|
||||
МАКЕДОНСКО КУЛТУРНО ДРУШТВО "ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ" |
МАКЕДОНСКА ВЕЧЕР ВО УТРЕХТ 10 април 2016 година, Утрехт, Холандија - Синоќа во Утрехт се одржа прекрасна Македонска вечера на која свечено се одбележа регистрацијата и почетокот со работа на Македонското културно друштво Гоце Делчев во Утрехт, Холандија. На Македонската вечера имаше богата културно-уметничка програма со македонски песни и ора во изведба на ансамблот на Стефче Стојковски, а настапи и Фросина Мариновска, како и холандски културно-уметнички друштва кои ја негуваат македонската народна музика. На Македонската вечера присуствуваа претставници на сите македонски друштва во Холандија. Присутните ги поздрави претседателката на Друштвото, Роза Ѓорѓиева, која во своето обраќање рече: - Ваша Екселенцијо господин Игор Попов, амбасадор на Република Македонија во Кралството Холандија, почитувани браќа и сестри, почитувани дами и господа, Ви посакувам добредојде на Македонската вечер, заради свечено одбележување на регистрацијата и почетокот со работа на Македонското културно друштво “Гоце Делчев“ во Утрехт, Холандија. За тие што не знаат: Гоце Делчев е основач на Македонската револуционерна организација во деветнаесеттиот век, со цел народно востание за ослободување и државност на Македонија, во времето на Отоманската Империја, кога Македонија и Македонците биле под отоманско ропство на Балканот. Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во градот Кукуш, денес под Грција именуван како Килкис. Завршил гимназија во Солун, а бил учител во Ново Село, Штип, во Македонија. Загинал пред Илинденското востание, на 4 мај 1903 година во селото Баница, градот Сер, Егејскиот дел на Македонија, денес во Република Грција, именуван во Серес, во борба со отоманската војска. Во Илинденското востание на Македонскиот народ, во 1903 година, создадена е првата Македонска Република на Балканот, во градот Крушево, за жал, крваво загушена од бројните војски на Султанот. Неговите коски до 1917 година се чувале во селото Баница, потоа се пренесени во градот Ксанти, Грција, па во градот Софија, Бугарија. На 11 октомври 1946 година коските на Гоце Делчев се пренесени во Скопје, главниот град на Македонија и денес се чуваат во неговиот гроб во црквата “Свети Спас“ до Скопското Кале. Гоце Делчев бил идеолог на македонското револуционерно движење. Познат е по неговата мисла “Јас, светот го препознавам како поле за културен натпревар меѓу народите“. Тоа не е само негова лична импресија, туку претставува експресија на генетскиот код на една цела цивилизаицја, на македонската цивилизација, како цивилизација на мирот и љубовта наспроти војната и омразата, на коегзистенцијата и толеранцијата наспроти дискриминацијата и сегрегацијата, на кутурниот глобализам наспроти корпоративниот глобализам! Затоа и името на нашето здружение: Македонско културно друштво “Гоце Делчев“ во Утрехт. Во Холандија веќе педесет години живеат околу 20.000 Македонци по потекло од сите делови на Македонија, лојални граѓани на Холандија, кои ги негуваат културата, историјата, јазикот, верата, обичаите и традициите од стариот крај од каде што потекнуваат, тие или нивните родители. Само во Утрехт и околината ги има околу 5.000 по потекло Македонци. Македонците во Холандија се организирани во Македонска заедница и Македонска православна црковна општина. И оваа Македонско културно друштво “Гоце Делчев“ со седиште во Утрехт, ќе придонесе за афирмација на македонската култура, историја, јазик, вера, обичаи и традиции во Холандија и за унапредување на македонско-холандските билатерални меѓудржавни односи, кои се традиционални, долгогодишни и одлични. Ова е наша прва дружба. Се надеваме дека ќе бидеме почесто заедно, во повеќе проекти и манифестации. За тоа редовно ќе бидете информирани. А, сега пријатно расположение и добра забава со богата културно-уметничка програма со македонски ора и песни во изведба на ансамблот на виртуозот Стефче Стојковски, како и со Фросина Мариновска и холандски културно-уметнички друштва кои ја негуваат македонската народна музика. Да живее Македонско-холандското братство! Долго да ни поживее кралицата Беатрикс и холандскиот крал Вилем-Александар и неговото семејство! Амин! Вечерта со своето присуство ја збогати македонскиот амбасадор во Холандија Н.Е. Игор Попов кој ја поздрави регистрацијата на Македонското културно друштво Гоце Дрлчев во Утрехт и посака негова успешна и плодна работа во афирмацијата на македонската култура во Холандија. Понуди соработка и помош во работата на Македонците во Холандија. Пред присутните беше прочитана поздравна телеграма од претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, во која се вели: - Почитувани браќа и сестри Македонци, во името на Светскиот Македонски Конгрес како неформален Светски Парламент на Македонците од сите делови на Македонија и во целиот свет, Ви упатувам искрени честитки за регистрацијата на Македонското културно друштво “Гоце Делчев“ во Утрехт, Кралството Холандија. Ви посакувам успешна работа и очекуваме плодна соработка за македонските работи. Останете лојални државјани на Холандија, но бидете горди Македонци: унапредувајте ги македонско-холандските односи; говорете го македонскиот јазик; негувајте ги македонската култура, вера и историја; одржувајте ги македонските обичаи и традиции; и никогаш не заборавајте ги вашите корени во библиска Македонија. Да живее македонско-холандското братство, - се вели на крајот од поздравната телеграма на претседателот на Светскиот Македонски. Конгрес, Тодор Петров. Меѓу присутните доминираа младите, а посебно расположение на вечерта предизвикаа македонските народни песни испеани од Холанѓани кои ги негуваат македонските народни песни и ора, култура, обичаи и традиции. Организаторот изрази задоволство од одржувањето на Македонската вечер и најави повеќе проекти за афирмација на македонската култура во Холандија и за унапредување на македонско-холандските билатерални односи. |