|
||||
Поразениот се обидува да ја погази волјата на мнозинството |
Колумнист: Никола Србов 1991 година во 2016 година: Поразениот се обидува да ја погази волјата на мнозинствотоПоидентично не може да биде. Ни ја пресликаа 1991 година и воопшто не ги засега што државата ја водат кон амбис. Факт, историјата не се повторува, неа ја повторуваат тие што не ја научиле. По прегласувањето во Теарце и потврдата на пратеничките мандати влегуваме во фаза на составување на идната влада, во таа фаза нè чека сликата од 1991/92 година,сега треба да се преслушаме што сме научиле.Не спаѓам во тие паметните аналитичари што од прва кажуваат каква иднина нè очекува, или од тие што имаат некаква информација, се разбира, „доверлива“, едноставно, ќе ги изнесам фактите и како можеме да се извлечеме здрави и живи од тоа што ни е сервирано. На првите парламентарни избори во Република Македонија, кои се одржаа на 11 ноември 1990 година, победата ја однесе ВМРО-ДПМНЕ, која освои мнозинство во парламентот со 38 пратеници, наспроти 31 пратеник освоен од страна на СДСМ, тогаш сè уште СКМ ПДП и 17 пратеници на албанската ПДП. Тоа беше најшарениот парламентарен состав и за да се состави влада беше потребно големо искуство во политиката, тука комунистите беа во предност тој период. Проблемот во составувањето на оваа влада произлезе уште за време на предизборната кампања, во предизборието СКМ ПДП се обиде да го пресече полетот на ВМРО-ДПМНЕ што, пак, ќе значеше крај на владеењето на дотогашните кадри. Ѝ беше подметнат радикален антиалбанизам што, пак, историски се негира со вредностите и со принципите на ВМРО, која никогаш не била антиалбанска. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се оградуваше од антиалбанизмот, кој се влеваше во партијата, но неискуството го направи своето, во голем дел од партијата се рашири ваквото расположение, кое, пак, беше поттикнувано од политиката на Милошевиќ во Косово. Секој што ја познава барем малку политиката знае дека ВМРО и Милошевиќ се два различни света, но тој што подобро навлегол во суштината на проблемот од тој период, знае дека токму кадрите на Милошевиќ ја определија ВМРО-ДПМНЕ да биде антиалбанската партија во Р. Македонија. Влевањето на силниот антиалбанизам доведе до неможност да се направи коалиција со ПДП и ВМРО-ДПМНЕ да ја состави владата. Поразената, но поискусна, СКМ ПДП искористувајќи го моментот притискаше да се состави експертска влада. На 20 март 1991 година беше избрана експертската влада. На ВМРО-ДПМНЕ ѝ беше одземена можноста како победник на изборите да состави влада. Поразениот ги диктираше условите. Кога имате експертска влада, или широка коалиција, опасноста да ве отстранат од власт е најголема, едноставно, ќе ве надгласаат. Тоа и се случи, на 17 август 1992 година, во Собранието беше изгласана недоверба на експертската влада. Новата влада ја состави Бранко Црвенковски, на тој начин во Р. Македонија на власт стапи поразениот од парламентарните избори. Сето ова се случуваше додека во другите републики од Југославија беснееја најжестоките војни на европска територија по Втората светска војна. Во таква констелација, со војна во соседството, Република Грција многу лесно, под закана за воен конфликт, влезе во дипломатска офанзива против Република Македонија. Владата составена од поразениот СДСМ ги прифаќаше сите услови поставени од страна на Р. Грција. Во исто време, Џорџ Сорос почна да навлегува во Македонија, многу едноставно, ни порача, сонце или лав не доаѓа предвид, даде нешто ситно пари и се инсталираше Фондацијата Отворено општество. Грешките на ВМРО-ДПМНЕ се редеа еднаподруга, во 1994 година партијата реши да ги бојкотира парламентарните избори и на тој начин згасна и тој мал дел плурализам и демократија во македонското општество. Во 1994 година СДСМ сам состави и влада и опозиција, си исценира опозиција. Веднаш следуваше промена на државното знаме, потпишување на привремената спогодба со Грција во која се откажавме од сè што е македонско, и кругот се затвори со криминалната транзиција. Македонецот остана и обезличен и гладен. Во ВМРО-ДПМНЕ во 1996/97 година почнаа да влегуваат нови интелектуални сили, кои знаеја што значи политика и играње во политички води. На парламентарните избори во 1998 година ВМРО-ДПМНЕ повторно ја однесе победата, но овој пат, за разлика од 1990 година, изигра мудро и направи влада коалицирајќи со албанска партија. За македонското општество 1998 година е клучна, тогаш се прекрши полувековното владеење на една партија. Веднаш по составувањето на новата влада, ВМРО-ДПМНЕ ги ослободи сите политички затвореници Албанци, кои претходно СДСМ ги затвори поради политичко дејствување. Во 2000 година ВМРО-ДПМНЕ, по промената на Павле Трајанов од позицијата министер во МВР, ги дерегистрираше сите десничари што биле следени од тајната полиција. Албанците почнаа да ги остваруваат своите права и во законски запишани норми, економијата растеше, државата, конечно, зачекори напред и тогаш почна војната во 2001 година. Сето ова го нафрлив за да ја имаме големата слика бидејќи денеска Република Македонија е во иста ситуација како по првите парламентарни избори од 1990 година. ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу пратенички места и најмногу гласови на парламентарните избори, но победата на ВМРО-ДПМНЕ е оспорувана од поразениот СДСМ, кој се заканува со составување влада. За да биде идентична ситуацијата, денеска на граница немаме војна како во почетокот на 90-тите години, но затоа имаме емигранти од Блискиот Исток, што значи границата и денес, исто како и тогаш, ни е под директна закана. Исто како на почетокот на 90-тите години, спорот со Грција сѐ уште го имаме на маса, а СДСМ се нуди за негово брзо решавање. Исто како и тогаш, така и денес, повторно Сорос дејствува во македонското општество, тогашното укорување за сонцето и за лавот денеска го надградува со уривање на суверенитетот на државата. Исто како и тогаш, така и денес, во редовите на СДСМ се вклучени кадри од некогашната Служба за државна безбедност. Исто како и тогаш, денес на ВМРО-ДПМНЕ ѝ се лепи антиалбанска етикета, додека партијата што ликвидираше најмногу Албанци денеска нуди пакет за проширување на Рамковниот договор. Старите комунисти ја усовршија тактиката, според која: ако си за зачувување на целовитоста на државата и на нејзиниот суверенитет, тогаш ти си шовинист и антиалбански настроен. Денеска СДСМ на чело со Зоран Заев, исто како неговиот претходник Бранко Црвенковски во 1991 година, се залага за составување широка влада. Погоре споменав што значи широка влада и какви опасности носи, па да не повторувам. Но, колку и да се обидува СДСМ да ја врати Македонија во мрачните времиња од блиското минато, денеска ВМРО-ДПМНЕ е со многу поголемо искуство и знаење. ВМРО-ДПМНЕ мора да има на ум дека широка влада може да доведе до надгласување и исфрлање од власт, а што би донело тоа можеме да видиме од минатото. За вие, како поразен, да можете да опстанете на власт, ќе мора да се согласите со сè што ќе ви биде ставено на маса. Во интерес на државата е ВМРО-ДПМНЕ да состави влада со ДУИ, да следува период на стабилизација бидејќи нè чекаат локални избори и емигранти на граница. Локалните избори и притисокот на границата можат да доведат до големи турбуленции од кои ќе трпи државата, затоа е потребна влада. Во Р. Македонија се воспостави некое непишано правило дека победничката партија од македонскиот блок и победничката партија од албанскиот блок треба да составуваат влада. Доколку ДУИ го прекрши ова правило, целиот албански електорат ќе треба да биде свесен дека на идните избори, кога ВМРО-ДПМНЕ ќе освои повеќе од 61 пратеник, ќе може сама да состави влада. Во моменти кога е загрозена државата не смее да има компромиси. Превземено од: Република |