Македонски Манифест и Светскиот Македонски Конгрес го отфрлаат донесувањето на предлог-Законот за употреба на јазиците утврден од Владата на 4 август 2017 година затоа што е антиуставен и во спротивност со јазичните права на малцинските етнички заедници уредени со членот 7 од Уставот: И во насловот и во неговата содржина! Предлог-Законот за употреба на јазиците ќе внесе башибозук во државната и јавната администрација на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи. Потсетуваме дека од 1998 година постои Закон за употреба на Македонскиот јазик и не е потребно негово нормирање заедно со албанскиот јазик во друг посебен закон, односно со предлог-Законот за употреба на јазиците. Жалиме што предлог-Законот за употреба на јазиците е изработен во спротивност на Уставот, а во согласност со таканаречената “тиранска платформа“, според којашто “Aлбанците се сметаат за државотворна нација“ и бараат “На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службени јазици да бидат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо” (точките 2 и 3 од т.н. “тиранска платформа“). Потсетуваме дека обемот на употребата на албанскиот како службен јазик веќе е определен со членот 7 од Уставот: (1) Личните документи САМО на Албанците, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на албански јазик и неговото писмо во согласност со закон, НЕ задолжително по службеност, туку по лично барање, (2) Секој кој живее во општина во која најмалку 20% се Албанци, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата САМО во тие општини, може по своја волја да го употреби македонскиот јазик или албанскиот јазик, (3) Подрачните единици на министерствата надлежни за овие општини одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на албански јазик и писмо ако барањето е на албански јазик, и (4) Секој, САМО во овие општини, во комуникација со министерствата може по своја волја да употреби македонски јазик или албански јазик, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на албански јазик и неговото писмо ДОКОЛКУ барањето е на албански јазик. Најостро протестираме до Владата и министерствата поради злоупотреба на јазичните права во општините каде што најмалку 20% од граѓаните говорат друг јазик различен од македонскиот јазик и бараме строга примена на Уставот и законите. Притоа, потсетуваме, дека граѓаните самите избираат на кој јазик ќе ги добијат документите од локалната и државната администрација и дека само Македонскиот јазик е задолжителен за сите, а локалната власт нема право документите задолжително за сите граѓани да ги издава на македонски јазик и на јазикот на кој говорат најмалку 20% од граѓаните, спротивно на нивното барање. Сметаме дека за употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општините и градот Скопје, не треба да одлучуваат советите на општините и градот Скопје, туку треба да се донесе Закон во Собранието на Република Македонија! Потсетуваме дека јазичните права на малцинските етнички заедници не може да се прошируваат со Закон во спротивност со Уставот! Предлог-Законот за употреба на јазиците, спротивно на Уставот, го воведува албанскиот јазик на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, а врши јазична дискриминација на сите останати малцински етнички заедници. Укажуваме дека се’ уште не е определен бројот на припадниците на малцинските етнички заедници во државата, поради груб фалисфикат на пописот во 2002 и 2011 година, со злоупотреба на овластувањата на попишувачите Албанци. Сметаме дека бројот на Албанците во Македонија не изнесува повеќе од 13-15% во вкупното население, а разликата е манипулација со книгата на државјани и матичните евиденции, што мора да се ревидира! Потсетуваме дека покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, јазиците на малцинските етнички заедници се службени јазици САМО ВО ОПШТИНИТЕ каде што го користат најмалку 20% од жителите на општината (членот 7 став 6 од Уставот)! Укажуваме дека “во органите на државната власт во Република Македонија, албанскиот јазик може само ДА СЕ КОРИСТИ, во согласност со закон“ (членот 7 став 5 од Уставот), а НЕ и да биде во еднаква употреба со македонскиот јазик “Во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции“ (членот 1 став 3 и членот 2 став 3 од предлог-Законот). Ја отфрламе еднаквата употреба на албанскиот јазик со македонскиот јазик “Во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции“ (членот 1 став 3 од предлог-Законот), бидејќи е во спротивност со Уставот. Неприфатливо е формирањето на Агенција за примена и Инспекторат за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија, коишто во моментов не постојат за македонскиот јазик (членовите 18, 19 и 20 од предлог-Законот)! Го отфрламе користењето на албанскиот јазик: на гранични премини и аеродроми што се наоѓаат во општина и градот Скопје каде што Албанците се повеќе од 20% од жителите; во Владата и нејзините организациони единици и работни тела; на називите на институциите на целата територија на Македонија; на книжните и кованите пари со симболите на малцинските етнички заедници кои се повеќе од 20% од населението, како и на поштенските марки, фактурите и бандеролите; на униформите на полицијата, пожарникарите, здравствените работници; од судија и јавен обвинител во сите постапки; од нотари и на нотарски исправи; пред извршители и постапките пред нив; пред институциите надлежни за извршуавње на санкциите; на седници на Државната изборна комисија и на општинските изборни комисии; со казнени одредби за неспроведување на Законот (членовите 8, 9, 10 и 11 од предлог-Законот)... Оценуваме дека со предлог Законот за употреба на јазиците не се врши усогласување со правото на Европската унија, бидејќи таков правен акт на Европската унија со којшто се предлага усогласувањето НЕ ПОСТОИ, а европското знаменце е со цел елиминација на општиот и амандмански претрес и на јавната расправа. Потсетуваме дека мислењето на Венецијанската комисија не може да биде релевантно за предлог-Законот за употреба на јазиците, бидејќи внатрешниот уставно-правен поредок е суверено, неотуѓиво и неприкосновено право на државите! Сметаме дека предлог-Законот за употреба на јазиците ќе ја наруши стабилноста и безбедноста на земјата, бидејќи воведува двојазичност на целата територија на Македонија и во нејзините меѓународни односи! Сметаме дека јазичните одредби од Охридскиот рамковен договор се дел од Уставот, а Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 101/08 и 100/11), донесен на 13 август 2008 година година, претставува најширока основа за остварување на јазичните права во согласност со членот 7 од Уставот на Република Македонија! Отфрламе итна и скратена постапка за донесување на Законот за употреба на јазиците, туку бараат редовна постапка во три читања, а бидејќи предлог-Законот е од поширок интерес, бараме Собранието по општиот претрес да одлучи по предлог-Законот да се спроведе јавна дискусија и да определи матично работно тело што ќе ја организира јавната дискусија. Бараме предлог-Законот да се повлече од собраниска процедура заради поширока јавна расправа во научните установи и јавноста а во врска со употребата на јазиците на малцинските етнички заедници во согласност со Уставот и законите што ја третираат оваа материја! |