|
||||
МЕЃУ МАКЕДОНЦИТЕ ВО МАЛА ПРЕСПА... |
СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС 04 јуни 2017 година, Пустец, Мала Преспа, Албанија - Ако сакате да тихувате и да го почувствувате мирисот на природата, дојдете во Мала Преспа и ослободете се од стресот на урбаното живеење и на современата цивилизација. Во Мала Преспа срцата на сите Македонци во деветте села - Горна Горица, Туминец, Долна Горица, Глобочани, Шулин, Пустец, Леска, Зрноско и Церје - чукаат за Македонија! Посетете ја пештерската црква “Пресвета Богородица“ со фреска на Александар Македонски, со македонските симболи лавот, сонцето, двоглавиот орел и вечноста и манастирот “Света Марена“ кај Туминец... Видете ја најголемата фреска од педесет метри на Пресвета Богородица Туминечка која природата ја вцртала на карпите до пештерската црква а се гледа само од кајче во езерото... Понесете фотографија од најубавата црква во Албанија - Македонската православна црква “Свети Архангел Михаил“ во Пустец... Посетете го островот Мал Град каде ќе се восхитувате на прекрасната македонска црква “Света Богородица“... Уживајте на најубавата плажа на Преспанското езеро кај Зрноско... Вкусете го традиционалното јадење преспански крап во тава или на скара, за чие густирање доаѓаат од цела Албанија... Пробајте органска ракија и вино од грозјето талијанка... Напијте се чист планински чај и заблажете се со еколошки здрав мед... Дишете чист воздух со кој Мала Преспа изобилува... Крстарејте со кајче по езерото, чувствувајќи го движењето на ветрот под крилјата на пеликаните кои над вас надлетуваат... Овде, во Мала Преспа, како и во цела Албанија, Македонците се гостопримливи, искрени, трудољубиви, почитувани и домаќини... Ќе најдете убави ресторани, чисти хотели за 10 евра спиење и доручек... Што и да ви кажеме, посетете ја Мала Преспа и одморете се... |