|
||||
Коста Рацин поради своите промакедонски ставови бил убиен на 13 јуни 1943г. на Лопушник? |
Кочо Рацин (Велес, 22 декември 1908 - Лопушник, 13 јуни 1943) е македонски книжевен деец и комунистички активист, познат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика. По излегувањето од затвор, во 1938 година, Рацин работи во Белград, каде живеел полуилегално, а своите текстови ги потпишувал со иницијали или со разни псевдоними. Во овој период Рацин бележи особена творечка активност, која ќе кулминира во 1939 година кога ја објавува својата стихозбирка „Бели мугри“. Во меѓувреме пишува и објавува неколку статии и трудови од областа на литературната критика, филозофијата и историјата што од него ќе направат најпознат македонски интелектуалец на просторите на предвоена Југославија. Од областа на литературната критика Рацин ги напишал следните трудови и статии: „Блазираните глупости за насмевката на Мона Лиза“ (1939), „Анѓелко Крстиќ пред судот на Ж. Пламенац“ (1939), „Развитокот и значењето на една нова наша книжевност“ и други кои постхумно ќе бидар објавени. Во овој период, Коста Рацин се спротивставува на истакнатиот српскиот археолог Никола Вулиќ и бугарскиот публицист Ј. Бадев, кои се жестоки противници на постоењето секаква македонска национална култура и политичка самостојност. Во скратениот текст „Развитокот и значењето на една нова наша книжевност“ ((Radnicki tjednik, Zagreb, br. 23, 25. X 1940, 5) преведен од српскохрватски јазик, Рацин за македонската книжевност во перидот пред Втората светска војна ќе напише: „Во долгиот мачен процес на формирање на свеста на народот од Повардарјето, современата иародна книжевност е значајна културна појава и културна придобивка. Пишувана на јазик на кој тој народ најинтимно си мисли, најдлабоко ги чувствува и изразува своите вековни патила и најблагодарните човечки стремежи, тесно поврзана со народниот живот и со неговите прогресивни струи, таа книжевност и не можеше да биде друго освен верен и жив одраз на сите тие патила, страдања и идеали народни, срце и свест и високо кренато знаме народно. Самиот процес на настанувањето на оваа книжевност покажува најдобро дека почетокот бил плодоносен - кога таа била инспирирана од потребите народни, кога го олицетворувала вековниот идеал народен и дека бил наполно залуден кога таа ја губела врската со народот... ... Најправилниот и единствено можен пат кон подем во развитокот на современата книжевност на Повардарјето е во цврстиот потпир врз неисцрпното јазично и изразно богатство на македонскиот фолклор и врз општествените погледи на напредниот општествен елемент. - Ова треба да се запамети, зашто тој претставува внатрешен закон на развитокот на оваа нова книжевност, и зашто одејќи само по тој пат, таа книжевност може да биде вистински народна. Туку, природно, тоа не значи дека развитокот на современата книжевност на Повардарјето станува по ова отворен и сосема рамен. Напротив, токму на ваквото правилно поставување на работите му се противставуваат, логично и не совладливи пречки. Се разбира, тие пречки мораат да бидат надвиени, но мораат исто така да бидат и сериозно сфатени. Зашто и од тоа многу зависи дали оваа наша нова книжевност ќе тргне по навистина прав пат. Објективните услови во кои денеска мора да работи и да живее современиот писател на Повардарјето особено се тешки, многу комплицирани и мачно совладливи. Тој мора да го издржи не само стократно тешкиот напор при изградувањето на една нова и напредна книжевност во околностите на една многу стеснета културна средина, на многу сиромашно или скоро никакво пишано книжевно наследство, опрен единствено врз својата фанатичка волја и добронамерната помош од луѓето со напредни сфаќања, - туку мора да ја издржи и комбинираната навала од противникот, што си го присвојува правото на историска тапија врз срцето и свеста на народот од Повардарјето. Ќе се земе ли при ова предвид до која степен во таа навала се употребуваат, без какви и да се скрупули, сите можни средства, ќе стане јасно на колкави тешкотии и на какви искушенија е изложен еден македонски писател, којшто често живее во некаква зафрлена паланка, осамен, далеку од неопходната книжевна средина и нужните помагала при книжевната работа, и во колкава опасност е неговиот бескомпромисен став, без кој, се разбира, нема вистинска и народна книжевност. Бессилен да го запре неминовниот процес во развитокот на оваа нова книжевност (да се сетиме само за старската зла волја на еден Н. Вулиќ и дивниот му собрат Ј. Бадев), противникот демне секоја лична тешкотија, секоја слабост и пукнатина во личноста на еден писател и тогаш со сите сили настојува да го вовлече во своите мрежи, настојувајќи преку него или да го попречи или пак да го сврти во своја полза формирањето на оваа нова книжевност... Но иако тешкотиите на патот на развитокот на современата книжевност на Повардарјето се многустрани и огромни, вистинските и доследни писатели народни мораат да ги надвијат, мораат достојно да го носат својот позив. Длабоко предани на народните идеали цврсто опрени врз своите вистински будни и единствени пријатели од најнапредниот дел на својот народ, со успех ќе можат да одговорат на својата задача. - Пред нив лежи огромна и светла перспектива и навистина чесен и возвишен позив. Огромното и неисцрпно поетско богатство на Повардарјето - идејниот резултат од вековните патила, борби и идеали народни, ќе се намери, порано, или подоцна, на своите вистински трудбеници, што ќе го подигнат на степен на модерна народна книжевност. Врз^самопожртвуваните одделни луѓе паѓа голема историска чест, но и голема општествена одговорност, да го извршат чесно својот позив. Тие мораат безобѕирно да ги надвијат сите лични и други тешкотии, сите искушенија и сите лични кризи, за да го заслужат достојно вистинското име - народен писател на овој храбар и напреден народ. Делото што го започнаа Пејчиновиќ, Миладиновци и Жинзифов, скршнато еднаш од историските неминовности по друг пат, ќе и се врати сега на својата матица и ќе најде свои достојни следбеници.“ Иако сèуште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, се смета дека поради своите промакедонски ставови бил убиен на 13 јуни 1943 година на Лопушник. (извор: Документи, том втори, Скопје, 1981, сѕт. 188 - 189) Тихомир Каранфилов
|