|
||||
Александар Македонски и гимнософистите |
Онесикрит (360 г.пр.е – 290 г.пр.н.е) бил антички историчар и писател, ученик на Диоген. Тој го прател Александар Македонски во походот на Индија, прво како кормилар во неговата морнарица, а потоа учествувал во експедицијата на адмиралот Неарх. Набргу по смртта на Алесандар Македонски, како и другите офицери, напишал историја за Александар. Во своето сега изгубено дело, Онесикрит го слави Александар како човек кој ја ширел културата и ја прикажува неговата филозофска природа. Тој на своето дело му дава педагошко-политички карактер, за што како пример му служи Ксенофонтовото дело Кировото воспитување. Неговото дело бо кое за првпат се споменува и островот Шри Ланка (Цејлон) било сродно со Калистеновото, а различно од делата на Птоломеј и Аристобул. Онесикрит во своето дело многу простор му посветил на фантастично – авантуристичките епизоди, како што е на пример посетата на Амазонките. Во тие детали спаѓаат и заинтересираноста на Александар за браманската филозофија, како неговата посета за време на походот во Индија на браманите, кои биле познати како гимнософисти. Приказната за овој настан, за спорот со гимнософистите, индиските мудреци (познати како голи мудреци) подоцна била пренесена од многу антички писатели, а различните верзии за животот на Александар ја направиле многу популарна, за да конечно воопшто во античката литература се појави и како самостоен мотив на филозофско-аскетскиот живот на гимнософистите. Плутарх од Хиронеја (околу 45/46 г. – 120/125 г.) е старогрчки филозоф, есеист и биограф, кој добил римско граѓанско право. Автор на околу 200 дела, а светска слава стекнал со „Споредбените биографии“ во кои ги опишува животите на 50 антички државници и војсководци меѓу кои и на Александар Македонски. Некои од наинтересните „животи“, како на пример на Херакле и Филип II Македонски не се сочувани. Како што објаснува во првиот пасус од „Живот на Александар Македонски“, кој е еден од пет сочуваните терцијални извори за македонскиот крал, Плутарх не го занима пишувањето на историја, туку животопис и влијанието на карактерот (добар или лош) на судбината на познатите луѓе. Ова дело содржи анегдоти и описи на настани кои никаде на друго место не се јавуваат. Меѓудругото, Плутарх во 64 и 65 пасус пишува и за гимнософистите (голи мудреци, индиски шумски пустиници и аскети), за кои што многу порано пишувал Онесикрит. Тој пишува дека Александар наредил да се фатат десетмина од гимнософистите кои најмногу го наговарале Саба да се одметне и кои им нанесле најмногу зла на Македонците. Инаку Саба бил поглавар на индиско племе, кој прв му се покорил на Александар и добил една сатрапија, а подоцна се одметнал. Во продолжение на овој и наредниот пасус Плутарх ни го пренесува разговорот на Алесандар со мудреците и ги наведува мудрите пораки: „ ...Со оглед на тоа дека за нив се зборувало дека се одликуваат со кратки и духовити одговори, тој им поставил загадочни прашања, додавајќи: првин ќе го убие оној кој нема да одговори исправно, а потоа со ред другите. На најстариот му наредил да биде судија. Така првиот го добил следното прашање: што мисли, има ли повеќе живи или мртви? Тој одговорил: Живи, зошто мртвите веќе ги нема!“ На прашањето: дали земјата или морето хранат повеќе животни?, вториот одговорил: „Земјата, зошто морето е само еден нејзин дел!“ На прашањето кое животно е најлукаво?, третиот одговорил: „Она кое човекот досега не го запознал!“ Четвртиот го добил прашањето: зошто го натерал Саба да се одметне?, на што одговорил: „Зошто сакав или убаво да живее или убаво да умре!“ Петиот го прашал: што мисли, дали прво настанал денот или ноќта? Тој одговорил: „Денот за еден ден настанал пред ноќта.“ Кога кралот се зачудил на ова, тој додал: „На тешки прашања се одговара со тешки одговори!“ Потоа кралот му се обратил на шестиот и го прашал: како може човек да стане најомилен? Одговорот гласел: Ако има најголема моќ, а не е страшен!“ Од другите тројца, на прашањето „како некој од човек би можел да стане бог? Еден одговорил: „Кога ќе направи нешто што човек неможе да го направи!“ Вториот го добил прашањето: Што е посилно, животот или смртта?“, на што одговорил „Животот, зошто поднесува толку зла!“ Последниот го добил прашањето: „До кога е паметно човек да живее?“ Одговорот гласел: „Додека самиот не смета дека е подобро да биде мртов отколку жив!“ Потоа кралот му се обратил на судијата и му наредил да го каже својот суд. Судијата изјавил дека еден одговор е полош од друг, на што кралот рекол: „Значи, кога вака судиш, ти прв ќе загинеш!“ „Не кралу!“ – продолжил судијата – „инаку ти би лажел кога рече дека ќе го убиеш првиот што најлошо ќе одговори“. Најпосле кралот ги дарувал овие луѓе и ги пуштил. Потоа го пратил Онесикрит кај гимнософистите кои уживале особен углед и живееле само за себе во самотија, молејќи ги да дојдат кај него. Онесикрит бил филозов, и тоа еден од оние кои и припаѓале на школата на циникот Диоген. Тој тврди дека Калан многу арогантно и грубо му наредил да ја соблече облеката и гол да ги слуша неговите одговори, зошто инаку нема да разговара со него, дури и самиот Зевс да дојдел! За Дандамис вели дека бил поучтив, па откако му раскажал многу работи за Сократ, Питагора и Диоген, овој му рекол нему му се чини дека тие биле надарени луѓе, но за време на животот премногу ги почитувале законите! Други, пак, велат дека Дандамис не рекол ништо друго освен: „Зошто Александар минал толкав пат довде?“ Најпосле Таксил го наговорил Калан да оди кај Александар. Неговото вистинско име било Сфинес, меѓутоа бидејќи тој луѓето со кои се сретнувал ги поздравувал на индиски со кале наместо со радувај се, .. го завикале Калан. Велат дека тој на Александар му ја преставил и сликата на неговата власт. Во средината фрлил некаква сува и тврда кожа и застанал на нејзиниот раб, па таа притисната на едната страна, се поткренала на сругата страна. Потоа одел наоколу и притискајќи ја кожата докажувал дека тоа се случува секаде, додека најпосле не застанал на средината на кожата, па средината и се друго останало мирно. Така сакал да му покаже на Александар дека тој мора најмногу да ја притиска средината на своето кралство, а не да се губи во далечините...“ Додека Онесикрит го величал Александар Македонски, Плутарх впрочем се обидува да навлезе во неговата душа. Од овој пасос видливо е дека него го интересира што тоа го натерало големиот македонски војсководец да оди толку далеку од татковината? Кои прашања него го мачеле и што очекувал таму да најде! Како што вели овој антички филозов „честопати само некое безначајно дело или безначаен збор или дури и шега, подобро го објаснуваат карактерот на човекот отколку (победите во) битките... или најголемите освојувања на градови“. Македонска нација |