|
||||
Поздравно слово на Архимандрит Партениј на свеченото молитвено бдение на Иванден |
24 јуни/6 јули 2015 лето Господово Ваше Високопреосвештенство, достојнопочитуван Митрополит брегалнички г. Иларион, Особена чест и радост ми е што благоволивте да претстоите на ова сеноќно бдение во чест на раѓањето на светиот Претеча и Крстител Господов Јован - закрилникот на ова наше големо светилиште. Голема е милоста Божја што ни го даде за покровител овој моќен столб, овој огнен факел што гори крај Престолот Божји за целото човештво. Тој е избраникот на Промислителот за спасението на светот, преку кој Бог си приготви пат во срцето на луѓето. Се роди од неплодна утроба, според благовестието што Aрхангелот му го возвести на Захариј, и токму тоа необично раѓање го славиме денес. Не можам да му искажам подостојна благодарност на овој наш славен патрон што преку благослов на нашиот надлежен Архиереј, многупочитуваниот Митрополит г. Тимотеј, Ве донесе Вас, возљубен Владико, на ова молитвено торжество, и тоа токму во годината кога одбележуваме 20 години возобновен општежителен монашки живот. Тоа не е случајно, бидејќи најголемиот меѓу родените од жена (Мт. 11, 11) отсекогаш имал големо место во мојот и Вашиот живот. Токму пред 20 години, на денот на свети Атанасиј Атонски – зачетникот на општежителното монаштво на Светата Гора Атонска, тој - горештиот предвесник на Јагнето Божјо, преку устата на Mитрополитот Тимотеј, нѐ повика овде, ни ги отвори вратите на својот свет дом покрај Радика и ни го испрати својот благослов заеднички да го започнеме делото кое сѐ уште трае. Под неговата молитвена заштита ги направивме првите чекори кон заживувањето на овој некогаш запустен и духовно замрен Манастир. Иако не беше лесно - почетоците секогаш се придружени со големи искушенија - сепак, благодатта што ја чувствувавме и која нѐ водеше напред, направи тие заеднички мигови да останат во прекрасен спомен. Вас, Божјата милост Ве удостои со навистина големо достоинство - Ве повика да бидете духовен архипастир на една голема и значајна Епархија, дело кое Вие навистина одговорно го исполнувате, грижејќи се татковски за спасението на многуте души што Бог Ви ги доверил со Својата промисла за духовното напредување на нашиот благоверен народ. Но многу ни значи тоа што иако заминавте, Вие никогаш духовно не ја напуштивте оваа Света Обител, постојано застапувајќи се за нас пред Бога и просејќи од Него благодатни сили за нашето преуспевање во подвигот на монашко себераспнување и смирено носење на крстот. И не само тоа, туку и често нѐ радувате со своите посети, споделувајќи го со нас благодарното чествување на Светиот Пророк и големата љубов што ја чувствувате кон него, која ете и сега, во овие свечени мигови, Ве донесе кај нас. И навистина, таа неовоземна љубов што во нашите срца гори за великиот Предвестител на Новиот Завет, нѐ собра сите вечерва на овој духовен подвиг за да ги сплоти нашите скромни молитви во еден силен молитвен сноп и да ги издигне високо на небесата, во духовните пространства, каде што Свети Јован претстои пред Бог, принесувајќи Му го овој наш благодарствен дар. Затоа оваа ноќ нека биде еден достоен одблесок на нашата љубов кон оној кој уште од утробата на својата мајка со весело играње и поклонение Го навести доаѓањето во тело на Спасителот на светот, Господ Исус Христос. Владико свети, благословете го претстојниот молитвен собор. Добро бдение на сите! |