|
||||
3.000 долари од фондацијата „Браќа Џидрови“за три најбројни македонски семејства |
На 17 февруари оваа година, Фондацијата „Браќа Џидрови“ која е посветена на трите браќа Димитар, Стево и Харила од село Загоричани, Костурско,кои своите животи ги дадоја за Егејска Македонија и беа жртви во Граѓанската војна во Грција, ја одбележа својата втора година од постоењето. Основач на Фондацијата е нивниот брат, д-р Лефтер Џидров-Манче од Отава, Канада, кој е светски естетски хирург и еден од најистакнатите донатори во македонската дијаспора и вљубеник во Македонија, чиј добротворни дела се познати меѓу Македонците во сите делови на Македонија и во дијаспората. Фондацијата ја продолжи својата дејност на денот на одржувањето на „Гоце фест“ во Домот на АРМ во Скопје. На тој свечен ден на народниот мелос на Република Македонија беа доделени три илјади канадски долари на семејствата: Трпе и Ѓурѓа Апостолоска од Ново Село, Тетовско, кое има 12 деца, Велче Цветаноски од село Чрешево, Македонски Брод, 9 деца и Тодорче и Лиле Блажовски од Сопиште, Скопско (по потекло од с. Говрлево) 9 деца. Наградите ги предаде членот на Фондацијата „Браќа Џидрови“, Славе Катин, а во присуство и на другите членови на Одборот на Фондација. Фондацијата „Браќа Џидрови“, е формирана на 4. јануари 2015 година, датум што е запишан со златни букви во аналите на оваа добротворна организација. На тој ден е регистрирана и се поставени темелите на оваа семакедонска организација. Таа е прва од ваков вид во Република Македонија која предизвика голем интерест кај Македонците од етничка Македонија, јавноста во Република Македонија и македонските иселеници во светот. Основач на Фондацијата „Браќа Џидрови“ е д-р Лефтер Џидров-Манче од Отава, Канада. Неговото име и дело се добро познати меѓу Македонците во сите делови на Македонија и во дијаспората. Тој припаѓа на генерацијата на напредните интелектуалци од македонско потекло на северно-американскиот континент, каде го поминал најдолго време од својот живот и работа, а денес како пензионер е на распетие меѓу Канада и Македонија. Инаку, д-р Лефтер Манче работеше во Отава и Будимпешта, како еден од најдобрите естетски хирурзи во Канада и Унгарија. Во неговата поранешна ординација во Канада, специјализирана за липосукција и естетски зафати на лицето и во поликлиниката во Будимпешта, специјализирана за пресадување коса, каде работеше заедно со неговиот син Тони, доаѓале пациенти од сите страни на светот, вклучувајќи и многу популарни личности од шоу-бизнисот и јавниот живот. Тој е член е на угледните друштва и институции: The Royal College of Surgeons of Canada; The International Society of Cosmetic Surgery; The American Academy of Facial Plastic & Reconstructive Surgery и член основач на The American Academy of Cosmetic Surgery и на The International Society of Hair Restoration Surgery Иако е познат светски хирург за естетска и пластична хирургија, д-р Лефтер Манче никогаш не го заборавил своето македонско потекло. Повеќе од две децении тој со својата кореспонденција ја промовира вистината за Македонија. Од осамостојувањето на Македонија во 1991 година, па сè до денес, тој се вклучува во борбата за признавање на Македонија. Пишува писма до Советот за безбедност (1992) и има преписка со бројни и значајни личности на политичката сцена, меѓу кои и со поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, кој го уверува дека Македонија ќе го добие кандидатскиот статус на ЕУ. Тој се допишувал со Ван дер Штул, Солана, Робертсон, како и со други владини министри на Унгарија, Канада и Австралија. Д-р Лефтер Манче е еден од малите великани, кои го поминаа македонскиот дел од пеколот, ги изодеа македонските планини, Европа и светот, но никогаш, каде и да се, не заборавија дека тие им припаѓаат на своите села, градови и на својата родна грутка Македонија. Како Македонец и патриот, д-р Манче често учествувал со помош за добротворни цели на институции и поединци во Македонија. Значајно е да се одбележи дека д-р Лефтер Манче е автор на голем број научни трудови објавени во светот. Во исто време, тој е автор и на делото „Културно однесување” на автобиографијата „Патот до врвот” и на најновата книга „Мојата борба за македонското име“ Д-р Лефтер Манче е од Егејска Македонија, израснал во Будимпешта, а живее во Отава. Меѓутоа, иако тој го прокрстарел целиот свет, секаде се чувствувал како Македонец. Затоа, со право се вели дека тој е еден од големите познати бранители на уставното името на Република Македонија и на вистината за македонскиот народ и етничка Македонија. Основачот на Фондацијата „Браќа Џидрови“д-р Лефтер Џидров-Манче е роден на 29 септември 1935 година во селото Загоричани, Костурско, во егејскиот дел на Македонија. Се родил како петто (од шест) дете во семејството Џидрови. Неговиот татко Методи, заедно со 72 мажи од селото бил затворен од монархофашистите во април 1945 година и осуден на 101 година робија на егејските острови Во текот на граѓанската војна во Грција, неговата мајка Александра (Цана) и тројцата браќа Димитар, Стево и Харила загинале како партизани, а Лефтер го пораснале неговата тетка Јана Манчева (сестра на мајка му) и тетинот Стево, по кои го носи и презимето - Манче. Во чест на своите браќа кои беа убиени во Граѓанската војна во Грција, д-р Лефтер Џидров Манче ја формира Фондацијата. Инаку, д-р Лефтер Манче ја реализира Фондацијата „Браќа Џидрови“ во чест на неговата мајка Цана (Александара) Џидрова, која беше и мајка на трите загинати сина, а беше и партизанка и учесник во Граѓанската војна во Грција. Тоа минато го надгради синоит Лефтер во чест и почит на своите браќа, со цел Фондацијата да биде вечна и пример за идните генерации. Се очекува во иднина Фондацијата „Браќа Џидрови“ да биде поттик за другите добродетели, особено во прекуокеанските земји Австралија, Канада и САД како и во Еврипската Унија да го следат патот на д-р Легтер Манче и да помогнат во забрзувањето на културниот развој на Македонците во сите делови на етничка Македонија.
|