Среда, 08 Февруари 2017    PDF Печати Е-пошта
ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКАТА ОПРЕДЕЛУВА САМО ЕДЕН МАНДАТАР

todor-petrov

ИНТЕРВЈУ СО ТОДОР ПЕТРОВ, НЕЗАВИСЕН ПРАТЕНИК ВО УСТАВОТВОРНОТО СОБРАНИЕ 1990-1994 ГОДИНА

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКАТА ОПРЕДЕЛУВА САМО ЕДЕН МАНДАТАР, СЕ ОСТАНАТО Е САМОВЛАСТИЕ И ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНАТА ДОЛЖНОСТ!

Прашање: Господине Петров, бевте пратеник во уставотворното собрание на Македонија 1990-1994 и прилично активен во донесувањето на Уставот на Македонија. Имавте амандмани на речиси секој член на Уставот донесен на 17 ноември 1991 година!

Тодор ПЕТРОВ: Бев независен пратеник во првото повеќепартиско Собрание од 1991 до 1994 година. Активно учествував во донесувањето на Уставот на Република Македонија. Не верувам дека има закон од тој мандат во којшто нема вградено амандмани од независниот пратеник Тодор Петров.

Прашање: Како ја коментирате постапката во тек, за избор на Влада после последните вонредни парламентарни избори од минатата година?

Тодор ПЕТРОВ: Изборот на Владата е уреден со членот 90 од Уставот, којшто веќе сите го научивме на памет, но различно го читаме, кому како одговара. Во Македонскиот јазик има едно едноставно правило: Пишувај како што слушаш, читај како што пишува. А членот 90, да повториме, гласи: “Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“

Прашање: Што се подразбира под конституирање на Собранието? Дали Собранието е конституирано, имајќи предвид дека претседател на Собранието се’ уште не е избран?

Тодор ПЕТРОВ: Собранието се конституира со верификацијата на мандатот на пратениците! За актуелниот состав, конституирањето се изврши на 30 декември 2016 година со верификацијата на мандатот на пратениците. Тука нема никакви дилеми. Друго е прашањето што не е избран претседател на Собранието. Најчесто, како непишано правило, изборот на претседателот на Собранието оди во пакет со изборот на Влада, поради парламентарното мнозинство. Но, конституирањето на Собранието претходи пред изборот на претседател на Собранието!

Прашање: Која е улогата на Претседателот на Републиката во постапката за избор на Влада?

Тодор ПЕТРОВ: Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. По изборите од 11 и 25 декември 2016 година, повторувам, новоизбраното Собрание се конституира на 30 декември 2016 година. Во рок од 10 дена, на 9 јануари 2017 година, претседателот на Републиката го додели мандатот за состав на Влада на Никола Груевски, како кандидат на партија, односно партии што имаат мнозинство во Собранието.

Прашање: Дали претседателот го прекрши членот 90 затоа што го даде мандатот за состав на Влада на кандидат од партија која нема 61 пратеници во Собранието, бидејќи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има само 51 пратеници?

Тодор ПЕТРОВ: Претседателот на Републиката не го доверува мандатот за состав на Влада на партија, односно партии што има односно имаат “мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“ (61), туку на “партија, односно партии што имаат мнозинство во Собранието“, а мнозинство (најголем број на пратеници од останатите партии) во Собранието има коалицијата ВМРО-ДПМНЕ (51).

Прашање: Зошто претседателот на Републиката во претходни консултации не утврди дали мандатарот има мнозинство од вкупниот број пратеници?

Тодор ПЕТРОВ: Претседателот на Републиката по Устав не е должен да врши претходни консултации со цел да утврди мандатар кој има мнозинство од вкупниот број пратеници, како гаранција дека ќе биде избрана Влада, бидејќи тој не избира Влада, туку само доверува мандат за состав на Влада. Дали Владата ќе биде избрана по предлог на мандатарот, решава само Собранието. Неприфатливи се било какви гаранции дека некој може во претходни консултации да потврди парламентарно мнозинство за избор на Влада, затоа што парламентарното мнозинство се дефинира кога пратениците ќе гласаат за изборот на Влада. Уставот не прејудицира одлука на Собранието, ниту некој претходно може да му даде гаранција на Претседателот на Републиката за парламентарно мнозинство, за тој да довери мандат за состав на Влада. Претседателот не е банка да издава или да прима банкарска гаранција. Пратениците може едно да велат или ветат пред гласање, а друго да гласаат кога ќе се гласа. Гласањето не се прејудицира, гласовите се бројат кога се гласа! На предлог на пратеник Собанието може да одлучи Влада да се избере и со тајно гласање, на тајното гласање резултатот може да биде различен од јавното гласање или јавно дадените ветувања, макар и со потпис на хартија. Не постои уставна обврска за претседателот на Републиката да врши претходно консултирање, ниту претседателот на Републиката самиот може да си определи такво овластување кое во Уставот не постои!

Прашање: Никола Груевски во рок од 20 дена не состави парламентарно мнозинство за избор на Влада и го врати мандатот?!

Тодор ПЕТРОВ: Мандатарот не го “враќа“ мандатот за состав на Влада, тоа не е уставна обврска, ниту пак ако не го “врати“ тоа нешто значи. Ако во рок од 20 дена од доверувањето на мандатот не состави Влада, односно не достави предлог до Собранието, се смета дека мандатарот не составил Влада и со тоа постапата за избор на Владата завршува, односно овластувањата на мандатарот завршуваат! Според членот 90 од Уставот “Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.“ Во случајов, заклучно со 29 јануари 2017 година, мандатарот Никола Груевски не состави Влада. Ирелевантни се причините. Имено, на 29 јануари 2017 година пред полноќ, од седиштето на ДУИ во Мала Речица изјавија дека не е донесена одлука за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што крајниот рок за формирање на Влада истекува на полноќ, како што во ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека не успеале да постигнат договор со ДУИ за состав на новата влада и дека одржувањето на нови избори е зрело решение во функција на надминување на кризата. Со тоа завршуваат правата на мандатарот за состав на Влада.

Прашање: Што понатаму, откога мандатарот нема да состави Влада во рок од 20 дена откако ќе му биде доверен мандатот?

Тодор ПЕТРОВ: Членот 90 има почеток, но нема крај. А крајот, како што е напишан, гласи: Ако мандатарот не состави Влада, решението е нови избори! Членот 90 од Уставот, така како што е напишан, се исполнува еднократно! Претседателот на Републиката го дава мандатот за состав на Влада на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието и тој тоа го стори. Претседателот нема уставно овластување да дава мандат за состав на Влада на друг мандатар или на истиот мандатар! Роковите во членот 90 се прецизни и еднократни! Во Уставот никаде не пишува “Доколку мандатарот не состави Влада во рокот од дваесет дена, во наредните 10 дена, Претседателот на Републиката го дава мандатот за состав на Влада на кандидатот на наредната партија, односно партии што имаат најголем број пратеници во Собранието, кој во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.“ По словото на Уставот, обврската на претседателот на Републиката за доверување мандат за состав на Влада се исполнува еднократно, роковите се прецизни. Мандатарот не составил Влада и со тоа членот 90 од Уставот е исцрпен!

Прашање: И сега?

Тодор ПЕТРОВ: Кога го носевме Уставот во 1991 година, како независен пратеник предложив амандман “Доколку Собранието во рок од три месеци од конституирањето не избере Влада или најмногу за три месеци од први јануари не донесе буџет за тековната година, по сила на Уставот се распушта и претседателот на Собранието распишува нови избори за пратеници.“ Тогаш Собранието не го усвои мојот амандман, ама еве сега сме пред уставна криза поради таа празнина. Претседателот на Републиката нема право да си пропишува повеќе права од тоа што е напишано во Уставот.

Прашање: А, тоа што покојниот претседател Киро Глигоров даде мандат по втор и по трет пат?

Тодор ПЕТРОВ: Воопшто не е важно како постапил било кој друг претседател, пред претседателот Ѓорѓи Иванов. Претходното прекршување на Уставот не може да биде поука за исто прекршување во иднина како реприза. Ниту може да се повикуваме на практики во други држави. Нашиот Устав пропишал претседателот да довери мандат само еднаш и тоа е крај на приказната! Проширувањето на овластувања спротивно на Уставот е кршење на Уставот! Ниту Претседателот, ниту Владата, ниту Собранието немаат мандат надвор од со Устав пропишаните процедури, дејствија и одредби, да ги менуваат или дополнуват. Си постои процедура за изменување и дополнување на Уставот! Некој требал на време да мисли за елиминирање на вакви дупки во Уставот, не да мисли што и како, откога настанал проблемот!

Прашање: Значи?

Тоор ПЕТРОВ: За жал, во Уставот не е пропишано распуштање на Собранието по сила на Уставот. По Уставот на Република Македонија, одлуката за распуштање на Собранието се донесува само со мнозинство од вкупниот број пратеници. Тие треба да донесат одлука за распуштање но, само ако сакаат. Во случајов, пак, бидејќи нема претседател на Собранието кој, доколку би била донесена одлука за распуштање, го носи решението за распишување на вонредни избори, најупатно е Собранието да ги избере барем тројцата потпретседатели, по правило тоа се кандидати од пратеничките групи со најголем број пратеници, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, за да може еден од потпретседателите, првиот меѓу тројцата со најголема пратеничка група, да го потпише решението за распишување на вонредните избори, откако Собранието ќе се распушти.

Прашање: Сметате дека Претседателот на Републиката не смее да определи втор мандатар?

Тодор ПЕТРОВ: По словото на Уставот, односно членот 90, Претседателот на Републиката мандат за состав на Влада дава само еднаш! По членот 90, претседателот на Републиката нема овластување, не е должен да довери друг мандат за состав на Влада! Што ако и вториот мандатар не состави Влада, и да постои таква уставна можност? Мандатот за состав на Влада ќе се шета од партија до партија, во реденка без крај? Затоа и реков, кога би постоел рок во кој, ако Собранието не избере Влада, по сила на Уставот се распушта, многу лесно ќе се надмине неизборот на Влада, со одржување на нови парламентарни избори!

Прашање: Но, и покрај тоа што Вие го велите, претседателот изврши дополнителни консултации и ги упати лидерите на парламетнарните партии дека ќе го даде мандатот за состав на Влада на тој што ќе документира поддршка од најмалку 61 пратеници во Собранието, дури определи два услова за програмата на мандатарот?

Тодор ПЕТРОВ: Претседателот на Републиката ги пречекори своите овластувања по членот 90 од Уставот. Тој не смееше да довери втор мандат, бидејќи тоа право го нема! Едноставно, не може самиот да си го препише!

Прашање: Што ако претседателот на Републиката не го довери мандатот на кандидат од партија односно партии што обезбедиле документирана поддршка од најмалку 61 пратеници?

Тодор ПЕТРОВ: Претседателот на Републиката освен еден мандатар, нема уставни овластувања да определи втор мандатар! Ниту пак Собранието може да избира Влада макар и со формирано парламентарно мнозинство без мандатар со доверен мандат од Претседателот на Републиката, затоа што изборот на Влада пратениците го вршат врз основа на предлог на мандатар, определен од претседателот на Републиката! Апсолутно е неуставно пратениците сами да се состанат и изберат Влада, ако не постои мандатар кој го предлага составот на Владата, со доверен мандат од претседателот на Републиката.

Прашање: Некои експерти велат дека ако Претседателот на Републиката на го довери мандатот поради било кои причини, пратениците со парламентарното мнозинство можат сами да се состанат и да избераат Влада? Вашиот коментар?

Тодор ПЕТРОВ: Пратениците со парламентарно мнозинство не можат самите да се состанат и да изберат Влада, бидејќи тоа по Устав не е дозволено, е неуставно! Некој “експерти“ велат, изборот на Владата е дејствие кое не подлежи на оценка на уставноста, може пратениците сами да се состанат, да изберат Влада со мнозинство од вкупниот број пратеници и воопшто не е важно дали претседателот определил мандатар. Кој и да го оспори тоа процесно дејство пред Уставниот суд, Уставниот суд ќе се огласи за ненадлежен, затоа што процесно дејство не е општ пропис или закон. Уставниот суд, во согласност со актуелниот Устав, нема надлежност да оценува согласност на процедурални дејствија со пропишаното во Уставот (а тоа е системска маана). Се разбира, доколку мнозинството пратеници изберат Влада без мандатар определен од претседателот на Републиката, вршат кривично дело самовластие и злоупотреба на службената должност! Тоа е веќе суспензија на Уставот и своевиден мек државен удар, бидејќи се суспендира претседателот на Републиката како институција!

Прашање: Кое е според Вас решението за излез од оваа условна уставна криза?

Тодор ПЕТРОВ: Парламентот да се распушти и да се одржат нови парламентарни избори. Или Собранието да интервенира со уставен амандман на членот 90 од Уставот кој би гласел:

“Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат најголем број пратеници во Собранието. Во случај на еднаков број пратеници, мандатот се доверува на партијата, односно партиите со најголем број гласови на изборите, а при еднаков број гласови на изборите, решава претседателот на Република Македонија.

Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Доколку мандатарот не состави Влада во рокот од 20 дена, во рок од десет дена, Претседателот на Републиката го дава мандатот за состав на Влада на кандидатот на наредната партија, односно партиите што имаат најголем број пратеници во Собранието.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Доколку Собранието во рок од три месеци од конституирањето не избере Влада или најмногу за три месеци од први јануари не донесе буџет за тековната година, по сила на Уставот се распушта и претседателот на Собранието распишува нови избори за пратеници.“

И изборот на Владата спротивно на членот 90 од Уставот е кривично дело самовластие и злоупотреба на службената должност! Тоа е суспензија на Уставот и своевиден мек државен удар, бидејќи се суспендира претседателот на Републиката како институција!

Прашање: Зарем не е можно Собранието да ја надмине кризата со техничка влада или влада на широка коалиција со учество на сите партии со пратеници во Собранието?

Тодор ПЕТРОВ: Никако! Собранието на познава институт “техничка влада“ или “Влада на широка коалиција“, откако мандатарот не составил Влада! Тоа е суспензија на уставната процедура за избор на Влада со парламентарно мнозинство и владина опозиција!

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.