Среда, 02 Август 2017    PDF Печати Е-пошта
Обраќање на претседателот на Р. Македонија,д-р Ѓорге Иванов, по повод Илинден

Ivanov 1

Обраќање на

претседателот на Република Македонија,

Неговата Екселенција,д-р Ѓорге Иванов,

по повод 2 Август – Илинден

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани потомци на нашите знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија,

Ви го честитам овој светол ден Илинден. Ден на светлината и слободата. Нашиот прв Илинден започна во херојско Крушево. Иако слободната република траеше само десетина дена, сепак, споменот за неа тлееше цели четири десетлетија. Сè до вториот, победоносен и државотворен Илинден. Сè до АСНОМ. Во темелите на таа наша државност е вградено името на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ. Првиот претседател на Македонија.

Но, денес, нема да зборувам за неговото учество во НОБ и во АСНОМ. Нема да ги спомнувам неговите бројни заслуги, придонеси и жртви за Македонија. Наместо тоа, одлучив да зборувам за неговите пораки упатени до нас, за неговите последни денови.

На почетокот на јули, 1957 година, пред точно 60 години, Методија Андонов- Ченто на своите синови започнал да им ги диктира своите последни зборови. Тие зборови, запишани во неговата недовршена автобиографија се неговото последно автентично сведоштво за борбата за слобода и државност на Македонија.

Последната случка што успеал да ни ја пренесе е неговата последна средба со Кузман Јосифовски-Питу. Ченто ни кажува дека во септември 1943-та Кузман му пратил писмо во кое го канел на средба во Скопје. Веќе на 24 септември 1943 година, тука, во окупирано Скопје, Ченто тајно се сретнал со Кузман. Разговарале до доцна во ноќта. На средбата, Кузман долго го убедувал Ченто да се вклучи во борбата, да стане партизан, за да може подоцна да биде и член на Главниот штаб и претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Притоа, Кузман го потсетил Чента на неговите сопствени зборови дека „за нашата слобода само ние, сами, и обединети можеме да се избориме и дека моментот за тоа е сега“.

Во зборовите на Кузман, Ченто го препознал повикот на татковината. Соочен со изборот да зачекори напред или да се повлече, Ченто се согласил да замине во партизани. И веднаш потоа ја читаме последната реченица на Ченто во неговата незавршена автобиографија. Цитирам: „Кога разбрав дека Кузман загинал, ми беше многу жал и многу тешко, зашто загубив голема потпора, загубив чесен и верен другар и истомисленик“.

Драги сограѓани,

Ова се можеби последните зборови на големиот Методија Андонов-Ченто, запишани на неговата смртна постела.

Со овие зборови, Ченто како да го вперува прстот и недвосмислено ни покажува дека Кузман е идеологот и водачот на македонската Народноослободителна и антифашистичка борба.

Дека Кузман е Гоце Делчев на НОБ.

Дека Кузман е визионерот на АСНОМ и идејниот автор на неговите државотворни документи.

Дека Кузман е движечката сила на фронтот за слобода на Македонија.

Ченто како да посведочува дека без Кузман Јосифовски-Питу, АСНОМ не ќе беше можен. А со тоа ниту, 8 септември, и независна и суверена Република Македонија.

Без Кузман Јосифовски-Питу, ние денес, ќе бевме само фуснота во нечија туѓа интерпретација на историјата.

На овој ден, Илинден, кога се поклонуваме пред спомениците на основоположниците на нашите два Илиндена, славејќи го нивното дело, се потсетуваме и ги спомнуваме нивните стремежи, надежи, но и принципи. За оваа вистина најгласно зборуваат трите принципи на Кузмановата борба, кои станале принципи и на Ченто, а со тоа и на АСНОМ.

Првиот Кузманов принцип е континуитетот со Илинден. На Преспанското советување одржано на 2 август 1943-та, Кузман меѓу другото вели: „Многу од своите најдобри синови загуби Македонија за време на славниот Илинден. Но, тие жртви не станаа гробови. Нивните херојски подвизи засветија над Македонија, станаа ѕвезда водечка на измачениот македонски народ. Тие го осветлуваа патот и во срцата на сите чесни Македонци и херои како вечен спомен. Од Илинден до денес многу знаени и незнаени херои загинаа во борбата за Македонија. Следејќи го славниот пат на своите дедовци и татковци, денеска многу млади Македонци, многу нови борци, најдоа херојска и маченичка смрт во борбата со денешните, последни поробувачи. Коските на сите овие жртви, развеани по сите полиња и градови на Македонија, сраснаа со македонската земја и се претворија во гранитен темел на утрешната слобода...“

Читајќи го денес овој негов реферат, се прашуваме дaли Кузман всушност не го позајмува христијанскиот наратив за да проповеда политичко ослободување на Македонија. Кузман зборува за вистината и слободата, за патот и светлината, за борбата и жртвата. Зборува за смртта и за животот, за празни гробови и темелници, за маченици од првиот и следбеници од вториот Илинден. Маченици и следбеници кои тој ги поврза не само на збор, туку и на дело. Благодарение на Кузман, меѓу АСНОМ-ците се најдоа Брашнаров, Влахов, Шатев и Гермов, илинденци од стар ков.

Вториот Кузманов принцип е антифашизмот. Кузман знаел дека борбата против фашизмот е борба за слобода. Тој потсетувал дека „македонскиот народ се наоѓа во најсудбоносните дни на својата мачна историја и дека спасот е во славната општа борба против фашизмот“. Како и Ченто, и тој бил свесен дека само ако сам се ослободи од фашизмот, македонскиот народ ќе го стекне правото на самоопределување. Благодарение на Кузман, антифашистичката стана и Народноослободителна борба на македонскиот народ.

И тука доаѓаме до третиот Кузманов принцип, а тоа е дека борбата за слобода подразбира широк македонски фронт. Иако, и самиот бил член на Комунистичката партија, Кузман не признавал ниту партиски, ниту етнички, ниту, пак, верски клуч. На теснопартискиот концепт на Комунистичката партија втемелен врз идеолошка послушност и подобност, тој го спротивставил широкиот граѓански концепт. Концепт што ги опфаќал сите слоеви на македонското општество.

Наспроти притисоците од партијата, тој постојано и упорно инсистирал дека „во Македонскиот национален фронт треба да стапат сите чесни Македонци, без разлика на досегашната определба, народност, вера и пол“. Се залагал на клучните позиции да дојдат луѓе кои по убедување не се комунисти, туку пред сè македонисти. Така и Ченто стана првиот претседател на Президиумот на АСНОМ.

Но, зошто сево ова е важно? Бидејќи трите Кузманови принципи, кои станаа и принципи на Ченто, извираат од една единствена вредност. А таа вредност е слободата.

Драги сограѓани,

Целиот свој живот, Кузман Јосифовски-Питу се борел за национално и за социјално ослободување на Македонија. И сета смисла на човечкото живеење ја гледал во борбата за национална и социјална слобода.

Во таа негова животна цел, ние ги препознаваме двете лица на слободата. Прва е негативната слобода од ропство. Втора е позитивната слобода за просперитет.

Кузман многу добро знаел дека слободата од ропство е само половина слобода. И како една половина од целото, таа сама по себе е недоволна и неодржлива. За тоа најгласно сведочат сите буни, востанија и револуции во човековата историја кои завршиле со нови режими, диктатури и тирании. Бидејќи, еден народ може да биде формално-правно и политички слободен, но економски и културно зависен. И со тоа суштински поробен и неспособен да зачекори напред. За да биде одржлива, неопходна е и втората половина на слободата. А тоа е позитивната слобода за самоидентификација, самоостварување и просперитет. И таа се стекнува многу потешко. Бидејќи позитивната слобода со папочна врвка е врзана за вистината.

Треба да знаеме кои сме за да знаеме што сакаме да бидеме.

Треба да знаеме каде сме за да знаеме каде сакаме да бидеме.

Треба да знаеме што имаме за да знаеме што сакаме да стекнеме.

И ако денес Кузман и Ченто би ја погледнале својата татковина, нашата татковина, тие секако би се радувале на 26-годишната независност, сувереност и самостојност. Бидејќи, тоа беа целите на борбата за национална слобода на Македонија. Но, истовремено, верувам дека Кузман и Ченто би биле огорчени што сè уште ни се оспорува слободата за самоидентификација, самоостварување и просперитет.

Мотото на Кузман, кое стана мото на АСНОМ беше: слободна Македонија на слободен Балкан. Денес, и Република Македонија и Балканот се слободни од надворешни освојувачи и поробувачи. Империите исчезнаа, а диктатурите и тоталитарните режими пропаднаа. Но, ниту Република Македонија, ниту целиот Балкан се докрај слободни да го градат својот просперитет. Бидејќи, ниту Република Македонија, ниту целиот Балкан се дел од Европската Унија. А Европската Унија е единствената сила што ги мотивира нашите држави и општества доброволно да се трансформираат. Затоа, сè уште недостасува втората половина на слободата, а тоа е европска Македонија во европски Балкан.

За да создаваме услови за просперитет во нашиот глобализиран свет, неопходно е да бидеме дел од Европската Унија и НАТО. Токму членството досега требаше да ни овозможи конечно да ја достигнеме целата слобода. Но, на тој пат, ние, како држава сме уценети. А цената е висока, премногу висока.

Нам, во сиве години на независност, ни се скратува правото на просперитет. Иако ги исполнувавме критериумите за членство во НАТО и за почеток на преговори со Унијата, кон нас беше направена неправда. Ниту една земја членка на својот европски пат не се соочувала со прашањата на кои ние секојдневно трошиме време, енергија и трпение. Од ниту една друга земја членка не се бара она што се бара од нас – негирање на правото на човечко достоинство и на самоидентификација. Ова не е алиби за грешките и за пропустите што сме ги направиле досега. Но, додека ние бевме преокупирани со неправдите кои ни се нанесуваа, со негирањата и двојните стандарди, светот околу нас се промени.

Почитувани сограѓани,

Во изминативе пет години, двајца сега веќе поранешни претседатели на две соседни држави, членки на Европската Унија и на НАТО, кажаа една иста работа. Првиот нè предупреди дека со македонизмот вратите на НАТО и на Европската Унија ни се затворени. Вториот, пак, рече дека Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот. Двајцата навидум добронамерно нè советуваа да ја соблечеме наметката на македонизмот и да ја оставиме пред прагот на евроатлантскиот дом.

Двајцата поаѓаат од претпоставката дека таа наметка е нешто туѓо, крадена стока што некој ни ја подметнал или ни ја продал на црно. Тие тврдат дека македонизмот е лага со која ја криеме вистината за тоа кои навистина сме.

Нивниот совет би бил на место, доколку навистина стануваше збор за лажна прекривка. Но, не е така едноставно. Македонизмот е македонството. Тоа е дел од она кои сме. Македонството е нашиот образ и нашиот идентитет, она по што другите нè препознаваат и она по што и ние самите се препознаваме во огледалото на историјата. Македонството е нашето име и творештво, нашата култура и традиција, нашиот македонски јазик, нашиот 7/8 музички такт, нашиот македонски модел на соживот и на почитување на различноста. Македонството е нашиот автентичен светоглед што нè прави она што сме. Македонството е израз на нашата самоидентификација.

Eдинствениот начин како да го послушаме нивниот совет е со една метафорична пластична хирургија да го отстраниме од нас ова парче кожа за да бидеме непрепознатливи. Тоа подразбира да се одречеме од вистината за која се бореле и се избориле нашите предци, нашите илинденци, нашите АСНОМ-ци.

Драги сограѓани,

Да не се залажуваме. Без македонството на македонските преродбеници од 19 век, немаше да го имаме првиот Илинден.

Без македонството на македонските партизани, немаше да го имаме вториот Илинден.

Без македонството на македонските граѓани, немаше да ја имаме независна и суверена Република Македонија.

Бидејќи без македонството, Македонија е само форма без суштина. Без македонството, македонскиот народ го сведуваат на аморфна маса што може да се моделира според желбите на туѓинците. Борбата за национална и за социјална слобода на Македонија нужно подразбира македонство. Затоа, споменот за нашите борци и херои го негуваме и преку спомениците кои ги гледаме околу нас на овој плоштад, во овој град. Бидејќи, без помнење, нема иднина.

Но, македонството не се само празниците и спомениците посветени на нашите херои. Македонството е многу, многу повеќе од тоа. Македонството е доследно почитување на нивното дело, чекорење по нивниот пат, ширење на нивните вредности, кои досега требаше да бидат и наши вредности: вистината, правдата, солидарноста, слободата на совест и мисла, демократијата, човековите права, сплотеноста околу државните интереси, и пред сè, љубовта кон Македонија. Проблемот е што не останавме доволно верни на нивниот завет. Скршнавме од патот и залутавме во меѓусебни обвинувања и погубни реваншизми. Се доведовме во состојба како држава да бидеме уценувани. А цената е висока, премногу висока.

Поради нашиот македонски идентитет, нам ни се оспорува правото на просперитет.

И во такви услови, две прашања ја тревожат јавноста. Прво е прашањето за името со Грција. Второ е прашањето за Договорот за добрососедство со Бугарија.

Драги сограѓани,

Повеќе од 20 години со соседна Грција водиме разговори за разликата околу името. Верувам дека можеме да дојдеме до заемно прифатливо, достоинствено решение за двете страни. За тоа е потребна политичка волја и стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите. А тоа се резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Ако разговорите ја надминуваат рамката, ќе биде многу тешко да дојдеме до решение. Затоа, потребно е почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски.

Република Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на Обединетите нации. Бидејќи е потребно да се создаде позитивен амбиент со цел подобро разбирање и почитување.

Ја поздравувам конструктивноста во мерките за градење доверба меѓу двете држави. Истовремено, повикувам на нивно проширување со нови содржини. Македонската страна со години дава континуиран конструктивен придонес и иницијативи во насока на градењето доверба меѓу двете држави и општества. Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и за просперитетот на целиот регион.

Почитувани сограѓани,

Второто прашање е поврзано со Договорот за добрососедство со Бугарија.

Од првиот ден на мојот прв мандат се залагам за унапредување на добрососедските односи со сите соседи, и тоа врз основа на принципите за заемно почитување, помош и поддршка. Затоа ја поддржав иницијативата за преточување на Декларацијата за добрососедство од 1999 во Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија. Верувам дека како соседи, ние сме природно упатени на меѓусебна соработка. Уште тогаш предложив како да се пристапи кон двата клучни аспекта: заедничката историја и карактерот на Договорот.

Искуството покажа дека сите проблеми на Балканот настануваат тогаш кога политичарите се занимаваат со историја, а историчарите со политика. Некој ќе каже, Претседателе, па и овој ваш илинденски говор е посветен на историјата. Но, јас не зборувам за историјата. Јас зборувам за принципите и вредностите врз кои се темели нашата борба за слобода, и тоа со неоспорливи историски факти. Моја должност како Претседател е да ги штитам придобивките за кои се бореле и се избориле нашите предци. А тие придобивки нужно ја вклучуваат и вистината за нашето минато, како основа за нашата сегашност и иднина.

Ако започнеме да ги отвораме старите рани, лесно ќе најдеме причини за кавги. Затоа, уште на почетокот јасно посочив дека со Бугарија треба да ги славиме само светлите датуми од заедничката историја на нашите две соседни, суверени и рамноправни држави.

Таа заедничка историја започнува на 15 јануари 1992 година, кога Република Бугарија, под водство на Претседателот Жељу Желев, прва ја призна независноста на Република Македонија. Со тоа, Желев го отвори патот за меѓународно признавање на Македонија и ги разби мрачните сценарија за нови поделби на Македонија. Затоа, предложив заеднички да го славиме 15 јануари – денот на признавањето на независноста. Бидејќи тоа е почетокот на нашата заедничка историја.

Кога, пак, на 19 декември 2009 година стапи на сила визната либерализација за македонските граѓани, заедно со поранешниот бугарски претседател Прванов ги кренавме рампите на граничниот премин Деве Баир – Ѓуешево. Со тоа симболично го кренавме меѓникот што ја делеше Европа на два дела. Затоа, предложив заеднички да го славиме и 9 Мај – Денот на Европа. Бидејќи, таму е насочена нашата заедничка иднина.

Ме радува фактот што Договорот за добрососедство предвидува прослава токму на овој неспорен период.

Но, има луѓе од цивилизациско значење кои треба заеднички да ги слават не само Македонија и Бугарија, туку и сите словенски земји, како светите браќа Кирил и Методиј.

Вториот аспект е поврзан со карактерот на Договорот.

Од самиот почеток на процесот, инсистирав Договорот да биде симетричен. Што значи тоа? Добрососедството е двонасочна улица. Овој договор подразбира дека истите правила важат и за левата и за десната страна на улицата. Она што важи за Македонија, важи и за Бугарија. Придржувајќи се до принципите на рамноправност и реципроцитет, затвораме едно отворено прашање што ги оптоваруваше нашите односи. И, истовремено, отвораме врата за градење меѓусебна доверба и соработка.

Договорот е резултат на компромиси кои не можат секого да задоволат. Вакви договори се израз на компромис што треба да се гледа од аспект на иднината, а не на минатото.

Ги повикувам двете влади да придонесат кон исполнувањето на целта на Договорот, вклучително и преку мешовитата комисија, која треба да работи на градење доверба и пријателство.

Драги сограѓани,

Веќе неколку месеци имаме нова влада, со која имаме споделени надлежности. Во таа насока, сакам да посочам неколку работи.

Прво, Уставот нè упатува да соработуваме на полето на надворешната политика. Во согласност со Законот за надворешни работи, како досега, така и во иднина, учествувам во креирањето на надворешната политика во соработка со Владата.

Очекувам унапредување на координацијата меѓу надлежните институции задолжени за надворешни работи, со цел македонската дипломатија да зборува со единствен, јасен и добро аргументиран глас. Кај мене ќе поминат само оние предлози за амбасадори кои ќе ги исполнуваат критериумите за професионалност, стручност и искуство. Од сегашните и од идните амбасадори очекувам засилен ангажман во насока на реализација на поставените стратегиски цели на Република Македонија. А тоа се: евроатлантските интеграции, добрососедските односи, регионалната соработка и отвореноста кон сите добронамерни партнери. Мора да ги зајакнуваме постоечките и да создаваме нови пријателства и партнерства на билатерален и мултилатерален план.

Второ, со ребалансот на Буџетот, новата влада прави обид за финансиска консолидација во Република Македонија. Сакам да потсетам дека претставувањето, безбедноста и одбраната на државата не се луксуз, туку потреба. Буџетот за претставување на државата не е трошење, туку инвестирање во нови пријателства и партнерства за Македонија. Буџетот за безбедноста и одбраната не е трошење, туку инвестирање во услови за нормално функционирање на државата. Разузнавањето е првата линија на одбраната, а столбот на одбраната е Армијата на Република Македонија. Армијата не само што си ја исполнува уставната обврска да го штити територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, туку честопати ги извршува и задачите на други институции. Оперативната средина се менува. Сè почесто ќе се справуваме со непогоди и со неконвенционални закани. Затоа, Армијата треба да биде подготвена, а за тоа ѝ е потребен зголемен буџет.

Трето, ги поддржувам системските реформи на субјектите на системот за национална безбедност во согласност со уставните надлежности на Советот за безбедност на Република Македонија.

Четврто, врвен приоритет на секоја влада е со успешна економска политика да придонесе кон економски просперитет за македонските граѓани.

Конечно, кохабитацијата подразбира дека треба заедно да работиме на решенија за доброто на граѓаните кои нè избрале. Решенија кои нема да бидат оспорени и нема да предизвикаат штетни последици. Решенија не само до наредните избори, туку и за наредните генерации. Затоа, подготвен сум да кохабитирам за сите закони кои ќе го градат европското лице на Македонија.

Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци,

Почитувани христијани, муслимани, Евреи, атеисти,

Почитувани сограѓани,

Целта на нашите илинденци, партизани и АСНОМ-ци беше слободата од ропство. Целта на нашата генерација е слободата за просперитет.

Членството во Европската Унија и НАТО неминово бара жртва. Но, за секоја жртва е потребен широк национален и државен консензус. Да внимаваме да не го жртвуваме она за што нашите предци се жртвувале. Да не го жртвуваме идентитетот.

Како Ченто, така и ние сме исправени пред повикот на татковината. Треба да одлучиме дали ќе се повлечеме или храбро ќе зачекориме напред. Но, притоа, да не ги изгубиме од пред вид трите Кузманови принципи.

Прво, да го задржиме континуитетот со првиот и со вториот Илинден, со Крушевскиот манифест на соживот и АСНОМ-ските документи за државност.

Второ, да ја продолжиме борбата против новиот фашизам, против исклучивоста, ксенофобијата и омразата, против радикализмот, екстремизмот и тероризмот.

Трето, да создадеме широк македонски фронт во кој ќе има место за просперитет на сите чесни Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, независно од идеолошката или политичката припадност. Да ги оставиме по страна меѓусебните обвинувања и погубните реваншизми. Да се сплотиме околу државните и националните интереси на Република Македонија. Затоа што само сплотени ќе успееме да изградиме европска Република Македонија. И со тоа конечно да го изодиме патот до слободата.

Нека ни е за многу години Илинден!

Да ни се вечни слободата, независноста и сувереноста!

Да живее Република Македонија!

Ivanov 15

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.