|
||||
Жаклина Михајлова - добитник на високата Награда „Стојан Христов“ |
На светската поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“, свечено беше доделена Наградата „Стојан Христов“, за најдобра поетска книга на автор кој живее надвор од Македонија и кој твори на македонски јазик. Годинашен добитник на оваа престижна Награда е авторката Жаклина Михајлова, од Сиднеј, Австралија, за стихозбирката „Руен“. По доделувањето на Наградата, Госпоѓата Михајлова се огласи и ја изрази својата благодарност: ...Задоволство е да се добие оваа Награда. Ви благодарам на сите за вниманието што и го посветивте на мојата збирка песни „Руен“ и Ви благодарам за Наградата. Благодарам на Агенцијата на Иселеници што со оваа Награда овозможува постојано да гори пламенот на животот, во поетските македонски души низ светот. Најискрено им благодарам на Организаторите на Струшките вечери на поезијата, како и на членовите на жири комисијата , која одлучи да ми се додели Наградата „Стојан Христов“, токму за стихозбирката „Руен“, стихозбирка која е целосно посветена на македонскиот јазик, на неговата древност, убавина и совршеност. Во утробата на нашата Македонија се крие тајната ни за јазикот, т.е. за нашето постоење. Пронајдените артефакти во Македонија сведочат дека нашите предци и читале и пишувале и си го ценеле јазикот од дамнина. Едгар Алан По рекол дека : „Поезијата е ритмичка креација на убавината низ зборови“, а јас би додала дека зборовите на поетот извираат од душата, течат со љубов, се вгнездуваат во јазикот и испилуваат вечност. Оваа Награда и мојата стихозбирка „Руен“, веќе зачекорија кон вечноста. Уште еднаш од срце ви благодарам за Наградата „Стојан Христов“ и за задоволството да ми биде доделена токму на светската поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“, во мојата Македонија, истакна поетесата Михајлова. Годинава, „Струшките вечери на поезијата“ се одржуваат по 55 пат и траат од 23 до 28 август. Македонска нација |