|
||||
ОБЈАВЕНА Е ТРИНАЕСЕТТАТА ЕПИЗОДА ОД СЕРИЈАТА „АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ НЕ БИЛЕ ГРЦИ“ |
Александар ДОНСКИ Деновиве на Youtube е поставена тринаесеттата епизода од документарната серија „АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ НЕ БИЛЕ ГРЦИ“ (“THE ANCIENT MACEDONIANS WERE NOT GREEK”), чиј комплетен автор е Александар Донски. Серијата е во продукција на Lloyd Harrison Entertainment Group од Сиднеј, извршен продуцент на серијата е Џим Стефан, ко-продуцент е Горан Котев, а асоцијативен продуцент е Андрија Петревски, сите од Сиднеј. Текстот го читаат Бубе Донска и Стефо Нанцу. Во серијата ќе бидат претставени сведоштва од над педесет антички автори според кои античките Македонци не биле никакви „Грци“ како што тврди денешната грчка пропаганда. Авторот на серијата Александар Донски очекува оваа серија да ги разниша темелите на грчката историографија и пропаганда кога е во прашање античка Македонија. Тринаесеттата епизода е посветена на сведоштвата од Диодор Сицилиианецот и Дионисиј од Халикарнас. Диодор Сицилијанецот е познат антички историчар, кој исто така напишал Биографија за Александар Велики Македонски. Тој живеел во I век пред Христа. Бил роден во градот Агириум на Сицилија. Друго ништо не се знае за неговиот живот, но дел од неговите трудови останале зачувани. Тие се собрани под заеднички наслов „Историска библиотека“ и поделени се во 40 книги. Првите шест книги ја опишуваат историјата, географијата и културата на антички Египет, Месопотамија, Индија, Скитија, Арабија, Северна Африка, Грција и Европа. Од седмата до седумнаесеттата книга опишана е историјата на светот, почнувајќи од Тројанската војна, па сѐ до периодот на Александар Велики Македонски. Од осумнаесеттата до четириесеттата книга опишани се настаните од периодот кога владееле наследниците на Александар (главно Птолемеи и Селевкиди), па сè до времето на Гај Јулие Цезар (средина на I век пред Христа). На Биографијата за Александар што ја запишал Диодор како дел од својата Историја, нема подетаљно да се задржуваме. Само ќе цитираме два извадока како најударни во однос на темата што ја обработуваме. Едниот од нив се наоѓа во 17 книга и се однесува на соработката на Грците со Персија во времето по битката кај Гавгамела (Арбела). Во врска со ова Диодор Сицилијанецот пишува: „Во оваа година (околу 330 пред Христа) во Грција стигнаа вестите за битката близу Арбела (Гавгамела) и многу грчки градови беа растревожени од растежот на македонската моќ, така што решија да се борат за својата слобода сѐ додека случајот со Персијанците беше актуелен. Тие очекуваа дека Дарие ќе им помогне, заради што му испратија голема сума пари. Тие се надеваа дека ќе ги спојат обете војски, така што Александар ќе требаше да ја раздели својата војска за да им се спротивстави. Од друга страна, до колку Грците останеа само како неми набљудувачи на поразот на Персијанците, тие тогаш ќе останеа осамени без никаква шанса да размислуваат за својата слобода... Лакадемонците (Спартанците) тогаш се побунија и упатија повик до Грците да се обединат во борбата за слобода.“ (Диодор, 17.62.1, 17.62.3 и 17.62.6). Значи, еве уште едно диреткно античко сведоштво, од кое се гледа не само фактот дека тогашните Грци се чувствувале окупирани од Македонците, туку и огромната омраза што тие ја чувствувале кон нив. Грците биле подготвени дури и да се спојат со своите вековни непријатели Персијанците, само за да се ослободат од македонската окупација. И тоа дури и во времето по битката кај Гавгамела по која Персиската војска дефинитивно била скршена. Диодор пишува и за ранувањето на Александар Велики Македонски кога не се знаело дали тој ќе преживее. Кога слушнале за ова Грците, кои биле оставени да живеат во средноазиските области Бактрија и Согдијана, помислувајќи дека Александар е мртов, се побуниле против Македонците, сакајќи да се вратат назад во својата татковина. За ова Диодор (17.99.5 - 17.99.6) пишува: „Со денови кралот лежеше беспомошен и под надзор. Грците, кои беа оставени во Бактрија и Согдијана и кои беа несреќни и се досадуваа живеејќи помеѓу луѓе од друга раса, разбраа дека кралот умрел од здобиените повреди и се побунија против Македонците. Тие се собраа околу три илјади мажи. На патот кон дома претрпеа многу тегоби, а по смртта на Александар сите беа масакрирани од Македонците.“ Диодор пишува и за бунтот во самите грчки градови против Александар, кој бил предводен од Леостен. Од сите овие сведоштва (кои секако дека не се и единствени) јасно се гледа дека и за познатиот антички историчар Диодор Сицилијанецот, Македонците и Грците претставувале два засебни народа, кои најчесто негувале меѓусебно непријателство. Дионисиј од Халикарнас (Dionysius of Halicarnassus) се родил околу 60 година пред Христа, а починал некаде по 7 год. по Христа. Тој бил историчар. Извесно време престојувал во Рим каде го изучувал латинскиот јазик и работел на своите дела. Бил учител по реторика и се дружел со видни личности од своето време. Негово најпознато дело е „Римски старини“ ("Roman Antiquites"), кое ја опфаќало историјата на Рим уште од најстарите времиња, па сè до почетокот на Првата пунска војна. Ова дело било поделено на 22 книги, од кои првите 9 се целосно зачувани, а од останатите се зачувани помали или поголеми фрагменти. Во Првата книга (3 дел) Дионисиј од Халикарнас ја спомнува Македонија како „најмоќна нација“ во тогашниот свет: „...Македонија, која до тогаш била сметана за најмоќна нација на светот, повеќе немала како ривал ниту една нација било барбарска или грчка.“ Во Втората книга (17 дел) тој јасно пишува дека Македонците им ја одзеле слободата на Грците (Атињани и Тебанци), откако претходно ги поразиле во битката кај Херонеја: „А Тебанците и Атињаните преку катастрофата што ја доживеале кај Херонеја биле отстранети од Македонците не само од водството над Грција, туку им била одземена и слободата што ја имале наследено од своите предци.“ Со ова и Дионисиј од Халикарнас се вброил себеси во оние бројни антички автори кои сведочеле за посебноста на античките Македонци како народ. Тринаесеттата епизода можете да ја погледнете на ликот:https://www.youtube.com/watch?v=EsV2rWSETP4&feature=youtu.be Останатите епизоди можете да ги погледнете на каналот на Јутуб: https://www.youtube.com/channel/UCJnd4_NuUyQQZfbMqom64kQ Повеќе детали околу финансирањето на овој проект можете да најдете на: https://www.gofundme.com/aleksandardonski Документарен филм со дел од дејноста на авторот Александар Донски можете да погледнете на: https://www.youtube.com/watch?v=5S26QOz71gU&t=1535s
|