање од Велес, со натоварен коњ, Бабунски и четникот Јанко го фаќаат Петар Чупаров, го носат на патот меѓу Богомила и Папрадиште и го убиваат, а коњот и стоката ја земаат. По два три дена домашните го наоѓаат... Најпосле заканата на Иван Бабунски се исполни, но и Петре Чупаров умре на својот став, запазувајќи го гордо својот тврд мијачки род. Во овој крај српската пропаганда имаше сериозен отпор во лицето на младиот и енергичен свештеник од Папрадиште отец Иван Аврамов Чупаров, роден во истото село во 1880 година. Поп Иван (род со Димитрија Чуповски) беше трн во очите на србоманите од Богомила. Попусти беа ветувањата на пропагандата за моралните и материјалните бенефиции кои ќе ги добие поп Иван, ако стане србоман. Залудни беа и заканите за негово убиство. Поп Иван не сакаше да стане отпадник за некакви валкани наполеони кои му се нудеа како месечна плата од страна на пропагандата. Во разгорот на борбата меѓу ВМРО и српската пропаганда тој земаше активно учество против пропагандата. Иако на неколку пати Григор Соколов му ја опколуваше куќата за да го фати, сепак поп Иван бегаше од селото. По неколку заседи, најпосле во пролетта 1905 година, Григор Соколов ненадејно ја опколува куќата на поп Иван, го фаќа и го носи во селото Мокрени, а потоа во село Габровник. По заповед на Григор четниците копаат дупка во која го ставаат поп Иван и го затрупуваат така да само главата на свештеникот била слободна. Заробен во земјата поп Иван трпи страшни маки, но одбива да стане агент на пропагандата, а ако го убијат тогаш можат да ги испратат неговите коски во белградскиот музеј како коски на „прав Србин“. Тоа тешко го погодува Григор кој наредува да го убијат. Меѓутоа на инсистирање на србоманите од Богомила, кои од една страна стравуваат од одмазда на Мијаците од Папрадиште и Ореше, а од друга страна и од четата на Организацијата, Григор конечно го ослободува поп Иван под услов тој да остане пасивен гледач и да не учествува во било какви организациски работи. По враќањето во Папрадиште, поп Иван почнува да спие со „пушка во рака“ и потоа заедно со Арсо Локвички и Нежиловскиот раководител Ѓуро станува постојан сопатник на велешката чета, секогаш подготвен да учествува во нејзините акции. Постојаните закани упатени до него од луѓето на пропагандата не го уплашија, а неговата цврстина и решителност му даваа голем кураж на Мијаците од Ореше и Папрадиште. На самиот ден 16 јуни 1913 година при започнувањето на воените дејствија меѓу Бугарија и Србија, српските власти го фатиле велешкиот свештеник Иван Аврамов Чупаров, роден од с. Папрадиште, Азот, и по тешки мачења го сечат на парчиња, а потоа ги фрлаат неговите останки во Вардар. Граѓаните отпосле ги наоѓаат неговите останки во Вардар и ги погребуваат. Така, отец Иван еден од најверните синови на ВМРО, ја заврши својата пастирска кариера и како роден син на Македонија, остана верен на тврдиот мијачки род и не стана “прав“ Србин. (извор: Георги Трајчев, „Книга за Мијаците“, Македонска библиотека No. 12, Софија, 1941) Македонска нација
|