|
||||
Sвездите над тумбата во Црнилиште го откриваат гробот на Александар Македонски! |
Сите патишта викендов водат во Овче Поле - ќе се следи мистична појава21 јули 2017 Геоглифот во Овче Поле во последните десетина години стана едно од најпознатите мистични места, не само во Македонија туку и пошироко. Од навидум обичен рид со некаковси чуден знак на него, за кој до пред пола деценија само се шепотеше, сега веќе е локација која предизвикува и интригира многу луѓе. Пресликувањето на ѕвезденото небо со знакот на геоглифот се случува на роденденот на големиот цар Александар Македонски.
Знакот на тумбата над селото Црнилиште во Овче Поле викендов ќе се преслика со соѕвездието Касиопеја, појава која дел од археоастрономите ја поврзуваат со Александар Македонски, роден во периодот од 21 до 23 јули. Мештаните очекуваат и годинава на мистичната тумба да се искачат граѓани, кои како и во изминатите десетина години, самоиницијативно, со телескопи го набљудувале небото и хоризонтот. Раскажуваат дека симболиката на пресликувањето на ѕвезденото небо со знакот на геоглифот што се случува на роденденот на големиот цар Александар Македонски ги предизвикува не само научниците туку и заинтересираните граѓани. - Доаѓаат од сите страни на Македонија, но и од соседните држави. Од ридот и го посматраат небото со некои специјални двогледи, дурбини, вели еден од жителите на Црнилиште. Знакот на геоглифот личи на буквата М или на трикратна стрелка, со ориентација север-југ на височинка во тркалеста форма со димензии од околу 85 на 45 метри. Локалитетот стана популарен пред неколку години кога хрватскиот истражувач Домагој Николиќ постави хипотеза дека во Овче Поле се наоѓа гробницата на големиот војсководец и освојувач, синот на Филип Втори Македонски. Тој своите тврдења ги темели на астротеолошки читања на овој симбол. - Сликата на соѕвездието Касиопеја се огледува на геоглифот во чест на роденденот на Александар Македонски, кој се слави секоја година во периодот од 21 до 23 јули. Всушност, единствено во тие денови овој геоглиф се пресликува со соѕвездието Касиопеја, кое има иста форма како дел од контурите на геоглифот, смета Николиќ. Николиќ беше дел од интернационалниот научен тим Супер Бреин рисрч груп кој пред неколку години беше вклучен во архео акустично истражување на македонскиот геоглиф и веќе подготвува трет научен труд за резултатите од истражувањето. Тој Геоглифот за прв пат го спомена во емисијата "На рубу знаности". Оттогаш па наваму, од навидум обичен рид со некаков си чуден знак на него, за кој што до пред пола деценија само се шепотеше во одредени кругови, големиот геоглиф веќе е локација која предизвикува и интригира многу луѓе. Но, оваа појава за дел од македонските научници, нема никакво значење. Археоастрономите тврдат дека соѕвездието Касиопеја секогаш е на исто место и се гледа во сите годишни времиња и не е поврзана со Геоглифот. Археолозите, пак, сметаат дека на Црнилиште нема никаков сакрален објект, туку тоа се воени ровови, стари околу еден век. - Дури и да се докаже дека нема ништо под геоглифот, што е малку веројатно, симболот кој што е вцртан внатре и кореспондира со созвездието Касиопеја и нејзиното вртење околу Северница, но и со древните писма – линеарно б, етрурско, староарамејско и писмото од Каменот од Розета, со сигурност има силно влијание на човечката свест на генерацијата луѓе кои сега живеат на планетата Земја, анализира порталот Лоза. Сепак, мистеријата каде е закопан Македонскиот крал Александар останува енигма за светот. Иако постојат повеќе теории ниту една не е докажана. Според една теорија заснована врз основа на делата на античките историчари Аријан, Диодор, Плутарх, Јустин и Куртиј Руф, како и на современите проучувачи на античката историја, гробот на Александар е во Македонија. Друга теорија, пак, вели дека по смртта Александар бил погребан во Египет, во неговиот град Александрија. Месноста каде што се наоѓа овој мистичен рид со симбол којо се гледа само од птичја перспектива го носи името Канда, збор кој освен во македонскиот јазик, се сретнува и во древниот Санскрит. Превземено од Вечер |