|
||||
Обичаи за Водици во Зубовце под Шара и како младите го чуствуваат Зубовце |
Во Јордање крештајусја Тебја Господи, Троическое јависја Поклонение. Со оваа песна се буди Зубовце и Зубовчани на ден Водици. Традиција создавана со генерации и прифатена од генерации. Овој ден е познат во с.Зубовце како ден кога се прима крстот. Кумството и Водичарските обичаи во Зубовце започнуваат со сучењето на врвкита во куќа што го има крстот- стари кумови, инаку врвката се суче најчесто на Василица. Во овој обред учествуваат сите жени и девојки од маалото на крстот. Со сучената врвка се врзува крстот, со толку китчиња босилек колку што има куќи во маалото. На 18 јануари Водопост, кумот што го предава и кумот што го наследува крстот, котлето со крстот и босилекот со врвките кои претходно се сучени го носат во црквата Света Огнена Марија. Во Зубовце секоја година (10 групи) се осветуват 10 крста и со осветените крстови, најнапред одат во куќите што го даваат и земаат крстот, потоа во останатите куќи во кругот на нивниот крст. По традиција во секоја куќа најпрвин кумовите се послужуваат со топла зубовска ракија, а потоа и со веќе познатото јадење за водици: Посен грав, туршија , тазе месена погача од куќата, ореви, јаболка, црвено вино и на крај кафе. Кумовите со осветената вода од котлето ги рисаат (прскаат) членовите на семејството и собите со една цел-да биде куќата среќна и весела, годината родна, и им посакуваат долг живот. Истиот ден после пладне жените се собираат во селската црква, каде што новите и старите кумови даруваат варена пченица, лепчиња и греана ракија. На 19 јануари...Водици...ден кој сите го чекаат со возбуда...ден кој стариот кум го носи котлето заедно со крстот во црквата Света Огнена Марија. Крстовите се одврзуваат од страна на свештено лице и се предаваат на новите кумови. Новите кумови излегуваат од црква со крстот завиен во пешкир и ставен врз глава, првите неколку чекори од влезот на црквата кои ќе ги зачекорат ги двои од полевањето со околу 100 литри студена вода на еден кум, од страна на група млади зубовчани. Така покиснати со вода до кожа, новите кумови ги носат крстовите во својата куќа. Доаѓањето на крстот дома се пречекува свечено и многу радосно. Сите членови на семејството го бакнуваат крстот. Крстот кај новиот кум останува дома се до идните водици. Подоцна, сите жители од малото се собираат на одредено место во маалото, да го прослават кумството. На отворено небо се поставува маса каде што стариот и новиот кум организираат заедничко славење со зубоски колбаси, топла ракила, пивтија, сирење, каскавал, туршија и др. Овој древен и драг обичај на вакво оргнизирање прослава на маалското кумство единствен е во целиот регион. Вечерта на Водици старите кумови ја организираат таканаречената Зубовска Кума вечера. На Кума вечера (кумова вечера) присуствуват само оние кои што се во кругот на крстот. Кумавечера секогаш поминувала и поминува во топла, ведра и срдечна атмосфера. Времето не е ограничено до кога треба да се седи, се седи дури и до утринските часови. Нешто за Зубовце под шара, Ако те нанесе патот накај Гостивар убаво види и разгледај,само едно не заборавај, дојди да го посетиш местото каде што небото се смее, сонцето вечно грее, каде што птиците без престан пеат, и лица волшебни се смеат, каде има срца храбри лавовски, и души отворени... Зубовце, село-сместено во подножјето на Шар Планина, стара селска населба која се споменува уште во 16 век. Село кое не го остава човека рамнодушен, село со исконска убавина. Првобитната локација на Зубовце се наоѓала на три километри источно од сегашната локација, во месноста наречена Пилигринци. Зубовчани, кои се вреден и трудољубив народ, успеале да опстојат во многу тешки времиња, успеале да го зачуваат своето село и својот идентитет, што е доказ на нивната цврста волја дека вреди да се бориш за она што вреди да го имаш, и докажале дека се горди на себе и задоволни, бидејќи, најважно од се е човек да знае да биде задоволен со себе и со она што го има. Печалбарството, оставило длабоки траги врз севкупното живеење на селото уште во далечното минато, ”Каде и да одиш,дома да се вратиш”- реченица која била често пати споменувана од страна на зубовчани. Доколку не можеле да дојдат дома, тие наоѓале начин редовно да ги одржуваат врските со своите семејства. Дури и да останеле таму, во туѓина, Зубовце не умирало за нив, останувало вечно запаметено во нивните срца. На зубовчани секогаш на ум им се аманетите што им ги оставиле нивните предци, да ги негуваат традициите и обичаите. Празниците отсекогаш биле израз на нивната искрена дружба, свадбите се вистински фолклорен мозаик, носиите, огледало на стројноста, на убавината... И, сите заедно: симбол на традицијата и продлабочен корен на опстојувањето во бурните историски ветрометија. Зубовце денес е современо село, со идеална местоположба и поставеност на куќите во простор и со воспоставен современ начин на живеење. Денес, со својата изворност, интересот го привлекуваат повеќе стари градби кои ги зачувале белезите на старата македонска архитектура. Овие куќи, со своите автентични фасадни решенија, со чардаци, со големи гостински одаи и слично, нагласено доминираат во просторот пркосејќи му на едно време што полека, но сигурно, одминува но останува запаметено. Спојот на старото со новото му дава посебна убавина и привлечност. Да, го сакам, го сакам моето село -како рибата водата, како птицата слободата, како мајката детето...го сакам моето родно место, затоа што ниту еден човек нема две родни места. Во моево срце има простор за цела една мала љубовна бесконечност наречена ЗУБОВЦЕ !!! Витко Огњаноски - Зубовце |