|
||||
САКАЈ ЈА КНИГАТА, НЕГУВАЈ ГО ЈАЗИКОТ |
САЕМ НА КНИГАТА И ПРОМОЦИИ НА КНИГИ Гордана Димовска На 27 мај во просториите на библиотеката Мил Парк, во чест на Свети Кирил и Методиј, Македонското литературно друштво “Кочо Рацин“ го одржа Саемот на книгата во чиј склоп се промовираа книгите: Круши горници од Нове Младеновски, Патник по ѕвезденото македонско небо од Гордана Димовска, и Виножито во мојата прегратка од Љубица Поповска. На саемот на книгата се изложија и преку двеста наслови на книги чија цел беше да се поттикнуваат луѓето повеќе да се дружат со книгата, да го учат јазикот кој постојано треба да се негува за да постои и го задржи својот статус во редот на светските јазици. Саемот беше отворен со звуците на Билјана платно белеше и поеми од Рацин кои ги рецитираше поетот Крсте Наумовски Мечкар. Осврт за значењето на мисијата на Свети Кирил и Методиј даде Вангел Патеров а ја прочита и поемата Солунски браќа.
Промотор на Круши горници беше Милица Паулус а освртот го прочита Гордана Димовска.Промотор на Патник по ѕвезденото македонско небо беше Јанко Томов, прочитано од Христијана Марковска, а освртот на Гордана Такец за книгата Виножито во мојата прегратка го прочита Мери Бонева. Даниел Димовски на многу убав начин го презентира расказот Две солзи при што ја воодушеви публиката. Во детското катче, најмладите имаа можност да бојат и пишуваат македонски букви. На промоциите присуствуваа голем број личности од Македонската заедница, Конзулот на Р. Македонија Бети Коруновска, општинската советничка Мери Лалиос, Блага Петреска од хуманитарната организација Надеж, претседателот на огранокот на СМК во Мелбурн, Горан Саздан Котев, Митко Николовски од Црковната општина Џилонг, писателот Кочо Крушорати и многу други. Допатуваа и членови на новото литературно друштво Ванчо Николески од Квинбијан при што претседателот Наум Трајчески поклони книги, благодарница и одржа пригоден говор со желба за меѓусебна соработка. Водител на настанот беше Соња Стојановска а за музиката се погрижи Љупчо Јовановски Бубо. Беше голем интересот за книги како од промовираните книги така и од изложените. Навистина настан за паметење, настан кој побудува интерес за книгата и зачувување на македонскиот јазик како и поттик за соработка со други здруженија во Заедницата. Голема благодарност до медиумите кои го промовираа и подржаа настанот: Васе Коцев од SBS радио, Игор Павловски од АМН и Денес, Христијана Марковска, Танас, Су Кристов од радио Plenty Valley, снимателот Целе Петровски. |