|
||||
Ќе ги бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија |
Годишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов Почитувани граѓани на Република Македонија, Почитувани претставници на медиумите, Вообичаено моето годишно обраќање го имам во Собранието, кое сè уште не е конституирано. За да ја исполнам мојата уставна обврска, ќе ја искористам оваа можност за да ве информирам за прашањата од мојата надлежност. За ова обраќање и писмено ќе го известам Собранието. Ги одбројуваме последните денови од 2016 година. Ова беше година на светли јубилеи, кои беа затемнети од големи предизвици и на глобален и на домашен план. Во ова мое обраќање нема да зборувам за заканата од илегална миграција со која успешно се справуваме. Само ќе констатирам дека многу држави во Европа беа благодарни за одговорното однесување на Македонија во справување со илегалната миграција. Похрабрите јавно ни оддадоа признание. Австрија, Полска, Словачка, Словенија, Србија, Унгарија, Хрватска и Чешка дури и распоредија свои полициски сили на нашата јужна граница. Јавно им искажувам благодарност. Нема да зборувам ниту за заканата од насилен екстремизам и ниту за активностите на вратените странски терористички борци, бидејќи сè што имаше да се каже е кажано. Нема потреба да потсетувам дека на надворешно-политички план 2016 година беше најтешка година не само за Македонија, туку и за регионот, Европа и светот. Нема да ве информирам ниту за бројните регионални и глобални форуми на кои ги застапував интересите на Република Македонија. Она за што сакам да зборувам е многу поважно за сите нас денес. А тоа е политичката криза што создаде амбиент на страв и на неизвесност. Како што одминува 2016 година, многу граѓани се прашуваат во каква Македонија ќе се разбудат следната 2017 година. Ќе ве потсетам дека пред четврт век како држава излеговме од еднопартиски монизам и влеговме во повеќепартиски плурализам. Но, се покажа дека, за жал, тоа се сведе на плурализам во сингулар. Наместо да го надминеме, ние како да го мултиплициравме едноумието. Наместо партиските да ги приспособат на државните интереси, некои од партиите ги сведоа државните на своите теснопартиски интереси. Поради ваквиот неодговорен однос на поединци, политичарите, а со тоа и политиката, го загубија доброто име. Се заборави вистината дека, по дефиниција, да се биде политичар значи да се биде пристоен. А пристојноста подразбира трпение за да се сослуша соговорникот. Да се води дијалог и преку дијалог да се доаѓа до решение за сите предизвици во демократијата. Денес, за жал, не можеме да зборуваме за трпение, а уште помалку за пристојност на македонската политичка сцена. Не можеме да зборуваме за пристоен дијалог. Отфрлајќи го трпението, дозволивме нетрпеливоста да завладее со политиката. Преголемата партизација доведе до досега невидена поларизација на Македонија. Личната нетрпеливост меѓу политичките лидери и елити се прелеа на целото македонско општество. Наместо низ широката призма на соживотот и почитта, граѓаните почнаа да се гледаат низ тесната и ограничувачка призма на партиите и идеологиите. Имавме вишок од критицизам и недостиг од самокритичност. Новинарите, бизнисмените, уметниците, спортистите... станаа заложници на политичка криза во која секоја страна ги гледа грешките на противникот, но е слепа за сопствените грешки и пропусти. Воедно, во изминатава година бевме сведоци на една запрепастувачка динамика. Наместо да се натпреваруваат со идеи и со програми, некои политички актери почнаа да се натпреваруваат најпрво со вербални обвинувања, потоа со навреди, па со кривични пријави, за на крај да завршат со недолично однесување. Се натпреваруваа во палење слики и народни канцеларии. Деновиве гледаме дека некои почнаа да лицитираат и со државните интереси. Како дојдовме дотука? На што се должи сево ова? Длабоко сум уверен дека има две причини. Првата е надворешна, а втората внатрешна. Во 2008-та бевме на прагот за членство во НАТО. Во 2009-та ги добивме првиот позитивен извештај и препораката за почеток на преговорите со Европската Унија. Во такви услови, институциите одговорно и забрзано се реформираа, политичарите доброволно и пристојно комуницираа, а граѓаните живееја со очекување дека европската иднина им е на дофат. И токму тогаш, во зенитот на нашите напори, очекувања и оптимизам, ние бевме разочарани. Наместо датум за преговори, бевме блокирани. Наместо членство во НАТО, бевме игнорирани. Наместо да бидеме наградени, ние бевме казнети. Од тогаш до денес, Македонија стана колекционер на позитивни европски извештаи и препораки и акциони планови за членство во НАТО. На почетокот, причината за блокадите беше името на државата и идентитетот на граѓаните. Оваа причина, сама по себе, е апсурдна бидејќи идентитетот на човекот не подлежи на докажување. Идентитетот е аксиома со која се докажува сè друго. А, сепак, ние бевме натерани да го докажуваме недокажливото – нашето право на човечко достоинство. Да докажуваме дека постоиме и дека не сме безимен, едикојси народ. Но, тоа не им беше доволно. Секоја одмината година нè тешеа и ни велеа дека набргу ќе станеме членка. Но, увидовме дека нивното „набргу“ во случајот со Македонија не се мери со календар. Наместо веднаш и неодложно да нè примат под привремената референца, тие неодговорно нè блокираа на неодредено време. Малку ли понижување трпиме со таа некрофилска привремена референца? Ако веќе имаат обврска да ни се обраќаат со таа привремена референца, тогаш, исто така, имаат обврска да ги почитуваат и Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, кои го уредуваат начинот на зачленување на Република Македонија во меѓународните организации под истата таа референца. Не бараме изговори и свесни сме за нашите пропусти. Но, исто така, свесни сме за пропустите и за неисполнетите обврски на НАТО и на Европската Унија кон Република Македонија. Нашите партнери во Брисел зборуваат за владеење на правото во Македонија. Апсолутно се согласувам дека треба уште многу да работиме на ова поле. Но, истовремено ги прашувам – ако ни забележувате за состојбата во судството, тогаш зошто не ни дозволувате да ги отвориме 23. и 24. поглавје за правосудството, основните права, правдата, слободата и безбедноста? Неодговорното однесување на НАТО и на Европската Унија кон Македонија неминовно се одрази на нашата внатрешна политика. Се изгуби реформскиот моментум, се затегнаа односите меѓу политичките партии и се намали трансформирачката моќ на Унијата. Последиците од блокадата станаа причина за нови блокади на Република Македонија. Секој проблем што го игнорирате доволно долго, ќе се јави како симптом што ќе боли. Тука доаѓаме до втората, внатрешна причина за политичката криза. Многупати повторив дека решението на кризата се наоѓа во институциите на државата. Нема вонинституционални решенија за прашања кои можат да се решат единствено по институционален пат. Блокирани на патот кон стратегиските цели, ние влеговме во лавиринтот на кризите. Сакајќи да ја решаваат кризата надвор од институциите на државата, одредени неодговорни лидери почнаа да го заобиколуваат Собранието и да ги занемаруваат неговите контролни механизми. Наместо системски, тие решија да дејствуваат вонсистемски. Со заобиколувањето на институциите, влеговме во стапицата на Пржинскиот договор. Имавме распуштено собрание, техничка влада за спроведување избори и прогласена кризна состојба. Безбедносните институции беа блокирани и парализирани со нарушен систем на команда произлезен од Пржинскиот договор. Постоеше висок ризик да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме како држава. Овие состојби дополнително се комплицираа на почетокот на април 2016-та. Имаше организирана кампања за одложување на изборите закажани во јуни. На нашата јужна граница илјадници мигранти се обидуваа насилно да ја срушат заштитната ограда и повторно да го отворат балканскиот мигрантски коридор кон Европа. Истовремено, на нашата северна граница упаднаа 40 насилни екстремисти и терористи со намера да извршуваат одмазднички терористички акти. Постоеше и сè уште постои висок ризик од заканата од странските терористички борци кои се вратија од боиштата на Блискиот Исток. За сето време, Специјалното јавно обвинителство е селективно и политизирано обвинителство кое наместо инструмент за правда, се сведе на инструмент за уцена на политичките противници. Потпишувајќи го законот за формирање на СЈО, јас не очекував селективност и политизираност во неговата работа. Сето ова што ни се случуваше неминовно водеше кон граѓански конфликт. Во такви сложени услови, како претседател на Република Македонија бев единствената институција со легитимитет и овластувања да носи одлуки. И, наместо да бидам пасивен набљудувач на отворен судир, понудив решение за кризата. Понудив помирување преку помилување на сите кои на еден или друг начин се вклучени во политичката криза. Еден ден, кога ќе бидат декласифицирани сите документи, граѓаните ќе имаат целосен увид во состојбата поради која ја презедов таа мерка. Но, ќе кажам само дека во состојба во која беше доведена во прашање иднината на државата, помилувањето беше единствениот мирен начин да се замрзнат непријателските намери меѓу спротивставените страни и да се избегне анархија. За таа моја одлука претрпев многу критики и обвинувања. Ме обвинуваа дека со одлуката за помилувањата сум ги прекршил Уставот и законите. Но, не само што со одлуката не ги прекршив Уставот и законите, туку ги скршив црните сценарија насочени против Македонија. Ме обвинуваа дека сум го помилувал криминалот во Македонија. Но, помилувањата воопшто не вклучуваа запирање на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот. Ако некој крадел, ќе мора да го врати украденото и да плати за стореното. Владеењето на правото подразбира дека сите луѓе, почнувајќи од мене, независно од нивната етничка, религиска, политичка и социјална припадност, независно дали се на власт или во опозиција, се еднакви пред словото на законот. За такво владеење на правото се залагам. За тоа и го потпишав Законот за формирање на СЈО. Бидејќи, без сузбивање на криминалот и на корупцијата, не можеме да градиме иднина за Република Македонија. Ме обвинуваа дека сум сакал да ги заштитам неодговорните политичари. Но, со помилувањата сакав да постигнам само помирување. Сепак, таквиот начин на решавањето на политичката криза не беше прифатено од дел од јавноста и штом се создадоа законски услови за тоа, ги повлеков дадените помилувања.            Откако ризикот се намали и непосредните закани нè одминаа, лидерите на партиите повторно седнаа и се договорија за предвремени парламентарни избори. Конечно, на 11 декември имавме слободни, фер и демократски избори. На изборите граѓаните си го кажаа своето. Со тоа што го искористија своето демократско право и покажаа највисоко ниво на одговорност, граѓаните придонесоа кон тоа да се види крај на кризата. Граѓаните разбраа дека за да се излезе од кризата не е потребно надгласување, туку усогласување, не е потребно уценување, туку помирување. Со распределбата на своите гласови, граѓаните всушност ги принудија партиите да водат дијалог во институциите, но не по цена на државните интереси. Граѓаните најодговорно си го исполнија својот дел од договорот наречен демократија и за тоа им честитам. Драги сограѓани, Изборите завршија. Заврши и прегласувањето и пребројувањето. Во постизборниот период, сакам да го соопштам мојот став во однос на неколку прашања. Сè уште слушам како одредени лидери на партии јавно лицитираат со унитарниот карактер на државата, со некаква си кантонизација и федерализација, со името на државата и со идентитетот на граѓаните. Тие лицитираат со државните интереси. Ќе ги потсетам дека Македонија во 1991 година се конституира како национална држава на македонскиот народ, во кој се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија. Точно е дека пред 15 години со Охридскиот рамковен договор го дополнивме нашиот инклузивен демократски модел. Отворивме врата за правична застапеност на граѓаните од сите, не само за една заедница. Ќе повторам – сите, а не само една. Мојот став е повеќе од јасен. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде бинационална држава. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде федерална држава. Република Македонија е унитарна држава на сите нејзини рамноправни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи и атеисти. Тоа е она по што сме различни од другите. Слушам дека се бара двојазичност на целата територија на Македонија. Тоа прашање е затворено со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Охридскиот договор, каде се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. Службената употреба на кој било јазик во Република Македонија зависи од статистиката, а единствен начин за добивање реална статистика е пописот. Последниот попис во Македонија беше пред цели 14 години. Тоа е предолг период за која било држава. Без нов попис на населението, не може да се бараат права што зависат од статистиката. Очекувам новата влада што поскоро да спроведе попис за да видиме колку сме, да видиме дали реалноста на теренот соодветствува со тврдењата на некои политичари. Им порачувам дека е неодговорно да се бараат права без да се преземаат обврски, точно онака како што е наведено во амандманот 4 од Уставот на Република Македонија. А обврска и одговорност на секој граѓанин на Македонија, независно од етничката, верската, јазичната и идеолошката припадност, е да се грижи за доброто на оваа наша единствена заедничка татковина – Република Македонија. Недозволиво е некои лидери на парламентарни партии на преговарачка маса да ги ставаат државните интереси на Република Македонија, спротивно на Уставот на Република Македонија. Во името на македонските граѓани, ги предупредувам да внимаваат што прават. Во името на македонските граѓани, им порачувам да не помислат во нивните постизборни комбинаторики да разговараат или да преговараат за државните интереси на Македонија и националните интереси на македонскиот народ. Бидејќи за државните интереси ниту се разговара, ниту се преговара. Никој нема мандат да ја прекројува државата, да го менува нејзиниот идентитет. Никој нема мандат да го продава она за што сонувале и гинеле генерации, а тоа се слободата и независноста на Република Македонија. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде бинационална држава. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде федерална држава. Република Македонија е унитарна држава со мултуетничко, мултирелигиско и мултијазично општество.  Почитувани сограѓани, Денес, кога зад себе ја оставаме годината на четвртвековниот јубилеј од независноста, наместо во посилна и во посплотена, ние живееме во слаба и во раскарана Македонија. Раскарана по секоја можна основа. Сè започна со блокадите, кои создадоа поделби, и поделбите кои родија реваншизам. Нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонскиот судир. Секогаш кога сме биле поделени, други нè окупирале, раселувале, преименувале и однародувале. Затоа, го повикувам лидерството на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да смогнат сила за да си простат, да се помират и конечно да се сплотат околу националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Република Македонија. Ако навистина ја сакаат оваа држава и ако навистина се грижат за македонскиот народ, ги повикувам да ја почитуваат волјата на граѓаните бидејќи во омразата никој нема ниту иднина, ниту надеж. Ги повикувам на национално помирување. Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни и подготвени за сите можни предизвици на нашето време. Затоа, очекувам од новата влада во својата програма да има два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија. Овие приоритети се неопходни, пред сè, поради бројните закани со кои се соочуваме и поради внатрешните слабости кои ги имаме. Последиците од конфликтите во регионот на Северна Африка и на Блискиот Исток, илегалната миграција, активностите на странските терористички борци и на нивните поддржувачи, транснационалните криминални мрежи, насилниот екстремизам, радикализам и интересите на разни центри на моќ, влијаат врз поларизација на македонското општество. Тие можат да предизвикаат идни внатреетнички, меѓуетнички и меѓурелигиски тензии во Македонија. Постои навистина висок ризик за внатрешната безбедност од надворешните закани со кои се соочуваме. Не само ние, туку и целиот наш регион, цела Европа. Поради ваквиот сооднос меѓу надворешните закани и внатрешните слабости, неопходни се таквите системски реформи. Разузнавањето, Армијата на Република Македонија, граничната полиција, службите за спроведување на законите и Обвинителството мора да се трансформираат за да ја заштитат националната безбедност на државата, во согласност со промените на предизвиците и заканите со кои се соочуваме. Веќе 15 месеци сме во прогласена кризна состојба за заканата од илегалната миграција. Таа кризна состојба ќе продолжи и понатаму. Затоа, не смееме да дозволиме по изборите политичката криза да прерасне во институционална криза.  Драги сограѓани, Најголемиот предизвик за нас не е да знаеме која е нашата цел и каде сакаме да одиме. Тоа го знаеме од почетокот на независноста, а тоа е европска и евроатлантска Република Македонија. Најголемиот предизвик е да знаеме што сме подготвени да оставиме зад нас за да стигнеме таму каде што сакаме. Длабоко верувам дека две нешта нè влечат назад. Првото нешто се поделбите, како последици од блокадите. Второто нешто е реваншизмот како последица од поделбите. Ве повикувам зад нас да ги оставиме и поделбите и реваншизмот. Знам дека по сето она што се кажа и што се направи досега, ова е многу тешка одлука, затоа што треба да си простиме за некои многу тешки зборови, навреди, клевети и дела. Треба да си ги признаеме и сопствените грешки и пропусти. Ова е тешка одлука бидејќи бара понизност, што е одлика само на големи, доблесни и одговорни луѓе. Без таква одлука со која конечно ќе се одречеме од поделбите и реваншизмот, ние не можеме да се надеваме на просперитет и на успех. Затоа, ве повикувам да престанеме со реториката на патриоти и предавници. Да престанеме бидејќи со секој збор и навреда ја продлабочуваме поделбата во нашето општество. Со секој збор и навреда, на нашите потомци во наследство им оставаме само кавги и поделби. Да престанат и нападите кон дипломатските претставници. Да престанеме секогаш вината да ја бараме кај другите. Одредени политички лидери да престанат да се повикуваат и да ги злоупотребуваат имињата на амбасадорите во Република Македонија за да остваруваат свои цели. Истовремено, го повторувам и повикот дипломатските претставници во вршењето на своите надлежности да внимаваат на нивните постапки и реторика и да се придржуваат до Виенските конвенции. Но, за да го направиме тој чекор за помирување, неопходна е одговорност. „Одговорноста го воспоставува идентитетот, но ние не сме одговорни поради нашиот идентитет; наместо тоа ние имаме идентитет затоа што сме одговорни,“ рече Вацлав Хавел. Одговорноста е темел на довербата меѓу луѓето и институциите, бидејќи секој кој носи одлуки мора да преземе лична одговорност за своите чекори. Таму каде што има лична одговорност има и предвидливост, структура, потенцијал за раст. Само одговорноста создава услови за безбедност, стабилност и напредок. Одговорноста, пак, не лебди во воздух. Таа мора да биде дел од политичката култура. Секој народ, секоја држава, секоја институција има своја култура на функционирање. Културата може да се сведе на она што, по некоја случајност и без длабоко размислување е спонтано создадено, или на она што внимателно е осмислено и создадено. И додека првото е спонтано, но и подложно на разно-разни влијанија, второто е смислено и отпорно на штетни влијанија. Политичката криза покажа дека, за жал, во Македонија доминира културата на неодговорност. Точно е дека разликата меѓу големите и малите држави се состои во тоа што големите држави сами си ги решаваат проблемите. Но, големината на една држава се состои и во силните институции коишто одговорно си ги извршуваат своите надлежности. А одговорни институции се невозможни без одговорни поединци бидејќи само одговорни поединци создаваат одговорни институции. Кога на институциите им е дозволено да си ја работат својата работа, тие функционираат професионално и даваат решенија за предизвиците со кои се соочуваме. Сетете се на професионализмот на безбедносните институции во менаџирањето со мигрантската криза. Сетете се на нашата армија, полиција, на безбедносните сили кои професионално и одговорно ги чуваат не само нашите граници, туку и границите на Европа. Сетете се на нашата армија која секогаш и секаде им помагала на граѓаните во справувањето со елементарните непогоди и катастрофи. За сè што направи, македонската армија заслужува почит, благодарност и признание. Но, исто така, важи и спротивното. Кога институциите се заобиколувани, блокирани и парализирани, наместо да се дел од решението, тие стануваат дел од проблемот. Се надевам дека лидерите конечно ја научија лекцијата – дека не треба да се бараат решенија надвор од институциите на државата. Затоа, повикувам, по којзнае кој пат да им ја вратиме моќта на институциите. Денес мора да бидеме одговорни, за утре да можеме да бидеме отчетни. Почитувани сограѓани, Не случајно во моево обраќање постојано зборувам за одговорност наспроти неодговорност. Бидејќи цврсто верувам дека, повеќе од кога и да било порано, иднината на Македонија зависи само од еден збор – одговорност. И тоа не општа и безлична, туку конкретна и лична одговорност. Оставајќи го зад себе 25-годишниот јубилеј од независноста на Република Македонија, ги повикувам 6-те лидери на парламентарните партии да покажат одговорност и да ја обноват посветеноста за европска и за евроатлантска Македонија. Ги повикувам што поскоро да потпишат обврзувачка декларација за посветеност на европската и евроатлантската агенда. Ги повикувам да се обврзат дека сите закони и решенија од европската агенда ќе имаат приоритет, се додека довербата на граѓаните во Европската Унија и НАТО е толку висока. Но, истовремено, ја повикувам Европската Унија да престане да ја блокира нашата иднина. Блокадата не е ништо друго освен казна за македонските граѓани. Со блокирањето на преговорите се блокира можноста за градење одговорни, европски институции во Република Македонија. Со блокадите, нам ни се ускратува правото на просперитет. Повторувам, со блокадите ни се ускратува правото на просперитет. Затоа, време е за поголема одговорност на Унијата кон Македонија. Драги сограѓани, Најсветли моменти во историјата на човештвото се моментите кога луѓето храбро и одговорно чекорат кон решавање на предизвиците. Иднината на Македонија не зависи само од нашите желби, проекции, планови и програми, туку и од нашите конкретни чекори. Што ќе направиме сега ќе влијае не само на нашето утре, туку и на илјадници утра на идните генерации. Вие, граѓаните на Македонија, на својот грб ги почувствувавте меѓупартиските препукувања. Се изнагледавте сцени кои не и прилегаат на држава со 25-годишно демократско искуство. Се изнаслушавте отровна реторика. Бевте сведоци на обиди за делегитимизација на државните институции преку решавање на проблемите во амбасадите на странските држави. Вие, граѓаните на Македонија ја видовте опасноста од поделбите и од провалијата на реваншизмот, што ги доведува во прашање дури и државните интереси. Затоа, додека не е доцна, повикувам на простување, помирување и сплотување околу државните интереси. Повикувам, конечно, одлуките за Македонија да ги носиме во институциите што сами ги создадовме, преку претставниците што сами ги избравме. Повикувам на одговорно однесување. А одговорноста се гради преку јавност и транспарентност. Граѓаните треба да бидат врвниот контролор на одговорноста на лидерите, политичарите, институциите. Бидејќи сите постојат заради граѓаните. Само така ќе ја градиме Република Македонија како држава во која наместо поединци ќе владее правото, во која ќе се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и рамноправноста. Држава што ќе обезбеди мир и соживот меѓу своите граѓани, независно од етничката, верската и јазичната припадност. Држава што ќе обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот. Како претседател на Република Македонија и како врховен командант на вооружените сили се повикувам на мојата одговорност дека ќе го правам она за што положив свечена заклетва. Ќе ги бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија од внатрешните и надворешните предизвици, закани и ризици. Ќе ги бранам Уставот и уставниот поредок на Република Македонија. И не помислувам да отстапам од тоа. Ви благодарам. |