|
||||
Прогнозата е - облачно за економијата на СДСМ |
Ја гледаме најавата за следниве еден или два месецa за режимот во најава на СДСМ. И, прогнозата е - облачно. Тешки облаци се на хоризонтот за македонската држава, за уставниот поредок, за инвестициите, за економијата, за партиските чистки и прогон, кои ги најавува СДСМ. Облачно е за економијата, затоа што политиките во најава на СДСМ за кратко време ќе се покажат како како катастрофални. Облачно е за кадровскиот потенцијал на владата предводена од СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата на Албанците. Сите овие прашања длабоко и широко ќе бидат дискутирани следниве недели и месеци. Владата и режимот на СДСМ во најава ќе треба да испорачаат толку многу работи на сите можни полиња, кон толку многу коалициски партии и целни групи, што гласачите и поддржувачите на СДСМ ќе имаат еден куп горчливи разочарувања од крупните Дедо Мраз и магични ветувања на СДСМ. Прашањето е во каква кондиција ќе биде ВМРО-ДПМНЕ за следните избори и каков резултат ќе испорача. Kратко кажано, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, и тоа убедливо. Така било секогаш изминативе 27 години. Одиме по ред. За почеток, денес коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има дури 51 пратеник, плус 56 градоначалници низ цела Македонија. Најголемата македонска политичка организација има повеќе од 150.000 члена, буквално во секоја улица, секое маало, секоја зграда и секое село во Македонија. И, тоа е сериозна основа за убедлива победа. Kако беше порано? Во 1990 година ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите во ноември 1990 година, а партијата беше стара само 5 месеци, формирана на 17 јуни. Структурата беше набрзина организирана. Медиумите го игнорираа и забрануваа ВМРО-ДПМНЕ. Стравот од комунистичкиот режим и комунистичката номенклатура беше голем. Но, народот гласаше и ВМРО-ДПМНЕ победи, освојувајќи 38 пратеници, наспроти 31 пратеник за СKМ-ПДП како што тогаш се викаше СДСМ предводен од Петар Гошев. Поради масовната кражба, изборите во 1994 година беа бојкотирани. Во 1995 година ВМРО-ДПМНЕ немаше ниту еден пратеник. Скромно стоеше кај градоначалниците. Имаше само една ТВ, и тоа беше режимската МТВ. Имаше само една новинска куќа, и тоа беше Нова Македонија, која беше испостава на СДСМ. Немаше интернет. Преку спроведената приватизација, СДСМ ја контролираше новата олигархија. Дојде 1996 година и ВМРО-ДПМНЕ оствари солиден, победнички резултат во повеќе општини, како Марјан Ѓорчев во Kисела Вода или Томо Миташев во Штип, како и победите во Чаир, Гази Баба, Прилеп и на повеќе други места. Следуваше 1998 година и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со ДА освои убедливи 62 пратеници, наспроти скромните 30-тина пратеници на СДСМ. Дојде единствената изборна победа на СДСМ на парламентарни избори во последниве 70 години на 15-ти септември 2002 години, со цела низа на нереални ветувања. Во 2003 година ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција. И на локално ниво, и на државно ниво. СДСМ ги држеше главните општини благодарение на солидниот резултат во 2000-та година, кога победија во Скопје и повеќето скопски општини, Битола, Прилеп, Штип, Kочани, Kуманово, Гевгелија, Велес и во еден куп други места. Таа 2003 година беше и време на политички прогон и чистки, кои ги приреди СДСМ. Но, дојде референдумот во 2004 година за територијалната поделба, заедно со „некои прашања не заслужуваат одговор“. СДСМ тие години имаше и сериозна меѓународна поддршка. Но, убедливо ги загуби локалните избори во 2005 година. Kако резултат на внатрешната поделба во 2004 година, ВМРО-ДПМНЕ имаше одвај 7-8 пратеници. На пресовите на ВМРО-ДПМНЕ некогаш не доаѓаше ниту еден новинар. Но, дојде 2006 година. СДСМ ја имаше пол-позицијата, но беше убедливо поразен. Следуваа убедливите победи на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2016 година, кои ги оствари Никола Груевски, неговиот тим, со илјадници активисти, членови и гласачи на ВМРО-ДПМНЕ во општинските и месните комитети. Груевски беше многупати потценет, но излезе како победник од многу политички и изборни битки. Така ќе биде и во иднина. Затоа, сево ова е добро потсетување и најава на резултатите што ќе ги има ВМРО-ДПМНЕ. Ако ВМРО-ДПМНЕ можеше да победува од опозиција во 1990, 1998 и 2006 година, од сенката и маргинализацијата што ги имаше пред сите тие избори, со силен прогон, сигурно следува победа со потенцијалот и поддршката што ја има ВМРО-ДПМНЕ денес со 455.000 гласа, повеќе од 150.000 члена, 51 пратеник и 56 градоначалници. Ќе поминат овие темни облаци. Ќе изгрее ново македонско сонце. Сонце на слободата, со кое почнува нашата химна и кое грее од нашите македонски знамиња. Нашиот народ, со векови и децении, е силно приврзан кон најстарата, најголемата и најсаканата македонска политичка организација. Прогоните и прогонителите поминувале, а останала истрајноста на нашиот народ. Влатко ЃОРЧЕВ |