|
||||
Јапонија бара помош од Македонците во 1904 година |
Во 1904 година, Јапонија која се наоѓа во војна со Русија, се обидува да ја добие поддршката и да ги поттикне македонските револуционери да кренат ново востание против Турците, само за да и` ги врзат рацете на Царска Русија во Европа. На 10 февруари 1904 година, двете империи, Царска Русија и Јапонското царство започнуваат војна за превласт над Манџурија и Кореја. Во оваа војна во Источна Азија, најголемите копнени борби се водат во јужна Манџурија, поточно на полуостровот Љаотунг и Мукден во Кина, додека поморските се водат на Жолтото Море и морињата околу Кореја и Јапонија. Иако војната се води меѓу двете империи, во финансиска смисла ова била светска војна, зошто откако Русија ги потрошила своите заштеди на пари, таа била финансирана од Франција, додека пак Јапонија која немала никакви финансиски резерви од првиот до последниот ден на војната била финансирана од Велика Британија и САД. Иако се соочува со низа тешкотии, Јапонија ништо не препушта на случајот. Тие преземаат секакви активности за да ја парализираат руската војска. Нејзините агенти во месец април 1904 година доаѓаат дури во Солун и Цариград со цел да стапат во контакт со Македонската Револуционерна Организација и да ги наговорат повторно на лето да се кренат на востание против Турците. За овој настан пишува белградска „Политика“ од 16 април 1904 година. Во информацијата која е објавена во белградскиот весник на страна 3 под наслов „Јапонците и Македонија“ се вели: „Се слуша дека овие денови двајца јапонски агенти пристигнаа во Солун и Цариград за да ги поттикнат Македонците на ново востание ова лето. Меѓутоа, од сигурни извори дознаваме дека еден јапонски агент скоро бил во Софија, преговарал со тамошниот македонски комитет за востание против Турција и за тоа понудил околу четиристотини илјади златни лири на поклон, само за на тој начин Јапонија да ја попречи Русија и да и` ги врзе рацете во Европа. Колку и да се воодушевуваме на јапонската агилност, толку би ни било чудно ако еден Борис Сарафов не се здружи и со Јапонија кога е во прашање полн паричник, па дури и да е на штета на Славјаните и Русија. Сепак, познавајќи ја желбата на чесните македонски револуционери да работат самостојно без никаква иницијатива од страна, веруваме дека една ваква јапонска постапка ќе остане јалова“. Македонската Револуционерна Организација која по востанието од 1903 година се наоѓала во крајно тешка положба, со нарушени внатрешни односи, нарушена организациона структура по селата и градовите, испрекинати меѓусебни врски и води борби со странските вооружени пропаганди меѓу кои и српската, не била во состојба да крене ново востание во текот на 1904 и 1905 година, додека трае руско-јапонскиот воен конфликт. Иако не била ангажирана во Европа, во војната со Јапонија, која ќе заврши на 5 септември 1905 година, руската војска во далечниот Исток доживува тежок пораз. Ја изгубила пацифичката и балтичката флота. На тој начин се изменил балансот на силите во Источна Азија. Јапонија станува светска сила, а во Русија се јавува незадоволство кај народот од царската и автократската власт што пак ќе доведе до руската револуција во 1905 година. Интересно е што во овој период, кога покрај бугарската и грчката, почнува да дејствува и српската вооружена пропаганда во Македонија, со цел да се асимилира македонското население, во информација на белградска „Политика“ се сретнуваат термините како Македонци и чесни македонски револуционери. Сепак мошне значајно е потенцирањето дека „чесните македонски револуционери сакаат да работат самостојно без никаква иницијатива од страна“, што значи дека се дистанцираат од Белград, Софија и Атина,како и од другите сили. |